Седумдесет лица во земјава се заразени со коронавирус, објави министерот за здравство Венко Филипче.
Откако утрово беше објавено дека се позитивни 67 лица, сега нови потврдени се уште три лица. Од трите нови лица една пациентка била во Србија, позитивен е тестот на бабата на 4-годишното девојче кое беше вчера дијагностицирано и уште еден пациент од Скопје.
Сега градови каде има заболени од КОВИД-19 се Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид.
Пациентката од Дебар, која беше првозаболена, е во критична состојба и е на респираторна машина.
Филипче кажа дека ќе се обединат капацитетите на двете лаборатории, од Центарот за јавно здравје и лабораторијата на приватната болница „Жан Митрев“ во Скопје.
Со исклучок на 4-годишното девојче од Штип, просечната возраст на сите пациенти заболени со коронавирус е 40 години. Сите случаи кои беа тестирани во „Жан Митрев“ се поврзани со веќе позитивни пациенти.
Пациентите на Инфективната клиника се лекуваат со симптоматска и антибиотска терапија. Филипче кажа дека во светот има добри резултати од лекови кои се користат за маларија, и дека со Фармацевтскиот факултет ќе ги анализираат тие стручни трудови дали имаат ефект.
Досега се направени 888 тестови, а во Центарот има уште 1.400 тестови.
Од понеделник ќе се прават тестови во поликлиниките во Чаир и во „Јане Сандански“.
Б. НЕСТОРОСКА