СОПРУГАТА БОРКИЦА И МАЈКАТА НАДЕЖДА ИМ ОТВОРИЛЕ НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ ДА ГО БАРААТ ГРУЕВСКИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ

    СОПРУГАТА БОРКИЦА И МАЈКАТА НАДЕЖДА ИМ ОТВОРИЛЕ НА ПОЛИЦАЈЦИТЕ ДА ГО БАРААТ ГРУЕВСКИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИНикола Груевски со сопругата Боркица на гласањето на парламентарните избори на 11 декември 2016 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сопругата на избеганиот осуден пратеник и експремиер Никола Груевски Боркица и мајка му Надежда не се со него во Будимпешта, туку се во земјава и тие ѝ дозволиле на полицијата да го бара кај нив, кажа вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Спасовски, гостувајќи на емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5, рече дека синоќа кога полицијата го бараше Груевски во неговиот дом, Боркица им отворила врата и им дозволила да проверат дека сопругот не е дома.

    Утрово полицијата Груевски го побарала и во домот на мајка му.

    „Мајката на Груевски ни дозволи да го провериме нејзиниот дом и утврдено е дека тој не е таму“, рече Спасовски.

    Спасовски кажа дека Груевски, кој е во Будимпешта каде побарал политички азил, не избегал во Унгарија по воздушен пат, туку ја минал границата незаконски по т.н. зелени премини, а тие, според министерот, не можат херметички да се затворат.

    Груевски, осуден на 2 години затвор за случајот „Тенк“ на СЈО кој требаше да се јаи во затворот Шутка,  денеска околу 13 часот на својот Фејсбук профил напиша дека се наоѓа во Будимпешта и побарал политички азил од унгарските власти.

    „Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, пишува на фејсбук страна на која Груевски и порано се има јавувано со лични статуси.

    Попладнево и од Министерството за внатрешни работи соопштија дека унгарските власти им потврдиле дека Груевски е во Будимпешта и бара азил, по што по него е распишана меѓународна потерница.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира