ЗАЕВ  ОЧЕКУВА ФОРМИРАЊЕ НА ДИК НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА В НЕДЕЛА

    ЗАЕВ  ОЧЕКУВА ФОРМИРАЊЕ НА ДИК НА ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА В НЕДЕЛАОпозициската ВМРО-ДПМНЕ во собраниската Комисија за европски прашања поднесе над 400 амандмани на измените на Изборниот законик според кои новиот состав на Државната изборна комисија ќе се бира со 61, наместо сегашните 81 глас; - лидерот на партијата Кристијан Мицкоски на вчерашната лидерска средба дојде со Тања Каракамишева (Фото: К. Попов)

    Премиерот Зоран Заев очекува на лидерската средба да се договори и составот на Државната изборна комисија (ДИК)  затоа што притискаат роковите за успешно спроведување на референдумот за името.  Тој рече дека продолжуваат разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и најави нова лидерска средба в недела или в понеделник.

    „Ќе му дадеме шанса на дијалогот и на разговорот сè додека тоа е возможно. Секако, при тоа Парламентот продолжува да работи, и разгледувањето на измените и дополнувањата на Изборниот законик продолжува во комисиите на Парламентот. Напоменувам, очекувам на лидерска средба да се договори и имплементацијата на ДИК. Тоа е моето очекување. Тоа е очекување и на парламентарното мнозинство“, рече премиерот Заев на вчерашната прес-конференција по лидерската средба.

    Неофицијално, партиски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека до понеделник интензивно власта и опозицијата ќе разговараат за да најдат решение за ДИК, но паралелно во исто време продолжува и собраниската постапка за измените на Изборниот законик, на кои е ставено европско знаме за да се фатат роковите предвидени во собранискиот Деловник, во случај да нема договор за ДИК.

    Со измените на Законикот,  се предлага новиот состав на Државната изборна комисија да се бира со  61, наместо сегашните 81 глас.

    По завршување на лидерската средба, вчера претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби закажа седница на која се расправаше за измените на Изборниот законик поднесени од Владата по скратена постапка. Претседателот на Комисијата Артан Груби изјави дека ја закажал седницата бидејќи измените се со европско знаме, за да го запази рокот предвиден во собранискиот Деловник. Според собранискиот Деловник, Комисијата за европски прашања има два работни дена за да ги разгледа амандманите и да гласа за измените на Изборниот законик, па потоа предлогот оди на пленарна седница.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата поднесе над 400 амандмани на измените на Изборниот законик. Бидејќи амандманите беа поднесени пред почетокот на седницата, тие треба и да се преведат, па потоа Комисијата ќе ја продолжи работата со  разгледување.

    Опозицијата го обвини мнозинството дека со закажувањето на Комисијата го крши Уставот, законот, Деловникот и обвини дека веќе во Собранието станува пракса да не се почитува правната држава.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира