Прашањето повеќе не е дали Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, туку кога тоа ќе се случи и дотогаш Холандија ќе продолжи критички да ги следи неопходните реформи, вели амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК. Но, вели тој, овој процес не ја става Северна Македонија во неправична позиција, туку, напротив, тоа би требало да ја стимулира државата да ги преземе следните неопходни чекори на патот кој го избрала.
За сеприсутната корупција кај нас, тој вели дека е состојба на умот, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца.
- Впечатокот на македонските граѓани за Холандија е дека е земја партнер која ја поддржува Северна Македонија од првиот ден на нејзината независност, и не само политички туку и финансиски. Холандија се смета за модел на кој треба да се угледуваме кога станува збор за човековите права, без оглед на тоа дали се работи за малцински права во однос на етничкото потекло, попреченост, полова еднаквост, права на припадниците на ЛГБТИ заедницата…
Зошто Холандија молчи сега, кога бугарското вето за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија се заснова на деградација на овие основни човекови права и негирање на овие фундаментални вредности на ЕУ?
Очигледно се работи за краткотрајна меморија. Во март 2020 година, Северна Македонија не само што стана членка на НАТО, туку доби и зелено светло од ЕУ за да стане нејзина полноправна членка. Двете работи се случија со целосна поддршка од страна на Холандија. Иако она што требаше да биде свечен момент беше во голема мера засенето од ситуацијата со корона вирусот, прашањето повеќе не е ДАЛИ Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, туку КОГА тоа ќе се случи.
И покрај многуте итни прашања како што се коронавирусот, Брегзитот, масовната имиграција и слично, од март наваму Европската комисија, заедно со земјите членки, ја подготви преговарачката рамка за Северна Македонија. Холандија даде целосна поддршка за овој документ и заедно со останатите земји членки се согласи за почеток на преговорите; сите земји членки, освен една, Бугарија. Бугарија сакаше во преговарачката рамка да се додадат прашања од билатерална природа, на кои, според останатите земји членки, таму не им е местото. Бугарија во ова е сама. Исто така, треба да се запомни дека многу други држави мораа да решат тешки билатерални прашања пред да станат членки на ЕУ. Во меѓувреме, сето ова не треба да се драматизира на начин на кој се чини дека се прави во моментов. Поминувањето низ 35-те преговарачки поглавја со ЕУ во наредните години значи дека на патот пред вас има многу семафори и на секој од нив треба да се запали зеленото светло. Понекогаш, чекате подолго отколку што сте очекувале. Сепак, за повеќето семафори Северна Македонија најверојатно ќе забележи дека, имајќи го предвид напредокот кој државата веќе го има постигнато, зеленото светло ќе светне порано од очекуваното. Мојата порака би била да не се придава премногу значење на секој поединечен семафор, туку да се продолжи со реформите. Крајната цел не е да се помине бугарскиот застој на овој семафор, туку членството во ЕУ на крајот на патот.
- Голем дел од промените во Северна Македонија се зачнати со помош од Холандија – реформата на јавната администрација, заштитата на правата на малцинствата и маргинализираните заедници, заштита на културното наследство, јавниот здравствен систем, образованието… И во многу полиња е постигнат значаен напредок. Оттука, доколку се придвижиме кон тоа да станеме нормална европска држава, тоа ќе биде заслуга и за Холандија.
Северна Македонија има лошо искуство со блокадите во минатото, особено по грчкото вето за нашето членство во НАТО во 2008 година, по кое реформите запреа, а проблемот со Грција се користеше како изговор за сѐ. Се плашам дека истото би можело да се случи и сега, по одложениот почеток на преговорите за членство. Како може ЕУ да ги мотивира нашите политички елити да продолжат со реформите со цел да не бидат залудни напорите и инвестициите од обете страни?
Дали е задача на ЕУ да ја мотивира Северна Македонија? Дали е логично да се бара тоа, а истовремено да се очекува за некоја година да се биде на истата маса во ЕУ како полноправна земја членка со еднакво право на глас? Секако дека ЕУ сака стабилни и просперитетни нации на Балканот. Но одговорноста за тоа е ваша. Зошто луѓето очекуваат дека ќе бидат земени за рака и дека ќе треба само да следат инструкции наместо да преземат одговорност и самите да ја завршат тешката работа? Една од скорешните анкети покажува дека 56% од анкетираните мислат дека владата не може да ги оствари резултатите без надворешен притисок!? Ова е загрижувачки процент за една суверена и независна држава. Бидејќи иднината на Северна Македонија е во наш интерес, ние сме тука за да помогнеме во овие процеси, и како што и Вие споменувате, тука сме од самиот почеток. Даваме значителна поддршка уште од независноста. Таа посветеност не би требало да се носи под знак прашање на секој семафор. Како можеме ние да ве мотивираме вас, политичкото водство и населението, ако вие не можете самите да се мотивирате?
