ЕУРОПА ЗДАЈ

Ако и по овој практичен показ на Иванов на Илинден не ви е јасно во каква иднина ве води тој и тие што треба да ги спаси од затвор, бојкотирајте. Вратете го Груевски.

ЕУРОПА ЗДАЈ

1 Да викнеш навивачки групи на одбележување на 115-годишнина на Илинденското востание да ти скандираат во знак на поддршка „Мртов шиптар е добар шиптар“, не значи дека си глупав, како што многумина уште му одбиваат на глупоста на претседателот Ѓорге Иванов. Значи дека си зол манипулатор кој е подготвен да го испогани и делото на Илинденците во кои се колне партијата што го донесе на власт, само за да ги спаси неговите спонзори од затвор. Па уште и проба да се влече на славата на Киро Глигоров, кој баш неговите поддржувачи го плукаа и додека беше жив и по смртта.

Иванов на Мечкин Камен не им се помоча само на гробовите на Илинденците. Го избербати Крушевскиот манифест, му се исмеа на заедништвото врз кое се темелеше Крушевската република, ја понижи современата македонска држава која е незамислива без соживот. Иванов уште нѐ држи сите во заложништво поради криминалите на Груевски, а очигледно за и самиот да се спаси за злоделата што ги направи, од аболицијата, преку 27 април до денеска. Па како што тие што сака да ги спаси од затвор 11 години ја држеа киднапирана и партијата и државата, тој успеа да ја киднапира и прославата на Илинден.

И ако и по овој настан на Мечкин Камен уште не ви се допаѓа Преспанскиот договор, ако уште се лутите дека името Северна Македонија е понавредливо од ФИРОМ, ако уште имате оправдување да немате став оти не ве интересира политика и „сите се исти“, и ако уште викате дека за инает, или којзнае зошто нема да излезете на референдум, и ако уште мудрувате дали било  фино да е консултативен, или задолжителен и дали прашањето било двозначно, трозначно или којзнае колкузначно, и ако сте за ЕУ, ама не за НАТО, или обратно, како и да ѐ, продолжете со мудрување. Ако и по овој практичен показ на Иванов на Илинден не ви е јасно во каква иднина ве води тој и тие што треба да ги спаси од затвор, бојкотирајте. Вратете го Груевски. Тој ќе ве праша што мислите, тој ќе ви смисли и поубаво прашање за референдум, тој ќе ве внесе и во ЕУ и во НАТО.

А ние што уште сме останати без бугарски пасоши, дај уште сега да си фатиме ред.

2 Каде сте Македонци? Иде референдум на кој треба да одлучите за својата иднина и пак сте се исплашиле. Се исплашивте дека по 30 септември ќе се отвори перспектива за да ни биде подобро?

Замислете дека на 1 октомври се гледа некоја светла точка на крајот од тунелот. И дека по 27 години патување во тунел, одеднаш имаш шанса да излезеш од мракот. Ама, стравот е голем. Особено ако си вистински Македонец кој ужива да живее во агонија. Да мрчи дека му е мачно. Да пее тажни песни. Да биде убеден дека тој е центарот на светот, ама ете несреќа, сите се имаат свртено против него. Сѐ некој друг да му е крив за тешката судбина. Те „делете ја, парчете ја“, те „ситна роса зароси не можев да дојдам“„ те пусто турско, те српско, те бугарско, те клети Грци, те ЕУ е курва, те НАТО се терористи“, те „сите се исти“… Дури и орото е три напред, едно назад, да не случајно многу ни тргне напред.

Па, на исплашениот Македонец и во 1991 година мораше да му се измислува чудно референдумско прашање дали сака независна држава, ама не толку независна. Да не случајно останеме сами, да не ни се налутат Србите, да не не можеме да се прехраниме, да не не можеме да се одбраниме. Додека Словенците уште во 1989 година викаа „Еуропа здај“, некои тука уште му се одушевуваа на Милошевиќ.  Ене каде е Словенија, еве кај сме ние. Ние уште се думаме дали сме за Европа – сега. Дебатираме дали ЕУ ќе банкротира или ќе се распадне.

Немојте да се плашите. Тие што ве плашат дека вековното име ќе загине опасно ве манипулираат, оти играат на картата на вашиот страв. Вековното име не загинало и кога не сме имале држава. И македонскиот јазик не изумрел и кога не сме имале држава. Сме биле Македонци и сме зборувале македонски и во турско, и во српско и во бугарско. А државата не ни е стара со векови.  Прв пат дури во 1945 година нашите дедовци и татковци успеале да се изборат за држава на Македонците. И создале држава на еден дел од  територијата што географски се означува како Македонија. И само на тој дел е признат македонскиот јазик.

Така што, на 30 септември можеме сами да го решиме најголемиот проблем што нѐ мачи не само последниве 27 години, туку со векови. Да ѝ обезбедиме сигурна иднина на државата во која се гарантира постоењето на Македонците и на македонскиот јазик. Да обезбедиме иднина и за Македонците и за македонскиот јазик што ја гарантира најмоќната воена алијанса во светот. Па макар таа држава се викала Република Северна Македонија, наместо ФИРОМ. Што е многу помалку болно решение отколку да речеме јужна Бановина. Или пак западна Бугарија.  Како што било пред 1945.

И ај да не правиме веќе муабет на таа тема. Побарајте ги изводите од матичните книги и свидетелствата на вашите баби и дедовци. На кој јазик се напишани? На српски, или на бугарски? На кој јазик се напишани свидетелствата на Македонците во Бугарија или во Грција?

А на кој јазик се напишани нашите свидетелства од 1945 навака?

3 Кога сме кај храброста, еве една препорака од амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада, земјата која не е ни во НАТО, ни во ЕУ, ама е позната по најмногу референдуми во светот, оти најчесто го користи тој демократски инструмент за консултација на граѓаните. Во говорот по повод националниот празник на Швајцарија таа рече: „За успешен референдум потребни се добро обмислени дискусии помеѓу политичарите и искрена комуникација со граѓаните. Напредок може да има само со разменување визии, планови и соработка, а не со конфронтација. И – понекогаш – со храброст да се прифатат промените наместо само да се критикуваат или да се плашиш од нив“.

4 Впрочем, имаме среќа што за нашата иднина овој пат не решаваат соседите. И што, мора да е некоја опасна безбедносна игра и интерес да постои суверена македонска држава, па макар и ваква сиромашна, без излез на море и без пруги и патишта сосе Иванов и сосе багажот на ВМРО-ДПМНЕ, штом три дена среде лето во оваа недојдија ти седи трет човек на Стејт департментот задолжен за Европа и Евроазија. Па уште и во Крушево на најголемиот државен празник се качи, за да сведочи на срамот што претседателот ѝ го приреди на сопствената држава. За да го гаѓаат со шишиња барабите донесени со автобуси  да му аплаудираат на Иванов.

В.д. заменик-помошник на државниот секретар на САД Метју Палмер на опозицијата ѝ рече: „Да гледаат на работите стратешки, да размислат што е најсветла иднина за македонските граѓани, посебно за младите и сериозно да размислат што нуди Преспанскиот договор како европска иднина за Македонија“.

Со посебен акцент на  – „младите“. Вклучително и оние избраниците на шефот на државата што за малку ќе го натепаа Палмер во Крушево.

5 Што толку им згрешија роднините на оние од дијаспората кои се најгласни во повиците за бојкот на референдумот, па не сакаат нивните блиски да живеат убаво како нив? Како да им е криво дека и нам може да ни биде убаво во ЕУ и НАТО, па сега сакаат да нѐ зафркнат.

Тие што од далеку и на безбедно нам ни порачуваат да бојкотираме, ја бојкотираат Македонија уште од моментот кога решиле да си заминат. Така што, баш ми е гајле што мислат тие за референдумот. Ние што останавме тука и секој ден се мачиме и плаќаме даноци за да ја изградиме оваа, а не некоја туѓа држава немаме време да се занимаваме со нивното мислење.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари