И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЗА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, СПОРЕН Е САМО ЦЕНЗУСОТ, ВЕЛАТ СОБРАНИСКИ ИЗВОРИ ЗА САКАМДАКАЖАМ.МК

    И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЗА  ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА, СПОРЕН Е САМО ЦЕНЗУСОТ, ВЕЛАТ СОБРАНИСКИ ИЗВОРИ ЗА САКАМДАКАЖАМ.МКСДСМ останува на предлогот за Македонија да биде една изборна единица, А ВМРО-ДПМНЕ допрва треба да одлучи. Координаторите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Томислав Тунтев и Драган Данев (Фото: СДК.МК)

    Од 17 до 19 мај пратеници од власта и од опозицијата во процесот „Жан Моне“, во Охрид ќе дебатираат за донесување на реформските закони кои Европската Унија ги бара за Македонија да добие датум за преговори на крајот на јуни.

    Ќе се разговара за собранискиот Деловник, за донесување на етички кодекс за пратениците, за самостоен собраниски буџет и други прашања.
    Координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Тунтев и Драган Данев, најавија дека ќе започнат и разговорите за промена на Изборниот законик. Делот за Државната изборна комисија (ДИК) бил договорен, останува до есен да завршат и разговорите за промена на изборниот модел.

    Старото партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ не прифаќаше една изборна единица, бидејќи со тој систем помалите градови, како Македонска Каменица, Делчево, Берово, Богданци и други немале да имаат пратеници.

    Неофицијално, новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ би можело да се согласи за една изборна единица, ако се договори цензусот.
    Извори и од власта и од опозицијата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека има расположение кај големите партии да се прифати Македонија да биде една изборна единица, но, треба да се дефинира дали ќе има или нема цензус и ако има, колкав ќе биде.

    Копјата се кршат околу прагот за добивање пратеничко место. Дали ќе биде 5, или 3 отсто. Малите партии бараат да нема цензус, или тој да биде три отсто.

    „Цензусот е битен. И да се оди на една изборна единица, ако има висок праг, им одговара и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи малите партии тешко да можат да го поминат прагот од пет отсто.Тогаш џабе промена, кога пак монополот ќе го држат големите партии“, велат пратеници од помалите партии.
    За отворени листи, според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК, нема расположение ни кај власта и кај опозицијата.

    Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев на вчерашната прес-конференција рече дека СДСМ останува на предлогот за Македонија да биде една изборна единица.

    „Меѓутоа една политичка партија тоа не може сама да го дефинира. Тоа ќе излезе како резултат на преговори, што не секогаш, се лесни и не само на преговори меѓу власта и опозицијата, туку и внатре меѓу коалициските партнери“, изјави Тунтев.

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев рече дека треба да започнат и разговорите за промена на изборниот модел.
    „ Верувам дека партиите ќе донесат решенија во интерес на граѓаните односно демократијата во Република Македонија“, изјави координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, вчера во Собранието.

    За евентуално воведување на отворени листи, Данев рече дека таква одлука треба да донесе партијата.

    „Ако мене лично ме прашувате јас немам ништо против да бидат отворени листи, и мислам дека на тој начин волјата на граѓаните ќе биде на повисок степен испочитувана отколку што е сега“, одговори Данев.

    Партиите договориле ДИК да добие привремен состав со мандат од шест месеци, додека до октомври да се договори новиот начин на функционирање на ДИК.

    Според предлогот, ДИК ќе има седум членови од кои претседателот и двајца членови на ДИК ќе бидат од опозицијата, а тројца од власта. Мандатот ќе биде шест месеци.

    „Се надевам дека до крајот на есента ќе завршат преговорите и ќе имаме нови законски решенија за изборното законодавство“, рече Тунтев.
    Измените на Изборниот законик, како што најавија предлагачите, треба да биде на дневен ред на пленарна седница на 21 мај.

    Процесот „Жан Моне“ е инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан, за подобрување на дијалогот меѓу власта и опозицијата по нападот на Собранието на 27 април.

    Тој требаше да се одржи на крајот на јануари, но, поради бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ, која не учествуваше во Собранието поради притворањето на 12 отсто од пратеничката група,  обвинета поради организираниот напад на Собранието од 27 април, беше презакажан за крајот на мај.

    Покрај претседателот на Собранието Талат Џафери, и тројцата иницијатори, во Охрид ќе бидат и тројцата потпретседатели и по тројца пратеници од пратеничките групи.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари