Претседателот и Врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски и претседателот на Словенија, Борут Пахор денеска во Охрид го посетија Кампот за обука на вода на Армијата на Македонија.
Претседателите Пендаровски и Пахор, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски се запознаа со дел од обуката која ја изведуваат припадниците на баталјонот за специјални сили, како и со можностите и начинот на работа коишто ги нудат овие капацитети на Армијата во состав на Командата за обука и доктрини.
Припадниците од Баталјонот за специјални сили пред претседателите прикажаа постапки кои се применуваат за ситуација на заложничка криза на пловен објект. Во вежбата беа вклучени и хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ на Армијата при што се демонстрираше висок степен на обученост и извежбаност за извршување на сложени задачи на вода согласно НАТО стандардите кои се применуваат во вакви ситуации.
Словенечкиот претседател Пахор беше запознаен со мисијата и задачите на Армијата, а припадниците на баталјонот за специјални сили пред присутните изведоа кратка показна вежба на која презентираа дел од боречките вештини.