Владата ќе даде 6 милиони, а Град Скопје еден милион денари на Грција како помош за настраданите и за штетите од пожарите близу Атина.
До сега според официјалните информаци во пожарите што ја зафатија Атина бројот на загинати е 60 луѓе.
Премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил напиша дека со одлука на Владата донесена е одлука за интервентна помош од 6 милиони денари, а ќе се формира координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе ја договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина.
„Нашите граѓани со длабока тага ги примаат вестите за големите загуби и жртви од катастрофалните пожари во Грција, во околината на Атина. Изразуваме сочувство до пријателскиот грчки народ и длабока жалост за загубените животи до сите семејства кои во оваа ужасна трагедија загубија свои блиски и пријатели“, напиша Заев на Фејсбук.
Од Град Скопје велат дека веднаш ќе дадат еден милион денари помош на Атина за настраданите во пожарите.
„Ова е прва итна мерка на Град Скопје и остануваме отворени за било каква помош доколку дополнително се побара“, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, кој на 27 април годинава со неговиот атински колега Јоргос Каминис потпишаа договор за соработка.