- Холандија инсистира на борба против корупцијата а со оваа борба се занимаваат повеќе институции, но не може да се забележи значајна разлика во секојдневниот живот на граѓаните. Која е вашата порака до институциите и до граѓаните во однос на очекуваната патека за борба против корупцијата?
Корупцијата е состојба на умот на целото општество, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца. Постоечката корупција исто така води кон потреба за изнаоѓање на политички баланс при секое назначување на државна функција. На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени. Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност.
Она што е потребно се секако јасни и спроведливи правила, како што се 42 препораки и 151 точка за акција за намалување на ризикот за корупција и кронизам при јавните вработувања кои се усвоија како дел од проект финансиран од Холандија, а кои сега треба да ги спроведат министрите Шаќири и Николовски. Судскиот совет исто така се подготвува да воведе нов систем за оценување на судиите со помош на Холандија. Истото е потребно и за обвинителите. Овие правила ќе помогнат да се врати довербата на луѓето во нивните институции. Политичките лидери мора да водат со својот пример во овој поглед. И само преку повторно воспоставената доверба ќе може да започне да се менува менталитетот.
Возможно е. Погледнете ги поранешните советски републики како што се земјите од Балтикот и Грузија. Има многу примери. Во Северна Македонија е позитивно тоа што буџетот на Државната комисија за спречување на корупција е зголемен за 60%. Тоа, и назначувањето на заменик премиер за борба со корупцијата ми влева доверба дека може да се воспостави пракса на процесирање на случаи на корупција на високо ниво. Останува клучно да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и рамноправна застапеност. Разбирам дека ќе биде потребно време за оваа промена во психологијата и менталитетот, но претпоставувам дека на луѓето им е смачено од сите тие подароци за учителите и шишињата виски за докторите.
- „Строго и правично“ е холандското мото во однос на проширувањето на ЕУ. Од друга страна, факт е дека Северна Македонија е ставена во многу неправична ситуација. Го сменивме уставното име; чекавме ЕУ да усвои нова методологија за прием која е построга од онаа кога земјите од Источниот блок стануваа дел од ЕУ со последните 3-4 проширувања… На пример, во март 2020 година ЕУ имаше неусловена одлука да започнат преговорите, но не испорача датум за нивниот почеток. Разбирам дека ЕУ се раководи преку компромис. Но дали има компромис за почитувањето на фундаменталните вредности?
Холандија ќе продолжи критички да ги следи неопходните реформи во годините што следат. Овој процес не ја става Северна Македонија во неправична позиција. Напротив, тоа би требало да ја стимулира државата да ги преземе следните неопходни чекори на патот кој го избрала. Во меѓувреме, Холандија не само што критички набљудува туку и помага во овој процес со многу проекти, експертиза и значителни парични средства. Нашата строгост и правичност остануваат потполно непроменети.
- Морам да Ве прашам за вакцините за Ковид-19. ЕУ вети дека Западен Балкан нема да биде заборавен и напуштен, но тоа не се случи. Луѓето овде се разочарани што ЕУ не испорача барем симболичен број од нејзините вакцини за регионот со цел вакцинацијата овде да биде истовремена со таа во Унијата, како гест кој би докажал вистинска грижа. Сега Кина и Русија ги нудат своите вакцини овде. Луѓето се претвораат во евроскептици, и тешко би можеле да ги обвиниме за тоа. Зошто потфрли европската солидарност?
Дали потфрли европската солидарност? Дали е евроскептицизмот разбирлив? Како што споменав, меморијата е очигледно краткотрајна. Од самиот почеток на кризата со коронавирусот ЕУ и нејзините земји членки дадоа стотици милиони евра како директна поддршка и како заеми за Западен Балкан, многу повеќе од кој било друг. Северна Македонија доби огромна финансиска помош за најитните проблеми во здравството, за економските и социјалните последици од короната како и за директна буџетска поддршка. Холандија беше меѓу првите земји кои обезбедија тестови за корона за Северна Македонија. Сега ЕУ обезбеди дополнителни 70 милиони евра за вакцинација во земјите на Западен Балкан. Така што, како точно потфрли солидарноста на ЕУ? Нашите влади, нашите народи и нашите даночни обврзници воопшто не ве напуштаат. Користењето на тие средства за набавка на вакцините е сепак во голема мера одговорност на вашите власти. Вакцините ќе пристигнат и преку КОВАКС системот на СЗО, иако за тоа најверојатно ќе биде потребно повеќе време од очекуваното.
Г. МИХАЈЛОВСКИ