АЛИ МАКЕДОНСКИ

Кога ќе влеземе во ЕУ ќе живееме како во Југославија.

АЛИ МАКЕДОНСКИ

1 Премиерот Димитар Ковачевски вети дека ќе имаме подобар стандард од Чесите, Словаците, Бугарите, Полјаците, како што сме имале во поранешна Југославија, а тие нè престигнаа кога станаа членки на ЕУ.

„Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои што ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард“, рече Ковачевски.

Аууу, едвај чекам. Кога ќе станеме членка на Европска унија ќе живееме како во Југославија. Која толку не чинеше, па мораше крваво да се распадне. Да ставиме граници каде што немаше, а сега да ги бришеме.

2 Е сега, само уште Бугарите во Уставот да ги внесеме.

Претседателката на Комисијата за подготовка на иницијативата за промена на Уставот, Маргарита Цаца-Николовска, вели дека 3.000 луѓе кои се декларираат како Бугари во Македонија не треба да да ги сносат консеквенците на некои политичари од Бугарија. „Што е опасноста Бугарите, Хрватите и Црногорците да влезат во Уставот?“, вели Цаца-Николовска.

Па нема никаква опасност од нивното споменување во Преамбулата. Проблемот е што внесувањето на Бугарите во Уставот нема да го тргне бугарското вето за влез во ЕУ. Затоа што не станува збор за „некои политичари од Бугарија“. Туку станува збор за официјална државна политика од времето  на Тодор Живков до денеска.

Проблем е целисходноста на менувањето на Уставот. Затоа што првиот ден откако пратениците ќе ги изгласаат амандманите, Бугарија ќе смисли ново барање и ветото ќе остане.

Но, уште поголем проблем е што Европската унија тоа не го сфаќа. Или, баш ѝ е гајле. Па не треба да се оди подалеку во историјата за да се предвиди како нам ќе ни изгледа прогресот кон ЕУ. Еве, се гледа како Бугарија се однесува непријателски кон својот помал сосед само последниве три години, и тоа не како фашистички окупатор, туку како членка на ЕУ. Тоа не е некоја апстрактна закана и непријателство. Тоа е конкретна официјална државна политика заверена во неколку наврати во бугарското Собрание со конзистентна порака – македонскиот народ е измислен, македонскиот јазик не постои.

И, за да ни пуштат водичка тука на Балканот, додека чекаат да видат како ќе заврши Украина, ЕУ ни го натури францускиот предлог, божем како решение, а насилно изнудено, кое после уставните измени ќе се покаже дека не е никакво решение. Затоа што не ѝ ги ограничува можностите на Бугарија да продолжи да нè тормози со историски фрустрации, а Европската унија да учествува во тоа – е па што да правиме, такви ни се правилата, тие се наши, вие не сте. И ЕУ, по паметот на Бугарија, наместо да ни биде фактор на стабилност, ни направи дополнителна внатрешна политичка нестабилност.

Така што, не е никаков проблем, еве и сите 3.000 Бугари од пописот со име и презиме да ги наредиме во Преамбулата, ако тоа е услов за влез во ЕУ. Ама, се плашам дека нашата европска иднина ќе ја живееме од едно до друго бугарско вето.

3 За волја на вистината, Бугарија, а ЕУ пак уште помалку, ни е крива што ние дома не се однесуваме европски. Зошто треба да влеземе во ЕУ за да ги почитуваме законите што веќе сме ги донеле по европски стандарди? Од нас зависи сè што нема врска со бугарското вето. Особено од нас зависи посветена борба против корупција, и тоа на секое рамниште – од Влада, Собрание, државни фирми, агенции и институции, преку судови, обвинителства и инспекции до општински администрации и претпријатија. Кој ни брани да се однесуваме европски?

Според последната анкета на јавното мислење што ја објави Институтот за демократија „Социетас цивилис“, на прашањето „За која партија би гласале“, 26 проценти од испитаниците одговориле дека не би гласале и уште 26 проценти рекле дека не знаат или одбиваат да дадат одговор. Вкупно 52 проценти.

Најчестите одговори на испитаниците биле дека сите политичари си работат за личните интереси – 42 отсто од нив немаат никаква доверба во партиите.

Тоа значи дека половина од граѓанството не сакаат со очи да ги видат партиите. Пола народ сака некоја друга кафеана. Што имате денес на менито? СДСМ, ВМРО, ДУИ, малку прилог од страна Левица, Алијанса, Алтернатива… Исто ко вчера. Нејќам! Ајде да бараме друга кафеана.

И ние утре треба да гласаме за овие во кои немаме доверба!? За да ни овозможат општество во кое довербата кон судиите и обвинителите е на 2,7 проценти. Најголема доверба од 5,1 проценти граѓаните имаат во верските заедници. Кога судството и обвинителството не испорачуваат правда, луѓето си викаат, ај може Господ нема да ме зафркне.

4 Но, да бидеме спокојни. Јазикот е бетон. Откако лидерот на ДУИ Али Ахмети по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј на јавноста ѝ се обрати на македонски јазик, можеме да бидеме сигурни дека македонскиот јазик постоел, постои и ќе опстои.

Штета што овој историски настан го поклопи уште поисториското достигнување на Министерството за образование, кое соопшти дека на крајот на учебната година во јуни ќе има свидетелства. И дека овој „бенефит“ што го овозможува Владата ќе може да го користат учениците и од основните и од средните училишта.

Секој ден сè повеќе напредуваме кон ЕУ. Како во Југославија.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира