В понеделник во Кривичниот суд почнува судењето против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште десетмина лица за продажбата на државно земјиште во центарот на Скопје, за да се гради барокна 20-катница со таканаречени Шпански скали. Предметот за кој обвинението Обвинителството за организиран криминал и корупција го поднесе во 13 декември лани, а во целост беше одобрено во 28 февруари годинава, ќе го суди судијата Владимир Туфегџиќ.
Станува збор за парцелата од 1.046 метри квадратни, односно просторот на Плоштадот, кој сега е плочник со тревник. Ова државно земјиште во 2013 година тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, преку Министерството за транспорт и врски кога министер беше Миле Јанакиески, го продаде на фирмата од Албанија „Амадеус груп“ за 1,5 милиони евра, за да се гради зградата.
Обвинението на Обвинителството за организиран криминал и корупција е против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште против 10 службени лица од Министерството, од Катастар, против нотар, поранешен заменик правобранител и бизнисмени. Тие се осомничени за злоупотреба на службена должност за договори за продавање на државно земјиште. Договорите за земјиштето биле дополнувани со анекси и покрај тоа што не биле исполнувани условите за тоа. Во обвинението се вели дека со своите дејствија обвинетите го оштетиле буџетот за 2,6 милиони евра.
„При спроведувањето на истражната постапка е утврдено дека во периодот од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година, првоообвинетиот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за отуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист“, стоеше во соопштението на Обвинителство при поднесување на обвинението лани во декември.
Град Скопје во рамките на реконструкцијата на плочникот пред Градскиот трговски центар и Портата не можеше да го поплочи и овој дел бидејќи е приватен имот. За да не стои дупка овој дел е уреден со зеленило, па сега јасно може да се види парцелата каде требаше според планот на тогашниот премиер Никола Груевски да никне зграда.
Шпанските скали кои беа замислени како дел од барокната зграда, не влегуваат во парцелата на зградата туку тие се надвор од неа на плочникот кон Плоштадот односно споменикот на Александар Македонски.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов пред два дена при промовирање на новиот плочник кажа дека очекува судот да ги осуди криминалците, да го врати земјиштето во државна сопственост и потоа Градот ќе го уреди во јавен простор за граѓаните.
А. АНТЕВСКА