СУДОВИТЕ УШТЕ ГИ ВЛЕЧКААТ ПРОЦЕСИТЕ ПРОТИВ ДЕМОНСТРАНТИТЕ ЗА МАРТИН НЕШКОВСКИ И ШАРЕНИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ

    СУДОВИТЕ УШТЕ ГИ ВЛЕЧКААТ ПРОЦЕСИТЕ ПРОТИВ ДЕМОНСТРАНТИТЕ ЗА МАРТИН НЕШКОВСКИ И ШАРЕНИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИПо објавување на разговорот меѓу тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска со кој се откри како власта сакала да го сокрие од јавноста убиството на Мартин Нешковски, на 5 мај, 2015 илјадници граѓани спонтано излегоа на улица и побараа одговорност и оставки од сите вмешани во разговорите и ги нарекоа убијци. Овој протест заврши со 30 приведени лица и 38 повредени полицајци откако полицијата примени брутална сила и средства за да ги растури демонострантите (Фото: СДК.МК)

    Судските процеси по разни основи не се завршени за најмалку 20 учесници во демонстрациите во 2015  и за десетина шарени револуционери од протестите во 2016 година.

    Десетина демонстранти добија кривични пријави оти со боја ги фарбаа државните институции на протестите што почнаа во април, 2016 поради аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов на  функционерите осомничени од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) дека сториле  повеќе кривични дела. Протестите почнаа на 12 април, 2016 кога беше демолирана и канцеларијата на претседателот во центарот на Скопје.

    Како отворени пред судовите се водат и случаите против студентите кои протестираа на 5 мај, 2015. Тогаш, во бомбата број 29 за убиството на Мартин Нешковски на 6 јуни, 2011 што ја објави лидерот на СДСМ Зоран Заев, а во која зборуваат поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска,  се откри како тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ го криела убиството од јавноста.

    Откако ги слушнаа разговорите, илјадници граѓани спонтано излегоа на улица да го искажат револтот. Побараа одговорност и оставки од сите вмешани во разговорите и ги нарекоа убијци. Овој протест заврши со 30 приведени лица и 38 повредени полицајци, откако полицијата примени брутална сила и средства за да ги растури демонстрантите.

    Според сознанијата на Хелсиншскиот комитет за човекови права, постапките за 24 лица учесници на протестот на 5 мај, 2015  обвинети за непочитување на наредба од страна на службено лице сè уште се отворени.

    „Според сознанијата кои ги има Хелсиншкиот комитет, прекршочните постапки за непочитување на наредба од страна на службено лице, кои беа поведени за околу 24 лица сè уште се отворени, иако нема информација дека е одржано рочиште. Една постапка се води за малтретирање во вршење во служба против полициски службеници поради прекумерна употреба на сила за протестот на 5-ти мај 2015 година, но Јавното обвинителство и по 2 години од доставување на кривичната пријава нема доставено известување дали е отворена истрага. Еден предмет се води за телесна повреда против полициски службеник за протест после 5 мај, и таа судска постапка е во тек“, велат од Хелсиншкиот комитет.

    Покрај случаите со студентите кои протестираа на 5 мај, 2015, по судови од 2016 се влечкаат и предметите против Мариглен Демири, Здравко Савески и Владимир Куновски, членови на партијата Левица. Тие се товарат дека учествувале во демонстрациите кога беше демолирана канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов во центарот на Скопје.

    „Мојот случај веќе од април минатата година е во рацете на правосудните органи. Во мај минатата година, бев повикан на сослушување во Основното јавно обвинителство, додека во септември го имав првото рочиште. Неколку пати се одложуваа рочиштата поради неажурност и лоша координација помеѓу судот и обвинителството во однос на добивање на записници кои треба да се како база на доказниот материјал. Случајот се развлекува и веројатно ќе одземе уште една година“, изјави Мариглен Демири за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Од 2016 трае случајот и со Павле Богоевски, еден од активистите на Шарената револуција, кој сега е пратеник. Тој доби кривична пријава за протестот на 18 април, 2016 кога беше боена фасадата на Министерството за култура, за кое МВР  тогаш изјави дека било објект од значајно културно наследство. Рочиштето е веќе трет пат одложено. Судењето заглави кај вештачењето на штетата што била направена со боење на фасадата на Министерството за култура.

    Кога беше покрената постапката за Богоевски, министер беше Елизабета Канчевска Милевска од ВМРО-ДПМНЕ. Сега ново вештачење на штетата на фасадата треба да побара новиот министер за култура од СДСМ, Роберт Алаѓозовски, еден од учесниците на Шарената револуција.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира