ГРАДИНКА ПОД ЗЕМЈА ПРЕДЛОЖИЛ ПЛАНЕРОТ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА ШЕСТЕ КУЛИ ОД 20 ДО 35 КАТОВИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕ

    ГРАДИНКА ПОД ЗЕМЈА ПРЕДЛОЖИЛ ПЛАНЕРОТ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА ШЕСТЕ КУЛИ ОД 20 ДО 35 КАТОВИ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СКОПЈЕПланерската куќа „Билд урбан“ нацртала мултифункционален простор под плоштадот кој треба да се предвиди во овој дел и во рамките на него предложиле да има градинка. (Фото: К. Попов)

    Градинка под земја предложиле од планерската куќа „Билд урбан“, која го прави Деталниот урбанистички план (ДУП) за просторот кај „Холидеј ин“ во строгиот центар на Скопје. За да има инвеститорот повеќе простор за згради и деловни објекти, планерите на состанок со Комисијата од општина Центар предложиле децата кои ќе живеаат во овој дел осум часа во денот да бидат под земја, без зрак светлина и сонце.

    На првите состаноците кои ги имале членовите на Комисијата за ревидирање на деталните планови со планерите, се дале насоки на овој простор да се предвиди и градинка, бидејќи ако има станбени згради тогаш потребно е и соодветна инфраструктура за тие жители. Планерите несакајќи да трошат парцела за јавна установа и за да имаат повеќе простор за згради, како што велат од Комисијата за САКАМДАКАЖАМ.МК, нацртале мултифункционален простор под плоштадот кој треба да се предвиди во овој дел, и рекле дека во рамките на него може да има и градинка.

    Членовите на Комисијата остро реагирале на овој изум на планерите, не го прифатиле предлогот и им било наложено да нацртаат маркичка за градинка во рамките на парцелата која е доволно голема и без проблем таков објект може да биде предвиди.

    По три враќања на планот на доработка кај планерите, градинка сè уште не е нацртана. Општина Центар сега бара правен начин како да го раскине договорот со „Билд урбан“, која на тендерот за цена од 1 денар прифати да го работи овој план.

    „Со тоа, тие не работат по нашите насоки за хумано живеење и плански уредување на просторот, туку по барањата на инвеститорот“, велат од Општината.

    Според планот кој сè уште се изработува, засега на просторот се предвидуваат шест кули со висина од 20 до 35 катови. Со претходниот план имаше маркички за три 60-катници. Од Оштината немаат забелешки за постоење на зградите бидејќи висината била двојно намалена, но бараат во средината на парцелата да има плоштад, а околу него да бидат нацртани зградите. Со тоа просторот би бил отворен и јавен, налик Градски ѕид. Треба да бидат испланирани влезови и излези од сите страни и целосно да биде отворен кон реката Вардар и плоштадот Богородица. Но, планерот црта маркичка за една кула токму на тој не дел и не сака да постапи по забелешките на Општината да ја постави на друга локација.

    Сопственици на просторот кај „Холидеј ин“ се фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“. Тие најпрво располагаа со површина од 4.605 метри квадртани кои ги купија од физички лица и со тоа се стекнаа со 30 проценти од градежната парцела. Потоа во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугерески од СДСМ, го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот и наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака, сега е приватно и се бараат и планираат маркички за згради.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира