СУДИИТЕ ОД КРИВИЧЕН ЌЕ БАРААТ ОД ЈОВЕСКИ И СОБРАНИЕТО ДА ГИ СПАСАТ ОД КОНФУЗИЈАТА НА ВРХОВНИОТ СУД СО ИСТРАГИТЕ НА СЈО

    СУДИИТЕ ОД КРИВИЧЕН ЌЕ БАРААТ ОД ЈОВЕСКИ И СОБРАНИЕТО ДА ГИ СПАСАТ ОД КОНФУЗИЈАТА НА ВРХОВНИОТ СУД СО ИСТРАГИТЕ НА СЈОСудиите од Основниот суд Скопје 1 бараат јасно толкување од кога се бројат 18-те месеци на предметите што ги презема СЈО од редовните обвинителства. - Јавниот обвинител Љубомир Јовески; Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски; Претседателот на Основен суд Скопје 1 Иван Џолев (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд Скопје 1 нема слепо да го спроведува начелното мислење што го донесе Врховниот суд на 30 јануари дека СЈО по 30 јуни 2017 не смее веќе да биде овластен покренувач на нови истраги, туку ќе бара изјаснување од Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески и од Советот на јавни обвинители да кажат кој според законот, а не според Врховниот суд, може да биде овластен тужител во оваа држава.

    Ова е првпат понизок суд да бара спас од конфузија и расчистување на дилеми од Обвинителството, место од Врховниот суд, кој ја направи конфузијата.

    Следниот чекор за кој се договориле вчера попладне на колегиум судиите од Основниот суд Скопје 1 е да побараат преку Јавниот обвинител Јовески автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО, бидејќи констатирале дека Собранието и никој друг, а најмалку Врховниот суд, ја има таа надлежност да толкува членови од закони.

    На колегиумот, според извори на САКАМДАКАЖАМ.МК, сепак за судиите било нејасно: дали СЈО не може да презема истраги по истекот на 18 месеци само од преземањето на бомбите од СДСМ? Што со преземените предмети од редовните обвинителства низ Македонија, по 30 јуни 2017 година? Од кога се бројат 18-те месеци за нив? Во тие истраги се „Империја“, „Скопје 2014“, „Талир“, „Поштенска банка“ и други. Независно што Врховниот суд се замешал во работата на Собранието и се впуштил да толкува член од закон, судиите бараат јасно толкување од кога се бројат 18-те месеци на предметите што ги презема СЈО од редовните обвинителства. Tолкувањето на Врховниот суд е дека сите истраги по 30 јуни 2017 година што ги поведе СЈО треба да престанат.

    Триесетте дена мерка куќен притвор за бизнисменот Орце Камчев истекува утре и тоа ќе биде првиот тест за судовите дали Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје ќе го почитуваат начелното мислење на Врховниот суд, кој им ги забрани сите истраги на СЈО покренати по 30 јуни 2017 година. СЈО најавува дека како и досега ќе бара да им се продолжи мерката куќен притвор на осомничените во „Империја“, преземен предмет кој веќе бил отворен во редовното Обвинителство за организиран криминал и корупција.

    Ако двата суда одлучат да им го продолжат притворот на Камчев и на останатите четворица меѓу кои се и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и сопственикот на „Пелистерка“ Цветан Панделески, тие може да се жалат до Врховниот суд, кој на 30.01.2019 година утврди начелно мислење со кое СЈО по истекот на 18-те месеци од преземањето на бомбите на 30.12.2015 година, не е овластен тужител  за преземање нови предистраги и предистраги.

    Член 17 од Законот за кривична постапка вели дека само двајца може да бидат овластен тужител: сите обвинителства, вклучувајќи го и СЈО, и приватен тужител. Сепак, на 30.01.2019 година Врховниот суд СЈО го нарече – неовластен тужител.

    „Специјалното јавно обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов. Тој не може да биде пречекорен, сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. По истекот на тој рок од 18 месеци, СЈО не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“, соопшти тогаш Врховниот суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира