СПОМЕНИЦИТЕ НА АЛЕКСАНДАР И ФИЛИП ОДАТ ЗА СОЛУН, ИЛИ ДОБИВААТ ПЛОЧКИ СО ОБЈАСНЕНИЕ, ТВРДИ „КАТИМЕРИНИ“ ПОВИКУВАЈЌИ СЕ НА ДОГОВОРОТ

    СПОМЕНИЦИТЕ НА АЛЕКСАНДАР И ФИЛИП ОДАТ ЗА СОЛУН, ИЛИ ДОБИВААТ ПЛОЧКИ СО ОБЈАСНЕНИЕ, ТВРДИ „КАТИМЕРИНИ“ ПОВИКУВАЈЌИ СЕ НА ДОГОВОРОТСпоменикот на Александар Македонски во Скопје, што власта на Груевски под притисок на Грција го прекрсти во Воин на коњ, е спроти споменикот на Филип Втори во чии рамки е и скулптура која ја претставува Олимпија, мајката на Александар Велики со синот в раце (Фото: М. Златевска)

    Спомениците на Александар Велики и Филип Втори Македонски на Плоштадот Македонија во Скопје ќе му бидат дадени на Солун, предвидено е во договорот за решавање на спорот за името што вчера го постигнаа премиерите на Македонија Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, објави грчкиот весник „Катимерини“.

    Според весникот, во договорот се вели дека спомениците или ќе бидат однесени во Солун, или пак, ако тоа не се случи, Македонија ќе треба да постави натписи на статуите и спомениците за да појасни дека тие се симболи на грчката култура – на пример, на споменикот на плоштадот во Скопје ќе има натпис дека тој реферира на хеленистичкиот период и ќе биде означен како симбол на пријателството меѓу Македонија и Грција.

    „Нашите соседи веќе ги сменија имињата на аеродромот, автопатот и стадионот“, вели „Катимерини“.

    Спомениците на Александар Велики и Филип Втори се дел од проектот „Скопје 2014“ што го изгради владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

    Споменикот на Александар Македонски беше отворен на 8 Септември 2011, при одбележувањето на 20-годишнината од независноста на Македонија. Претходно, поради противењето на Грција, власта му го смени името на споменикот вреден 7,5 милиони евра и место Александар Македонски го крсти Воин на коњ, а од релјефите беше избришан по еден крак од 16-кракото сонце од Вергина.

    Споменикот на Филип Втори е спроти Александар од другата страна на Вардар на сега истоимениот плоштад, а е пуштен во 2013. На плоштадот се наоѓа и скулптура која ја претставува Олимпија, мајката на Александар Македонски со синот в раце.

    Авторка на обата споменци е скулпторката Валентина Стевановска.

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари