ДВЕ МУЗИКИ

Ако алтернативата за неспособноста на СДСМ и самоволието на ДУИ е ова ВМРО-ДПМНЕ засилено со Левица, тогаш црно ни се пишува. Спас од сите нив треба да се бара

ДВЕ МУЗИКИ

1 Помина уште еден празник, Македонецот искористи уште една прилика да си се пожали на тешката судбина. Па добро бе, зарем самиот факт дека имаме сопствена држава не е доволна причина за задоволство, па баш на Денот на независноста морало да се плаче со патетични изјави дека „убава ни е мајка Македонија“, ама не сме ја заслужувале.

Да се самосожалуваш на празник, кога би било нормално да се радуваш, е состојба на духот на некој што одбива одговорност за своето постоење, а има огромни очекувања од сите други. Имаш држава, а не знаеш што да правиш со неа. И за сé што не чини, крив ти е некој друг.

Како професионален новинар, сведок сум, а понекогаш сум бил и учесник во речиси сите историски настани за Македонија од 1991 досега и, можеби звучи нескромно, многу сум горд  што сум дел од македонската државотворна генерација. Затоа, не ми е пријатно кога и по 31 година своја, независна држава, некои луѓе уште мислат дека државата е СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ, а не секој од нас и сите ние, граѓаните на оваа земја.

2 Да не се отцепува ВМРО-ДПМНЕ од државата? Си направија посебна прослава за Денот на независноста на Македонија во скопска Автокоманда. Со свои луѓе, со свои пејачи и групи. Сами да си се радуваат на празникот, оти не сакаат со другите, што не се вмровци, ни истиот воздух да го дишат.

За Илинден сите во Крушево, Христијан Мицкоски во Ташмаруништа. За 8 Септември сите во Скопје, тој избега во Смилево. Што ќе прави кога ќе стане премиер на држава во која стана  нормално опозицијата да си прави посебни прослави за најголемите државни празници? Секој со својата банда на плоштадите во освоените општини. Две музики нека се свират. Две знамиња нека се вејат. Нека се мразат луѓето меѓусебно. Инсистирањето на продлабочување на поделбите нема никаква логика за некој што сака да стане премиер, освен ако Мицкоски не е убеден дека колку повеќе луѓето се мразат, толку повеќе него ќе го засакаат.

Така што, ако алтернативата за неспособноста на СДСМ и самоволието на ДУИ е ова ВМРО-ДПМНЕ засилено со Левица, тогаш црно ни се пишува. Спас од сите нив треба да се бара.

3 На истата линија за правење дополнителни поделби е и референдумот што го турка ВМРО-ДПМНЕ. Какво е тоа нејасно прашање: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр 12/2018 од 18.01.2018?

На ова прашање мислат да мобилизираат 900.000 гласачи? Луѓето излегоа на улица на протести против францускиот предлог за тргање на бугарското вето, против негирањето на македонскиот јазик, против понижувањето што ни го направи ЕУ прифаќајќи ги националистичките барања на Бугарија како свои вредности, против мешањето на Бугарија во пишувањето на нашите учебници, против вметнувањето на историски прашања како услов за влез во ЕУ…

Бидете барем еднаш храбри и поставете го вистинското прашање: Дали сте за членство во ЕУ под услови што ги поставува Бугарија? Не туку се кријте зад нејасни флоскули „напуштање на важноста“, „закон за ратификација“, па уште и „службен весник број бла, бла, бла“… Колку да се прави дома драма, да има Мицкоски што да кажува пред новинарите кога ќе се појави, собравме волку потписи, собравме толку потписи, па ни вршат притисок на членството…. Ама ако може да не успее референдумот, за да не му се налутат странците. Исто како што до последен ден немаше храброст да каже дали ќе го бојкотира референдумот за промена на името со Преспанскиот договор, а после се фалеше дека го бојкотирал.

Зошто Мицкоски ги замајува луѓето, кога нема ни потреба од референдум за поништување на Договорот со Бугарија? Во член 13 од Договорот е напишано: „Секоја договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување“.

Така што, не туку трошете пари за референдум, не туку го карајте народот, не туку ни го губите времето. Доволно е само ВМРО-ДПМНЕ да победи на следните избори. Нема да им треба ни двотретинско мнозинство, ни гласање по Бадинтер. Нека најдат 61 пратеник во Собранието, нека дигнат рака за поништување на Договорот, Мицкоски ќе пише писмо и ќе го испрати во Софија и – завршена приказна.

Ова што го прави Мицкоски со референдумот е во рамки на неговата стручност што ја покажува постојано откако стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ – да ја мати водата за да не биде бистра. Среде тешка зима, енергетска криза и војна во Европа ние ќе трошиме пари за референдум затоа што не може да дочека избори на кои што евентуално може и да победи.

4 Не можам да поверувам што читам во коментарите по социјалниве мрежи под вестите за смртта на Кралицата Елизабета Втора. Па уште и виновна ја прогласија за бомбардирањето на македонските села во Егејска Македонија за време на граѓанската војна во Грција што заврши во 1949, а таа беше крунисана за кралица во 1952.

Може да си левичар, републиканец, може да си антимонархист, идеолошки сосема да не се согласуваш, ројалистичките приказни и озборувањата од кралскиот двор може да не ти значат ништо во животот. Ама, некако не ми е нормално да си играш мајтап и да се ситиш на смртта на 96-годишна жена.

За кралицата Елизабета знаеме откако знаеме за себе. Надживеа 15 премиери на Обединето кралство. Ако ништо друго, барем почит кон 70-те години историја да се покажеше. Не, бре. Лошотилок да се покажел. Лошотилок легитимизиран како став за геополитика.

Луѓе што не знаат на независноста на својата држава да ѝ се радуваат, се израдуваа на смртта на 96-годишна жена.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

 

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира