ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ДВА МЕСЕЦА ЗАТВОРЕНИ ДВЕ ХИРУРШКИ САЛИ ОТИ НЕМА КАДАР, ВО ТЕК Е ОГЛАС ЗА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ

    ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ДВА МЕСЕЦА ЗАТВОРЕНИ ДВЕ ХИРУРШКИ САЛИ ОТИ НЕМА КАДАР, ВО ТЕК Е ОГЛАС ЗА МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИДве хируршки сали се затворени оти нема доволно медицонски сестри и анестезиолози, а во болницата работата е така организирана што секој оддел еднаш во неделата не прави операции; - Од отворањето на новиот Оддел за трауматологија во Градската општа болница „8 Септември“ кој иако е опремен со кревети уште не може да прими пациенти (Фото:Ѓ. Личовски)

    Втор месец Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ работи со две операциони сали помалку, односно од седум хируршки сали во болницата во функција се пет. Работата во болницата е организирана така што еден ден операции прави еден оддел, следниот ден друг, односно секој оддел по еден ден во неделата не прави операции.

    „За да може комплетно да функционираме потребни нѝ се 40 медицински сестри, но од Министерството за здравство и од Министерството за финансии добивме одобрение за само 20. Имаме и вработени кои се со договор на дело и за нив баравме одобрение два пати лани, но од Министерство за финансии не ни одобрија да ги вработиме. Годинава пак баравме согласност, од Министерство за здравство добивме одобрение, сега чекаме од финансии“, вели директорот на ГОБ „8 Септември“ д-р Кристијан Костов.

    Од Министерство за здравство велат дека лани на болницата ГОБ „8 Септември“ ѝ одобриле 45 нови вработувања на неопределено време и уште 100 со договор на дело.

    „За годинава се одобрени 23 нови вработувања на неопределено време и обновување на договорите на дело за другите 100“, велат од Министерство за здравство.

    Со една операциона сала помалку работи и новоотворениот Оддел за трауматологија. Салата е затворена бидејќи во болницата недостигаат анестезиолози и медицински сестри. Менаџментот на болницата тврди дека за десетина дена повторно ќе ја отворат новата хируршка сала, бидејќи во тек е оглас за прием на медицински сестри, а нашле решение и за анестезиолозите.

    „Во тек е оглас за вработување медицински сестри. Ни одобрија да примиме 20 медицински сестри и тоа треба да заврши за десетина дена и да ја отвориме салата. Го решивме и проблемот со анестезиологот, на помош ни доаѓа колега од Клинички центар“ , вели д-р Костов.

    Хируршката сала на новиот Оддел за трауматологија беше затворена на почетокот на минатиот месец. Тогаш директорот Костов рече дека салата ја затвориле бидејќи има кусок од кадар, односно дека му недостигаат 40 медицински сестри, а пред крај на минатата година се пензионирале и тројца анестезиолози, па целата болница работи само со 9 специјалисти анестезиолози. Од ситуацијата најпогоден е одделот за ортопедија, каде се откажуваат и презакажуваат веќе планирани операции, бидејќи од снегот и мразот се зголеми бројот на пациенти со скршеници.

    Новиот Оддел за трауматологија во ГОБ „8 Септември“ беше отворен на 7 септември 2018, непосредно пред Денот на независноста на Македонија. Тој е сместен во просториите што претходно ги користеше приватната болница „Филип Втори“. На отворањето на Одделот, за кој првично беше најавено дека ќе биде Траума центар, присуствуваше и премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица. Тој тогаш кажа дека во новиот оддел, кој е направен по најмодерни стандарди, се очекува да се лекуваат 2.000 пациенти годишно. Поради недостиг на медицински сестри на тој оддел проработеа само хируршките сали, но не и стационарот за пациенти.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира