Со сета одговорност кажувам дека ова што го имаме е добар предлог и ги демантирам сите шпекулации кои вчера се појавија во врска со јазикот, дека ќе ни се смени идентитетот, ќе сме биле бугаризирани или дека ова е слепа улица, кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи кој денеска повторно имаше брифинг со новинари за францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ.
Османи кажа дека со овој предлог прашањето за македонскиот јазик се затвора еднаш засекогаш, а македонски станува рамноправен дел дел од Европската унија. Според него, најголема придобивка на францускиот предлог е токму прашањето за јазикот.
„За јазикот слушнав дека имало фуснота, квалификации, Најголемата придобивка на овој процес за кој се бореле генерации беше да се затвори еднаш засекогаш прашањето на јазикот, којшто очигледно беше оспоруван во ЕУ. Ние може да кажеме да никој нема право да оспорува јазик, но во ЕУ досега никогаш не е потпишан европски документ на којшто стои македонски јазик. Рамковната позиција на Бугарија беше дека никогаш нема да дозволи македонски јазик во ЕУ. За сега, во предлогот да стои дека Северна Македонија ќе обезбеди превод на европското законодавство на македонски јазик, тоа е исто како што е и во рамката на Србија -српски јазик и на Албанија – албански јазик. Има само еднострана изјава на Бугарија, нема никаква фуснота, но не е во преговарачката рамка туку во записникот што се прави кога ќе се увојува рамката. Притоа, некој вика јас имам вакво мислење и записничарот го запишува тоа мислање, но тоа не влегува во документот и заклучоците. Туку само дека некој кажал нешто и тоа само еднаш. Можам да кажам под целосна одговорност дека ова е чисто прашање, во рамката се официјализира македонскиот јазик каков таков. И ќе стои на таблата на ЕУ, како и сите други јазици и ќе има копче за преведување на македонски јазик, ЕУ веќе прави листа на преведувачи за македонски јазик“, кажа Османи и рече дека Бугарија во записникот ставот ќе го искаже во изјава согласно португалскиот предлог, односно дека македонскиот јазик не постоел до 1945 година и дека бил еден од нивните дијалекти.
Според Османи, најголемата разлика помеѓу новиот и стариот француски предлог е тоа што македонскиот јазик останува заштитен во ЕУ и објасни како македонската страна хронолошки ги отфрлала претходните предлози да стои „јазик на Северна Македонија“, „јазик согласно Уставот“ и фуснота со ѕвездичка дека македонски јазик за Бугарија е неприфатливо.
Османи објасни дека преговарачката рамка се усвојува истиот ден кога ние ќе кажеме „да“ на предлогот и тука се затвора рамката на преговарачкиот процес односно документот кој нас нè врзува со ЕУ.
„Во таа рамка пишува чист македонски јазик без никави додавки и од тој момент станува официјален јазик на ЕУ во преговарањето, а потоа и кога ќе станеме членка. Бугарија сакаше тој дел воопшто да го нема, да не стои македонски јазик во рамката. Требаше да убедиме 26 земји-членки и во тоа успеавме. Ќе имаме и наша изјава во записникот, која ќе биде според португалскиот предлог и ќе гласи ‘македонскиот јазик е официјален јазик на Северна Македонија, современиот македонски јазик е кодифициран во 1945 година како секундадрна кодификација, не примарна‘“, додаде Османи.
Османи на брифингот демантираше дека билатералните прашања биле внесени во преговарачката рамка со тоа што во неа се спомнува член 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија, според кој се формира заедничка меѓувладина комисија која треба на крајот на годишните состаноци да потпишува протокол во кој се договараат чекорите и темите за спроведување на договорот. Досега е потпишан еден протокол, во 2019, а сега треба да се потпише и вториот. Османи вели дека тоа всушност е креативно решение, игра на зборови за да се задоволат двете страни, а во сушнина и правно тоа е истото како што беше и во германскиот предлог, кој беше прифатлив за сите. Протоколот како документ не се спомува во преговарачката рамка.
„Договорите за добрососедство со Бугарија и Грција секогаш биле во рамката тие беа и во германскиот предлог. Лага е дека францускиот предлог прави нешто повеќе од германскиот. Штом се споменува Договорот со Бугарија тој ги опфаќа сите членови па и член 12. Ова е направено за да се создаде впечаток дека се става фокус на едно прашање, но од правна гледна точка нема разлика“, кажа Османи и додаде дека протоколот за исполнување на билатералниот Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија останува билатерален документ и не е дел од преговарачката рамка.
Како што кажа Османи, единствена разлика на францускиот од германскиот предлог е што прашањето за внесување на Бугарите во уставот се симнува подолу, односно тоа треба да се направи пред втората меѓувладина конференција. Тогаш во Уставот покрај Бугарите, како малцинство ќе бидат внесени и Хрватите и Црногорците. Ако се прифати предлогот, почнува првата меѓувладина конференција на Македoнија со ЕУ, се усвојува преговарачката рамка и ЕУ веднаш го почнува скринингот. Тоj процес обично трае од 6 месеци до две години, период во кој треба дa се смени Уставот и да се внесат бугарското, црногорското и хрватското малцинство, по што следи по автoматизам втората меѓувладина конфереnција и почнува otворањето на 34-те поглавја, едно по едно.
Опозиционите ВМРО-ДПМНЕ и Левица за вечерва во 19 часот закажаа протест пред Владата против прифаќање на францускиот предлог.
А. АНТЕВСКА