ШЕФОТ НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА СПИКЕРОТ ГАШИ, КОЈ СО РЕПЕТИРАН ПИШТОЛ Ѝ ПОМАГАЛ НА КОСОВСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА БЕЗ СКЕНИРАЊЕ НА БАГАЖОТ ДА ВЛЕЗЕ ВО АВИОН НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ, ЌЕ БИДЕ ИЗБРКАН ОД РАБОТА

    ШЕФОТ НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НА СПИКЕРОТ ГАШИ, КОЈ СО РЕПЕТИРАН ПИШТОЛ Ѝ ПОМАГАЛ НА КОСОВСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА БЕЗ СКЕНИРАЊЕ НА БАГАЖОТ ДА ВЛЕЗЕ ВО АВИОН НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ, ЌЕ БИДЕ ИЗБРКАН ОД РАБОТАПријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од претседателот на Собранието, па заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и на присутните вработени на ТАВ-Скопје и полициски службеници почнал да им се заканува по животот и барал да ја спроведе претседателката Османи до авионот. (Фото: СДК.МК)

    Полицаецот што е шеф на тимот за обезбедување на собранискиот спикер Африм Гаши со репетиран пиштол кон свој колега се обидел да го разреши случајот, кога на 1 август аеродромското обезбедување на Скопскиот аеродром не ѝ дозволило на косовската претседателка Вјоса Османи да се качи на комерцијален лет без да ѝ биде поминат личниот багаж и телефонот на скенер.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР (ОВККИПС ), до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против С. С., началник на Одделение за лично обезбедување на претседател на Собрание, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „Загрозување на сигурноста“ по член 144 од Кривичнот законик и кривично дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“ по член 382 од КЗ.

    Имено, пријавениот С. С. „на ден 01.08.2024 околу 10:30 часот на Меѓународен Аеродром Скопје на паркингот пред ВИП салонот пристигнал со возило со поставени ротациони светла, излегол од возилото и од појасот го извадил пиштолот, го репетирал и повторно го вратил во појасот, а на полицискиот службеник од станицата на Аеродромот Скопје кој извршувал работни задачи пред вратата на ВИП салонот му се обратил на висок тон, го турнал наназад со двете раце и заканувајќи му се го спречил полицискиот службеник како службено лице во извршување на неговите службени дејствија“, се вели во соопштението.

    Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание со цел надминување на недоразбирањето кое настанало со претседателката на Косово во врска со безбедносните процедури за преглед на багаж и електронски уреди при летање со комерцијални летови.

    Потоа, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработените на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, воедно барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.

    „ОВККИПС согласно своите надлежности и овластувања ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник С. С. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а против полициските службвеници С. Р. и Н.Б. ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата“, соопшти Тошковски.

    На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од собранискиот спикер Африм Гаши за испраќање на обезбедување на скопскиот аеродром, премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конгеренцијата по средбата со косовскиот премиер Албин Курти рече:

    „Има надлежни институции кои што ќе го расветлат случајот во два дела. Првиот дел е до моментот додека не доаѓа лицето и вториот дел е откако доаѓа лицето. Доколку институциите констатираат пречекорување или сторување кривично дело, тогаш бидете сигурни дека истото лице ќе биде изведено пред лицето на правдата. Нема никој да биде над законот во оваа земја, не постојат такви луѓе кои ќе бидат над законот додека сум јас премиер. Кога јас нема да сум премиер тогаш може да има такви. Но, додека сум јас не постојат луѓе што ќе бидат над законот. И доколку ова што вие го тврдите се потврди, тогаш бидете сигурни дека за тоа лице ќе има одговорност“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира