Вработените во институцијата Народен правобранител на Република Северна Македонија, чија основна функција е заштита на правата на сите граѓани, бараат некој да ги заштити нивните права, како што велат, од деспотизмот на Омбудсманот Иџет Мемети. Таму со месеци има војна меѓу Замениците што ги избра Собранието и поголемиот дел од вработените од една, и Омбудсманот Мемети од друга страна.
Со месеци му пишуваат, незадоволни од кратењето на нивните права дадени со закон и за омаловажувачкиот однос што наводно го имал подолг период кон сите.
САКАМДАКАЖАМ.МК ја слушна и страната на Мемети, кој остро се спротивстави на поплаките на замениците и на вработените во институцијата, нарекувајќи ги мрзеливи неработници.
Најголемиот судир е меѓу Заменикот-народен правобранител Јован Андоновски и Мемети, кој неодамна своеволно му ги одзел надлежностите, му го одзел правото на потпис и го ставил обичен службеник-извршител. Замениците ги бира Собранието и тие имаат речиси исти законски надлежности како Омбудсманот.
Андоновски пишува отворено писмо до Мемети, ги информира амбасадите за, како што вели, изживувањето врз него, по што овој му вратил дел од одземените надлежности. Андоновски вели дека подготвил информација и до органот што го избрал, Собранието.
„Јас сум постапил согласно моите надлежности и имам факти и докази зошто сум го сторил тоа. Кај едниот од моите заменици сум нашол малверзација со предмет. И друго, замениците ќе бидат Омбудсмани кога јас ќе кажам. Не е ова случај: го нема Талат, ајде нека седне Фросина да води седница. Читајте ги законите“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Мемети.
На ова, Андоновски вели:
„Над 20 години на функција, од кои 16 како Народен правобранител кој ретко свраќа на работа, не е чудо да сте ги заборавиле законите и правото. На заканите: ‘Работиш за една партија! Ќе имаш советник кога јас ќе сакам! Ќе те уништам! П..ка ти матер!’.. и други, стојам на располагање со документи за стотини сработени предмети со успех, заштитени права на обесправени граѓани, а и со подготвена тужба за мобинг“, вели заменикот Андоновски.
Покрај ова, Андоновски и другата заменичка Сузана Салиу примиле решенија од Мемети со кои тој поради препораките за работа од дома во пандемијата со коронавирус, им пресметал истрошени 14 дена од новиот одмор. Андоновски го испрати решението до САКАМДАКАЖАМ.МК, како и одговорот на тоа решение до Мемети, каде му укажува дека најостро го крши уставното и законското загарантирано право на користење на годишен одмор, со незаконски и своеволни математички пресметки на Мемети, како што велат. Но, и дека решенијата се без право на правна поука, без право на жалба, нешто за кое многу граѓани се жалат пред Народниот правобранител и оваа институција има отворено и добиено безброј предмети пред институциите.
Има вработени кај Омбудсманот кои воопшто нема да имаат нов одмор. Со измислена категорија „платено отсуство“, каква што не постои во законите, наводно Мемети им пресметал дека тие всушност го искористиле годинешниов одмор.
Патем, Народниот правобранител Мемети ништо од ова не негира и ги кажува причините за својата постапка.
„Јас, како раководител на институцијата, сум меѓу другото задолжен и за здравјето на сите вработени. Пет месеци седеа дома, ништо не работеа. Се извадија од памет од два-тројца заразени од коронавирус овде во институцијата, останаа дома. Дежурствата им беа еден или два дена на работа, четири или три дена дома. Точно знам кој каде кликнал, колку сработил, дали дошол на работа и кога си отишол. Системот е електронски. Ќе си го добијат остатокот на одморот, кога јас ќе проценам дека работата е сработена и вработените треба да го земат. Законот вели до 31 декември. Има време“, вели Мемети, според кого има и такви вработени од внатрешноста, кои за да не патуваат и се стават на ризик од зараза, биле ослободени по три месеци и од дежурства.
На ова, замениците и вработените велат дека нема застој во предметите, секој си работел од дома, доказите се на маса, треба да му се предочат на Парламентот и на неговите тела и тој како надлежен орган да донесе заклучоци.
С. К. ДЕЛЕВСКА