ТРЕБА ДА СЕ ДИСКУТИРА ЗА ДВОЈНИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА НА ФУНКЦИОНЕРИ, НО НЕ ДА СЕ ГЛЕДААТ НИЗ ДИСКУРСОТ НА РАЗГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ТРЕБА ДА СЕ ДИСКУТИРА ЗА ДВОЈНИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА НА ФУНКЦИОНЕРИ, НО НЕ ДА СЕ ГЛЕДААТ НИЗ ДИСКУРСОТ НА РАЗГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА, РЕЧЕ ЗАЕВРедица пред бугарскиот конзулат во Битола. (Фото: СДК.МК)

    „Лесно е да кажеме сите аман нека нема двојни државјанства гледано низ дискурсот на моментот на разговорите со Бугарија. Ама, притоа заборавивме дека има повеќе од 2 милиона наши жители надвор низ светот, тоа е наша дијаспора, тоа се огромни афирматори на македонштината и на македонскиот народ и држава“, рече денес премиерот Заев запрашан дали би поддржал законско решение со кое би се регулирала обврска македонските јавни функционери и политичари задолжително и транспарентно да декларираат дали имаат повеќе од едно државјанство.

    „Не можам да кажам дали ќе поддржам или не“, рече премиерот, при тоа потсетувајќи дека Уставот дозволува бипатритност и дека во Парламентот веќе имало закон кој дозволува дипломатот да има двојно државјанство. Тој посочи дека меѓу амбасадорите кои веќе ги имаат предложено е и Емил Кирјас со огромно меѓународно влијание, кој покрај македонкото има и британско државјанство.

    „Голем дел од нашите граѓани се државјани на многу други европски земји и многу често тоа ни е добредојдено. Треба да ја издискутираме оваа работа, ние не бегаме од дискусиите, сакам граѓаните наши да се изјаснат. Да имаме предвид дека тоа е и нашата дијаспора, ни требаат, е вредна. Имаат и други свои пасоши во Америка, Австралија, Германија, Швајцарија. Но, да чуеме што ќе кажат граѓаните“, рече Заев.

    На 14 декември, на прес-конференција по повод 100 дена Влада, премиерот Зоран Заев кажа дека Владата досега не размислувала, ниту планирала да донесе законски измени со кои сите државни функционери ќе мораат да пријават дали покрај македонското имаат и друго државјанство, но рече „ќе размислиме и ќе го разгледаме ова прашање“. Ова беше неговиот одговор на прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК дали Владата планира законски измени со кои именувани и избрани функционери, пред да стапат на функцијата, задолжително ќе декларираат дали имаат повеќе од едно државјанство и тој податок да биде јавно достапен?

    На 15 декември, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров јавно соопшти дека нема и никогаш немал имал друго државјанство покрај македонското, и дека смета оти граѓаните имаат право да знаат колку (и какви) пасоши имаат политичарите.

    Според Министерството за надворешни работи на Бугарија, 88.540 граѓани на Северна Македонија што имаат бугарски пасоши, а бугарскиот весник „Дневник“ на 11 декември објави дека во последните десет години речиси 66 илјади Македонци добиле бугарско државјанство, пренесувајќи ја изјавата на бугарската министерка за правда Десислава Ахладова во бугарскиот парламент, како одговор на пратеничко прашање. Во сите случаи, основата за доделување на државјанство е доказ за бугарско потекло, додала министерката.

    Прашањето колку пасоши поседуваат македонските политичари го отвори главниот уредник на дигиталната редакција на САКАМДАКАЖАМ.МК Горан Михаловски во неговата колумна „Тази ЕУ“.

    „Ние што сме избрале да живееме во оваа држава сакаме да знаеме дали има резервна држава премиерот, пратеникот, специјалниот пратеник, министерот, градоначалникот, општинскиот советник… Нели е фер на избори да знам дали тој што ги носи одлуките во мое име има резервна татковина. Како што е важно со колку пари си влегол во политиката и колку пари си направил додека си во политика па пријавуваш имот во Антикорупциска комисија, исто така е важно и со колку пасоши си влегол во политиката“, напиша Михајловски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира