ИМАМЕ ЗА ШТО ДА СЕ РАДУВАМЕ, ЗА ДВЕ ГОДИНИ И 10 МЕСЕЦИ НАПРАВИВМЕ МНОГУ ЗА ПАТОТ КОН ЕУ, КАЖАА СПАСОВСКИ, ДИМИТРОВ И ОСМАНИ

    ИМАМЕ ЗА ШТО ДА СЕ РАДУВАМЕ, ЗА ДВЕ ГОДИНИ И 10 МЕСЕЦИ НАПРАВИВМЕ МНОГУ ЗА ПАТОТ КОН ЕУ, КАЖАА СПАСОВСКИ, ДИМИТРОВ И ОСМАНИЧовек со маска минува покрај канцеларијата на ЕУ во Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Денешното признание е резултат на тешките одлуки кои ги донесе Владата и владејачкото мнозинство во Собранието. Без Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија овој успех немаше да биде возможен“, кажа техничкиот премиер Оливер Спасовски, откако Советот за општи работи даде зелено светло Македонија да ги почне пристапните преговори со Европската унија.

    Спасовски кажа дека Владата ќе работи посветено, брзо и со успех да ги затвориме преговоирте и земјава да стане членка на ЕУ.

    „Постигнавме завидни резултатите во сите области. Денешната одлука е повеќе од заслужен успех, признание кое требаше и порано да го добиеме, во октомври 2019 година. Но, денеска се исправа грешката. Патот ни е отворен и единствена насока е само напред. Земјава ќе треба да се менува, да минува низ трансформација како и сите останати земји кои станале членки“ рече Спасовски.

    Спасовски, заедно со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ги повикаа граѓаните од сите политички партии и етнички заедници да се радуваат на овој успех и да помогнат да се избориме со коронавирусот.

    „Колку брзо ќе ги завршиме преговорите зависи од нас, од оваа Влада, од идната Влада. Бидејќи долго време сме во процесот на стабилизација и асоцијација од 2001 година, земја кандидат од 2005, во голем дел од областите имаме солидно ниво на усогласеност со европското законодавство. Имаме право да се израдуваме на ова, работевме многу напорно, за 2 години  и 10 месеци оваа Влада успеа да ги реши проблемите, да произведе реформски елементи, да влеземе во НАТО и да ги отвориме конечно пристапните преговори со ЕУ. Иднината ни е позитивна и просперитетна.  Да го победиме коронавирусот и  има кон што да се стремиме“, кажа министерот за надворешни работи Никола Димитров.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира