ЗАЕВ ВО ЛОНДОН, СУДЕЊЕТО ЗА „ПОТКУП“ ОДЛОЖЕНО ЗА 6 МАРТ

    ЗАЕВ ВО ЛОНДОН, СУДЕЊЕТО ЗА „ПОТКУП“ ОДЛОЖЕНО ЗА 6 МАРТИ по година и пол откако е поднесено обвинението за „Поткуп“, судењето никако не може да почне; - Премиерот Зоран Заев по едно од многубројните одлагања на судењето (Фото: СДК.МК)

    Судскиот процес против премиерот Зоран Заев денеска повторно се одложи во Основниот суд Скопје 1. Овојпат одлагањето е поради еднодневното службено патување на премиерот во Лондон со владина делегација заради учество на Самитот на ЕБРД за Западен Балкан. Судењето, на барање на одбраната, која го известила Судот за службеното отсуство, е презакажано за 6 март.

    По серијата одлагања поради тоа што одбраната се жалеше на законитоста на посебните истражни мерки (ПИМ), на кои базира обвинението против Заев, судењето никако да почне и да фати тек.

    Заев е обвинет за барање поткуп додека бил градоначалник, од струмички бизнисмен – сведок во постапката, Поткупот наводно му го барал за легализација на земјиште. Посебните истражни мерки, кои се клучни докази на обвинението, уште веднаш беа објавени на Јутјуб, што е кривична одговорност. До денеска, Обвинителството не откри од каде истекоа тие снимки и кој е одговорен за тоа.

    Овој предмет има нов судија, Дарко Тодоровски, кој го наследува предметот од судијката Дијана Груевска – Илиевска. Има и нов обвинител, што значи, на 6 март и да дојде Заев, одново ќе почнува процедурата (земање лични податоци, изјаснување за вина, приговори за доказите, оспорување на јавно објавените посебни истражно мерки).

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира