1 Премиерот Христијан Мицкоски вели дека можеби локалните избори ќе бидат неуспешни, поради можноста независни граѓански листи да се поднесуваат само со два потписа. Откако Собранието не успеа, дури и по закажувањето на изборите, да донесе нов Изборен законик со кој ќе се регулира начинот на учество на изборите на независни кандидати, Мицкоски вели дека е „можно гласачкото ливче да биде 7-8 метри, можно е гласачкото ливче да ги обесхрабри граѓаните да излезат на изборите и да се намали цензусот“.
Не знам дали неговата изјава да ја сфатиме како предупредување, или како закана, кога вели дека „неодговорното однесување на поединци, или на политички партии резултура со вакви можности“. Ме потсетува на она – ти зборувам ќерко, сети се снао.
Оти, се сеќаваме. И тоа како добро се сеќаваме кога Радмила Шеќеринска од СДСМ мораше да се натпреварува со Рада Шеќерова од СДПМ. Па кога не успеа Рада Шеќерова, на Шеќеринска ѝ најдоа некоја Радмила Шукуроска. И на Јани Макрадули му го најдоа Јанис Макрис во истата изборна единица. А Игор Ивановски и Љупчо Николовски од СДСМ си има конкуренти за пратеници во Игор Ивановски и Љупчо Николовски.
Зошто би се обесхрабриле граѓаните од долгите ливчиња на кои е можно да има многу кандидати поддржани со граѓански потписи? Ќе се уплашат ли дека имаат преголем избор на изборите? Ќе си речат: Ауууу, колку многу избор имам, кој сега ќе му ја мисли за кого да гласам, поарно ич да не гласам. Дека само ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и партиите од Коалицијата „Вреди“ смеат да водат политика. Ако некој друг им се замеша во штипките, одма изборите им се неуспешни, па Владата ќе поставува повереници во Општините.
Е да. Многу е страшно ако секој може да се пријави да биде избран, а не само да бира.
Извинете премиере, а што е суштината на демократијата?
2 Башка, ако премиерот е толку загрижен дека локалните избори може да бидат неуспешни, зошто владејачката коалиција не направи нов Изборен законик со кој ќе го регулираше учеството на независните кандидати? Прво СДСМ ја оплеска работата. При крај на мандатот побрза да изгласа промени за сосема да им го отежни учеството на независните граѓански иницијативи на изборите, ако може ич да ги нема на избирачките списоци. Ама ВМРО-ДПМНЕ има стабилно мнозинство во Собранието. Зошто во повеќе од година дена не изгласаа нов Изборен законик?
Повеќе од триесет години ОБСЕ нѐ набљудува, десетици и десетици изборни циклуси мониторираа, што парламентарни, што претседателски, што локални, којзнае колку препораки имаат напишано, и на сите тие препораки – нашево Собрание се состана да менува изборни правила отпосле, на веќе закажани избори. Па демек, итна седница оти пратениците го пробија и рокот што им го даде Уставниот суд, ама ете ДУИ биле некооперативни, што да правиме, тие се кочничарите. Ионака ДУИ се криви за сѐ. Па бидејќи не се договорија да ги стават независните листи во прецизна законска рамка, единствено што му остана на премиерот, се разбира во име на големите партии, е да ги плаши гласачите дека ќе имаат премногу голем избор и нема да можат да се снајдат.
Кога правилата се јасни и фер, тогаш можеме да зборуваме и за фер избори. Сѐ се решава. Ама кога има добра волја. Е, добра волја кај партиите не постои. И се плашам дека истиот муабет ќе го правиме и пред следните парламентарни избори во 2028, претседателските и локалните 2029… Сѐ додека системот функционира во корист на големите партии, баш им е ним гајле за пресудите и роковите на Уставниот суд. А за експертизите на ОБСЕ, па ич муабет да не правиме.
А за граѓаните, пак… Тие не се научени да им служат на граѓаните. Тие се научени граѓаните ним да им служат. И затоа се уплашени од нивниот глас. И затоа ќе продолжат да ги плашат со бабароги големи по 7-8 метри.
3 Ех, колку би сакал да бидам во близина на оние двајца светски архитекти што ги донесоа кандидатите за градоначалници на Чаир Бујар Османи и Изет Меџити, да им даваат идеи како урбанистички да ја средат општината. Што им кажуваат кога ги шетаат низ Чаир? Што покажуваат Изет Меџити кој бил градоначалник на Чаир во два мандата како кандидат на ДУИ, и Бујар Османи од ДУИ која владее со Чаир откако е формирана партијата?
Сигурно им викаат: го гледаш хаосов? Што да гледа светскиов архитект од Турција Бајрам Вардар? Има што да види. Муслиман, а му иде да се прекрсти кога ќе го прошетаат низ Пластичарска улица. Или на Џон Кенеди. Исто му иде и на прочуениот мексикански архитект Мишел Ројкинд. Тој се крсти со двете раце.
А Османи и Меџити возбудени им објаснуваат: Е ова сѐ што гледаш, сѐ ние сме направиле. И тие пред нас. И тие пред нив. И тие беа наши, од истата партија. Ги гледаш ова зградиве со мали прозорчиња како пушкарници? Е тоа сѐ ние сме легализирале. И ова земјиште што е државно, ама сме го дале на приватници да го изградат. И тоа ние сме го грабнале.
Туку, си велам, па убаво е што и Османи од ДУИ и Меџити од Коалицијата „Вреди“ донеле светски архитекти. Голем цивилизациски напредок е штом кандидатите за градоначалници на партиите на Албанците решиле да се занимаваат со урбанизам па тоа го ставаат во изборните програми. Оти, досега само броеја колку Албанци се вработени во државните институции и општинските јавни претпријатија и колку табли се двојазични.
Туку, кога би можел уште и Робер Бадентер да стане од мртвите. Кандидатите за градоначалници во општините со мнозинско албанско население постојано него го споменуваат. Оти без Бадентер, тие ни ѓубрето од улиците не смеат да го соберат.
А што се однесува до светските архитекти, завршена е таа приказна. Не само за Чаир. Синким, Чаир посебна држава ќе го правиме. Цело Скопје е урбанистички уништено. Одамна замина возот од урнисаната станица на Кензо Танге. Штета. Човекот добил задача да направи урбанистички план за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес 1963. А во Јапонија во 1950-тите работел на обнова на Хирошима по нуклеарната бомба. Таман би бил за кај нас, оти Скопје во 2025 личи како да поминало низ нуклеарна апокалипса, ама природата на некои места се бори да го обнови пејсажот.
Уште и Кензо Танге да стане од мртвите и да му се придружи на Бадентер. Барем заедно да го исчистат градот.
Е толку ни паднаа критериумите. Да сме среќни ако во главниот град секој ден ни го собираат ѓубрето од контејнерите. Толку ни се очекувањата од партииве што повеќе од 30 години нѐ плашат со бабароги.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST