При повторното отворање на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во Преспа би било од особена вредност надлежните органи на Грција и Македонија заеднички да ја разгледаат промоцијата на спомен-плочата за седумтемина младинци од Лерин убиени од бугарскиот фашистички окупатор на 17 јануари 1944 година и историските настани поврзани со тоа. Ова го предлага Стратос Василопулос, генерален секретар на Здружението на хотелиери на Општина Преспа, Грција, потпретседател на Институтот за одржлив развој „Преспа“ и на турата „Преспа оф роуд“, по текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК дека на Маркова Нога зачувана е спомен-плочата за седумте младинци од Лерин.
„Дискретна и историски документирана интервенција би можела да оддаде должно почитување на сеќавањето на жртвите, а воедно да ја истакне историската важност на регионот како место кое доживеало војна, окупација и отпор, но денес може да биде точка на соработка, мир и добрососедство“, предлага Василопулос.

Во 1978 година, коските на младите биле ексхумирани и пренесени во Лерин, по дипломатски акции и соработка меѓу тогашните грчки и југословенски власти. (Фото: Флорина паст)
Во текстот што тој го објави на социјалните мрежи, а посветен на доистражување на темата со спомен-плочата, истакува дека новиот граничен премин создава можност да се истакне помалку позната страница од локалната историја, потсетувајќи нè дека жителите на регионот ја доживеале окупацијата на суров начин и активно учествувале во отпорот против силите на Оската и нивните соработници, плаќајќи висока човечка цена.
„Историската меморија не треба да биде поле на поделби или предрасуди. Напротив, кога се заснова на документација и меѓусебно почитување, може да функционира како мост на разбирање меѓу народите и како вредно наследство за идните генерации“, пишува Василопулос.
Тој ја истражи темата од грчки извори, користејќи податоци од Спирос Папахарисис, истражувач по локална историја, и од статиите објавени на веб-страницата „Флорина паст“, како и и усните сведоштва на мајка му Елпиники Василопулу, по потекло од Агиос Германос (Герман), Преспа, која ги преживеала настаните од периодот на окупацијата.
Василопулос пишува дека по капитуалцијата на Италија во септември 1943 година, Бугарите го прошириле своето дејствување на грчка страна и вршеле одмазда за помошта што жителите му ја давале на ЕЛАС (Грчката народноослободителна армија). Седумте младинци биле уапсени во јануари 1944 година на селски пат кон Герман кога се обидувале да се приклучат кон отпорот. Имале од 17 до 20 години, врзани со жица толку цврсто што според сведоштвата, им капела крв од зглобовите и телата. Биле тепани и со кундаци од пушки и постојано клоцани. Однесени во објектите на бугарската војска кај Маркова Нога, погубени и погребани во јама што самите биле принудени да ја ископаат на местото на погубувањето.
Триесет и четири години подоцна, во 1978 година, коските на младите биле ексхумирани и пренесени во Лерин, по дипломатски акции и соработка меѓу тогашните грчки и југословенски власти.
САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека на преминот Марков Нога, на македонска страна, кој е во фаза на реконструкција, зачувана е спомен-плочата за седумте младинци од Лерин кои беа измачувани и убиени од фашистичките сили за време на Втората светска војна. Таа се наоѓа во близина на новата инфраструктура што е подигната на преминот. Гранитот од годините и атмосферските влијанија е потемнет, но на него јасно може да се прочита испишаниот текст: „На седумте младинци борци од Лерин, ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор“.
Општинското собрание на Ресен во социјалистичкиот период, во чест на загинатите момчиња на местото каде што беа убиени во непосредна близина на грчката граница подигна спомен-плоча и засади седум борови.
Во иднина плочата ќе треба да се реставрира и да ѝ се најде соодветно место на Маркова Нога.
Ж. ЗДРАВКОВСКА




