ВЛАДАТА ЈА ПРОДОЛЖИ ДО 13 МАРТ МЕРКАТА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ СОБИРИ И ЗА НАТПРЕВАРИ БЕЗ ПУБЛИКА

    ВЛАДАТА ЈА ПРОДОЛЖИ ДО 13 МАРТ МЕРКАТА ЗА ОГРАНИЧУВАЊЕ СОБИРИ И ЗА НАТПРЕВАРИ БЕЗ ПУБЛИКАВладата апелира до граѓаните да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со коронавирусот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    До 13 март се продолжува препораката за ограничување на поголеми јавни собири и настани со гости од странство како и препораката спортските натпревари да се одржуваат без публика поради ширењето на коронавирусот низ Европа, одлучи Владата на денешната седница по предлогот на министерот за здравство Венко Филипче. Првобитната мерка беше донесена минатата недела, и важеше до денес.

    „На оваа седница, Владата ја прифати и ја утврди и како своја и препораката на Комисијата за заразни болести, царинските служби и туристичките агенции редовно да доставуваат ажурирани списоци со податоци за патниците кои влегуваат во земјата организирано, како и листи со податоци за патниците кои се превезуваат со редовните линии“, соопшти Владата.

    Согласно ситуацијата во Европа, Владата апелира до граѓаните да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини ако се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со коронавирусот.

    Филипче денес информираше дека во изминатото деноноќие нема нови тестирани пациени за коронавирус (КОВИД-19). Единствената пациентка заразена со коронавирус е во стабилна состојба, негативен е тестот, што значи дека таа веќе не може да ја пренесе болеста, но согласно протоколот, таа денес или утре повторно ќе биде тестирана. За КОВИД-19 е тестирана и нејзината ќерка, но тестот е негативен.

    Филипче кажа дека утрово од македонска туристичка агенција се информирани оти 20 туристи од Сингапур и Јапонија преку граничниот премин Деве Баир со Бугарија ќе дојдат во земјава.

    „Со оглед на тоа дека тие доаѓаат од Романија, каде има регистриран случај, известен е локалниот центар за јавно здравје и тие ќе бидат детално прегледани“, додаде министерот.

    На барање на Министерството за здравство, во соработка со мобилните оператори, од вчера сите патници од странство, при влез во нашата држава, добиваат СМС порака со препорака да се јават на телефонскиот број на Институтот за јавно здравје доколку имаат симптоми на вирусот, независно на кој од четирите оператори ќе се поврзат (Т-Мобиле, А1, Лајка Мобајл и Телекабел).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира