СДСМ ПРЕДЛОЖИ СЕДУМ МИНИСТРИ БЕЗ РЕСОР, ЗАЕВ ЌЕ БАРА СЈО ДА КАЖЕ ДАЛИ ЗА НЕКОЈ ОД НОВАТА ВЛАДА СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА

    СДСМ ПРЕДЛОЖИ СЕДУМ МИНИСТРИ БЕЗ РЕСОР, ЗАЕВ ЌЕ БАРА СЈО ДА КАЖЕ ДАЛИ ЗА НЕКОЈ ОД НОВАТА ВЛАДА СЕ ВОДИ КРИВИЧНА ПОСТАПКА„Ако се исполнат сите формално-правни услови, предлогот за нова влада можеме да го поднесеме уште вечерва до Собранието“, рече мандатарот Заев (Фото: СДК.МК)

    Мандатарот за Влада Зоран Заев вечерва ги соопшти имињата на министирите, вицепремиерите и 7-те министри без ресор од СДСМ, откако тие поминаа на Централниот одбор на партијата.

    Предлози на СДСМ за министри се: за финансии Драган Тевдовски, за одбрана Радмила Шеќеринска, за култура Роберт Алаѓозовски, информатичко општество Дамјан Манчевски, за внатрешни работи Оливер Спасовски, труд и социјала Мила Царовска, образование Рената Десковска, за надворешни работи Никола Димитров, транспорт и врски Горан Сугаревски, земјоделие Љупчо Николовски, и без ресор министри ќе бидат Кочо Анѓушев, Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

    „Ако се исполнат сите формално-правни  услови, предлогот за нова влада можеме да го поднесеме уште вечерва до Собранието“, рече мандатарот Заев.

    На прашање зошто Беса не е во Владата, тој рече дека за некои мали работи СДСМ и Беса едноставно не се договориле, но не прецизираше за кои.

    „Тие работи не беа прифатливи за нас, но во иднина можеби и ќе ги надминеме, Беса ќе дава поддршка не за Владата, но за реформите што ќе престојат. Ја повикувам  не само Беса туку и ДПА и ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка за идните реформи. Називот на новата Влада е реформска Влада на РМ“, рече Заев.

    Тој најави дека ќе прати писмо со барање до СЈО за одговор дали за него или за кој било член од неговиот кабинет се води кривична постапка.

    „Ако во иднина се покаже не само во СЈО туку и во идното Јавно обвинителство ослободено од партиските стеги, дека ќе се води кривчна постапка за кој било член на владата, тој повеќе нема да биде во кабинетот“, рече Заев.

    Тој не ги кажа предлог министрите за здравство и локална самоуправа од Алијанса за Албанците, рече дека вечерва Алијансата заседава и тие ќе си ги соопштат нивните решенија.

    Вчера ДУИ соопшти дека Хазби Лика е предлог за вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, Булент Салиу за министер за правда, Садула Дураку за министер за екологија, Крешник Бектеши за министер за економија и Рамиз Мерко за министер без ресор.

    Претходно денеска движењето Беса соопшти дека нема да биде дел од владата на мандатарот Заев, откако не успеале да се договорат со СДСМ за одреден дел од прашањата. Беса нема да гласа за новата влада, поради, како што велат од партијата, составот на владиниот кабинет. Од Беса, за да влезат во новата влада, бараа од СДСМ во владата да нема осомничени лица и да се вклучи декларацијата што ја потпишаа албанските партии во Македонија во владината програма. За СДСМ неприфатливо е нивното барање отворање на прашањето за редефинирање на државата. Од СДСМ соопштија дека и покрај тоа што Беса нема да учествува во владата, „оставаат отворени врати за соработка околу поддршка на реформите што престојат во Република Македонија, како и за се друго од заеднички интерес за сите граѓани на нашата земја“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира