Владата утре ќе одлучува дали во Скопје, Куманово, Тетово и Штип ќе се воведе полициски час секој ден од 22 до 5 часот. Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција кажа дека предлогот од Комисијата за заразни болести е доставен до Владата и тој ќе се разгледува на утрешната владина седница.
Денеска, Комисијата за заразни болести ѝ препорача на Владата враќање на органичувањето на движење во Скопје, Куманово, Штип и Тетово, каде има голем број активни случаи на КОВИД-19. Предлогот за враќање на полицискиот час во овие места е најмногу за да се ограничи движењето на младите, поради тоа што тие неконтролирано се собираат и групираат, а сендвичарите, пицериите и пекарите, сите работат и по 22 часот, практично цела ноќ.
За останатиот дел од државата не се препорачуваат рестриктивни мерки.
Во земјава денес се дијагностицирани 127 нови случаи на КОВИД-19 од кои 67 се во Скопје, Штип-33 и Тетово-10, тројца пациенти починаа. По општини, активни случаи во Скопје заклучно со вчерашните случаи се Чаир-168, Центар-64, Бутел-63, Гази Баба-58, Аеродром-57, Сарај-55, Карпош-45, Кисела Вода-35, Арачиново-23.
Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја се 3.152, оздравени пациенти се 1.653, починати се 156, а активни случаи има 1.343.
А. АНТЕВСКА