100 ДЕНА И 90 МИНУТИ

Не виткаме кичма и не полираме чевли на странците, ама бугарски пасоши земаме.

100 ДЕНА И 90 МИНУТИ

1 Ај нека помине викендов, па со тој себап белким ќе заврши оваа помпава од „100 дена Влада“. Па, да сме здрави и живи, од понеделник ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе престанат да зборуваат што не направиле СДСМ и ДУИ и што „ќе“ направи коалицијата, туку – ќе почнат и да прават.

Опширна беше изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Од толку ветувања ќе мораат од понеделник да почнат да штиклираат, ова запишано – направено. Во програмата никаде не им е запишано дека ќе се жалат што оставиле претходниците.

100 дена фалби, 100 дена жалби.

Единствените конкретни работи што ги ветија и знаеја дека ќе ги остварат се задолжувањето од 500 милиони евра во  Унгарија и линеараното покачување на пензиите од 2.500 денари кои легнаа истиот месец кога доаѓаше терминот за редовното покачување на пензиите со усогласување на трошоците за живот. Со таа разлика што сите пензионери добија исто. Конзерватициве, што по дефиниција треба да поттикнуваат што повисоки заработувачки, на компаниите и на претприемачите им испратија најевтина популистичка порака – не мора да плаќате големи придонеси додека работите, на крај пак сите исто ќе добиете. А, да. За малку ќе заборавев на уште една мерка што ја остварија иако не им беше ветена. Ја вратија и металната ограда околу Владата.

Доста веќе се жалат дека затекнале растурена држава. Во крајна линија, ако веќе зборуваме за растурена држава, немало  порастурена држава од онаа што ја остави ВМРО-ДПМНЕ во 2017 по 11- годишното владеење. СДСМ со нивната неспособност и алчност само ја надгради таа истапкана патека на крадење и лажење.

2 Од што беше занесен во фалбите за 100-те дена, премиерот Христијан Мицкоски задоцни 90 минути на приемот на германската амбасада по повод Денот на германското обединување, 3 Октомври. Сите гости беа пристигнати, вклучително и претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Амбасадорката сосе цел персонал го чекаше на вратата до 20:10. Бил најавен дека ќе дојде, зашто во говорот ѝ беше предвидено специјално да го поздрави, тоа го видовме напишано на видеоѕидот. Дојде во 20:30, ги пропушти химните и говорот на амбасадорката, а гостите тргнаа да си заминуваат.

Каде се луѓето од Кабинетот на премиерот? Белким некој му води распоред. Не мора премиерот самиот да знае каков му е дневниот распоред, има држава за водење. Каде е протоколот? Заборавиле ли дека премиерот има покана и дека ја прифатил? Сигурно Германците не му се јавиле апансас – ај помини вечер, ќе славиме нешто.

Рекоа дека во исто време имал интервју на телевизија. Ќе си помислиш војна почнала, па премиерот морал да ги откаже сите обврски и итно да ѝ се обрати на нацијата. И што кажа? Дека СДСМ биле за никаде и дека Европската унија не е фер. Оти, тоа е нешто што досега не го знаевме.

Ако доцнењето од 90 минути не е грешка на некој од Кабинетот, за што би требало да биде избркан од работа, ако тоа сепак е личен избор на премиерот, тогаш или Мицкоски сака да биде Никола Груевски кој беше познат по доцнењето, или на Германците им испраќа дипломатска порака. Да им покаже како во пракса изгледа тоа што постојано го повторува: „Не виткаме кичма и не полираме чевли на странците“.

3 Не виткаме кичма и не полираме чевли на странците, ама бугарски пасоши земаме. Од економски причини. Како што потврди министерката за енергетика Сања Божиновска во подкастот на колегата Мишко Иванов. Минатата година почнала процедура за отпис од бугарско државјанство, а на Иванов му одговори: “Во еден период од животот, за економски причини како и многу Македонци сум имала бугарски пасош“.

Некој од економски причини зема бугарски пасош да биде молер во Германија, некој да не плаќа школарина во Холандија, а некој  да купува станови низ Шпанија и Португалија, како што пријавила министерката Божиновска во анкетниот лист.

Божиновска сега е министерка и повеќе нема економски причини да има бугарски пасош.

Зошто економските причини да земеш бугарски пасош се полегитимни од патриотските причини? Зошто некој што се чувствува како Бугарин да не си земе бугарски пасош? Министерката Божиновска бездруго се чувствувала така. Кога бараш бугарско државјанство не те прашуваат каква ти е економската состојба. Те прашуваат дали си Бугарин. Таа тогаш малку била Бугарка, сега кога зајакнала економски, веќе не е.

Ако не е проблем во Владата да имаме министерка што се декларирала како Бугарка од економски причини, тогаш не би требало да имаме проблем и да го смениме Уставот за да ги почнеме преговорите со ЕУ. Да ги ставиме Бугарите во Уставот. Од економски причини.

4 Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека има впечаток оти 60 до 70 отсто од граѓаните се задоволни од докторите кои работат во јавното здравство, „но за жал, новинарите не ги следат тие вести“.

Вистинското прашање не е дали луѓето се задоволни од докторите, туку дали се задоволни со системот на јавното здравство со кој Таравари раководи. Не му е работа на министерот да се занимава дали се добри докторите, туку да им создаде услови на докторите да си ја вршат работата.

Не се новинарите криви затоа што пишуваат лошо за јавното здравство. Не пишуваме лоши вести само од раскажувања на незадоволни пациенти и од повиците на контакт-телефонот на министерот. И ние сме пациенти. И добро знаеме како поминуваме низ системот на јавно здравство.

Немаме ние проблем со докторите. Напротив. Баш заради тие доктори и тој медицински персонал сме спремни да ги истрпиме и смрдливите тоалети, децениски неизметените ходници, расипаните лифтови и храната што си ја носиме од дома.

Имаме проблем со системот и организацијата. И со отчетноста како се трошат нашите пари што секој месец ги плаќаме за здравствено осигурување. Имаме проблем со тоа што не може да се добие термин за преглед или операција, што нема материјали за операција, што не работат апарати за дијагностика, што паѓа системот, што нема хигиена, што Брзата помош функционира како такси служба што вози како мува без глава од болница до болница оти нема координација каде работи или не работи некој апаратот и каде има слобиден кревет, имаме проблем што знаеме дека по администрација се напикани неписмени братучеди и по партиска и по етничка линија, а нема кој да ти пополни податоци на Ургентен центар и да те однесе на рентген, што пред наши очи гледаме како странски државјани се лекуваат со лични документи за идентификација на македонски државјани…

Таравари, кој и самиот е доктор, заборава дека е министер. Докторите се да лекуваат. А за системот е одговорен министерот. Тој лично и директорите што тој ги поставува од списоците што му ги доставуваат штабовите на владејачките партии.

5 Пожарникарите стигнале навреме да го гасат пожарот во станбената висококатница во скопски Чаир, ама половина час не можеле да пристапат оти чекале пајак-служба да ги отстрани паркираните коли.

За среќа, овојпат нема загинати. Има 43 повредени и хоспитализирани станари. Зградата во Чаир е една од дваесетината згради во општината за кои немало дозвола за градба, ама биле отпосле легализирани. Сѐ е по закон шефе, ама некогаш и не е.

Не треба некоја посебна анализа. Не сакам да кобам, ама еве самите фрлете поглед од прозорец каде што живеете, или работите и само замислете си: Што ќе се случи ако треба да дојде Пожарна или Брза помош да ве спасува? Скраја да е. Ама и со нелегални и со легални дивоградби Скопје е тотално небезбедно место. А со ова налудничаво градење и силување на градот при што само алчноста е критериум, допрва ќе станува ризик за животот.

АУДИО ВЕРЗИЈА

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира