Премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети синоќа имале средба кај претседателот Ѓорге Иванов, соопшти доцна синоќа неговиот Кабинет.
Според соопштението на сајтот на Претседателот, средбата во Вила Водно се реализира како резултат на претходно започнатите разговори.
На 28 ноември, вечерта по приведувањето на 36 осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок за организираниот напад на Собранието на 27 април, меѓу кои и 6 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на средба кај претседателот беа премиерот Заев и Груевски.
За синоќешната средба соопштено е дека „беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија и се разговараше за решенија за излез од моменталната состојба на тензичност во државата, а која што предизвикува загриженост кај граѓаните“.
„Соговорниците се согласија дека е неопходно сите чинители во општеството да се насочат кон градење консензус за национален дијалог, во функција на помирување и нормализирање на политичките процеси, како основа за продолжување на реформските приоритети на Република Македонија. За прашањата кои предизвикаа интерес на оваа средба, разговорите ќе продолжат и во иднина“, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателот.
Собранието денеска ќе расправа за барањето на Основен суд Скопје 1 за одобрување притвор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Жаклина Пешевска и за пратеникот Љупчо Димовски од Социјалистичката партија. Пленарната седница на која што ќе се расправа за барањето на Одделението за организиран криминал и корупција при Основен суд Скопје 1, поднесено на 28 ноември, ќе почне во 12 часот. Единствени точки на дневниот ред на оваа собраниска седница се барањата за притвор на шесте пратеници.
Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања вчера со пет гласа „за“ го прифати барањето за одобрување притвор на овие пратеници, кои се осомничени за кривичното дело за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април. Минималната казна за ова кривично дело е 10 години.