СО ДВА ЧАРТЕРИ ОД ГЕРМАНИЈА ВРАТЕНИ УШТЕ 350 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ, СИТЕ ОДАТ ВО ДРЖАВЕН КАРАНТИН

    СО ДВА ЧАРТЕРИ ОД ГЕРМАНИЈА ВРАТЕНИ УШТЕ 350 МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ, СИТЕ ОДАТ ВО ДРЖАВЕН КАРАНТИНПатниците од Берлин со 8 автобуси се однесени во хотелот „Цар Самуил“ во Струмица. (Фото: Влада)

    Со два чартер летови денеска во земјава се вратија 357 македонски државјани затекнати во Германија. Првиот чартер лет од Берлин слета на скопскиот аеродром попладнево околу 15 часот со 176 патници, од кои три се деца. Како што велат од Министерството за надворешни работи вечерва околу полноќ се очекува во Скопје и вториот хуманитарен лет од Бон со 181 патник.

    „Со летот кон Бон однесовме и странски државјани од Скопје. Во соработка со странските претставништва кај нас, им помогнавме при репатријацијата во нивните татковини на 154 државјани на Австрија, САД, Австралија, Чешка, Холандија, Малезија, Словачка, Унгарија. Таква соработка и солидарност ќе има и утре, на летовите кон Виена и Базел ќе однесеме странски, а дома ќе вратиме македонски државјани“, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров.

    Од Владата информираа дека  патниците од Берлин се пренесени со осум автобуси во хотелот ‘Цар Самоил‘ во Струмица.

    „Автобусите се дезинфицирани, опремени со закуска и вода, возачите се со целосна безбедносна опрема“, велат од Владата.

    Министерот за здравство Венко Филипче денеска апелираше да не се стигматизираат граѓаните кои се заразени со КОВИД-19 и оние кои се во каранти.

    „Никој не треба да биде стигматизиран, ниту заболените, ниту луѓето коишто се во карантин. Тоа се здрави луѓе кои мора да поминат 14 дена во самоизолација. Се работи за механизам којшто нѐ штити сите нас и мора да го поддржиме“, рече Филипче.

    Во Македонија заразени со коронавирусот се 259 граѓани, а починаа 6 пациенти.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира