СОБРАНИЕТО В ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ГО РАСПИШЕ РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО, РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕ УШТЕ НЕ Е УТВРДЕНО

    СОБРАНИЕТО В ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ГО РАСПИШЕ РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ИМЕТО, РЕФЕРЕНДУМСКОТО ПРАШАЊЕ УШТЕ НЕ Е УТВРДЕНОЕдинствениот јавно кажан предлог за референдумско прашање што го соопшти лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на лидерските средби е: „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција?“; - Заев на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања (Фото: К. Попов)

    Во координација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, собраниската седница за распишување референдум нема да се закаже утре, туку в понеделник, потврдуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК извори од ДУИ, СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Седницата нема да се закаже поради тоа што е викенд. Од ДУИ ни рекоа дека приватните обврски на претседателот на Собранието Талат Џафери со семејната веселба завршуваат вечерва.

    Џафери в понеделник ќе го распише и, според законските рокови, ќе го закаже референдумот на 30 септември 2018 и до понеделник треба да се дефинира референдумското прашање. Физички средби меѓу претставници од ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ засега не се договорени за викендов, но ќе има консултации за составување на прашањето, велат од СДСМ.

    Единствениот јавно кажан предлог за референдумско прашање што го соопшти лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на лидерските средби е: „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција?“

    Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.

    Референдумот ќе биде консултативен, бидејќи не станува тука збор за менување на државните граници или за стапување на Македонија во сојуз со други држави, за да биде задолжителен. Но, пред два дена премиерот Заев рече дека без оглед што е консултативен, волјата на граѓаните ќе се почитува.

    Ако граѓаните излезат 50 отсто плус еден од вкупните избирачи со право на глас и од нив мнозинството гласаат „за“ на референдумот, тогаш името Република Северна Македонија поминува, Уставот ќе биде сменет со видоизменетото име на државата и таа продолжува натаму во спроведувањето на обврските за влез во НАТО и ЕУ.

    Според она што го кажа Заев, ако мнозинството на консултативниот референдум се изјасни против договорот со Грција, нивната волја  ќе се почитува, Договорот ќе пропадне, иако референдумот не е задолжителен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира