ФАНТАСТИЧНА ПОНУДА

Сега навистина сум сигурен дека ги нашле тефтерчињата на Мартин Протоѓер. И во пракса почнале да учат од најдобриот.

ФАНТАСТИЧНА ПОНУДА

1 Додека премиерот Зоран Заев е растрчан да го реши проблемот со Грција, дома му владее старата  вмровска власт. ВМРО-ДПМНЕ не е само Никола Груевски, Сашо Мијалков, Антонијо Милошоски, Илија Димовски и другите. Туку едно чудо директори и помалку видливи кадри во пониските ешалони кои владејат од сенка.

Толку ли Владата на Заев не знаеше дека мандатот на директорот на јавниот сервис МРТВ му истекува во март оваа година и дека нов директор повторно ќе избира стариот Програмски совет избран од времето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Затоа што, нов Совет не може да се избере, сѐ додека Собранието не изгласа нов Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Па за прв човек на јавниот сервис повторно, по трет пат, е избран стариот директор Марјан Цветковски. Директорот што се прослави со тоа што не ги објавуваше бомбите и на 27 април лани го прекина преносот од Собранието. Значи, јавниот сервис кој беше проверено против јавниот интерес, продолжува да работи против јавниот интерес и во иднина ќе продолжи да работи против јавниот интерес.

Со приоритетиве до каде сме? Толку ли не можеше да се подготват измените и да се донесе Законот, со кој јавниот сервис ќе се стави во функција на давање сервис на граѓаните, а не на политиките на поранешната владејачка партија и на која било друга партија?

Да е само до МРТВ, иако оваа недела тоа беше најдрастичен пример. Кога од Брисел ни споменуваат влез во ЕУ во некоја 2025 година, ние само се занесуваме дека и тоа е можно со ова темпо на промена на закони и особено нивна примена. Имаат ли капацитет луѓето што сега се напикани во администрацијата да ги избуткаат реформите со истото  темпо со кое премиерот сега брза да го реши проблемот со Грција? Се прават ли реформи со лепачи на плакати? Колку и да се тие лојални, колку и да се фини, колку и да се наши.

Па, тие еден Закон за инвестиции што беше основата на економската политика на новата Влада и кој помпезно го промовираа Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев, не можат да го донесат. Веќе сме средина на февруари, законот уште не е влезен во Собрание. Пратенициве две недели не се прибрале во Собранието, не можат да се напатуваат по светот, а ваму реформски закони ќе носеле. Цела економска програма може да им пропадне.

3-6-9. Ама изгледа години се во прашање. А требаше месеци да бидат.

Работава – година поминува, ама месец никако. На крајот на краиштата, не е битно дали Прибе ќе им даде петка. Реформите не се за Прибе. За нас се.

2 Реформите одат отприлика со истото темпо со кое Владата го продава мерцедесот што го нарача Груевски кај Гордана Јанкулоска. Ако почекаат уште малку, сметководствената цена ќе му падне и под 200.000 евра колку што сега е огласен.

Веќе можам да си ја замислам рекламата на Топ шоп. Оди вака:

Ви ја претставуваме најновата понуда на Владата на Република Македонија. Мерцедес за кој во самиот „Мерцедес“ рекоа дека толку скапа кола не продале во цела југоистична Европа. Со  масажери,  сараунд систем, клими на секое седиште, чуда и телевизорчиња да не им биде досадно на децата. Заштитува од поставени мини на патот, снајперисти и терористи.

Мислите дека ова чини 575.000 евра? Не! Мислите дека чини 450.000 евра? Не! 300.000? Не. Ова чини само 230.000 евра! Искористете ја оваа фантастична понуда. Овој мерцедес може да биде ваш со 60 проценти попуст ако се јавите веднаш во Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија. И вашата фамилија го заслужува ова.

Но, тоа не е сѐ. Ако во наредните триесет минути се јавите на телефонот во Владата, веднаш добивате гратис и еден стар мерцедес. Оној што го возеше градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, а Петре Шилегов сега му го продава. Стариот мерцедес ќе ви се најде кога ќе одите на настани каде што има новинари.

Мислите дека ова е сѐ. Не. Ако станете горд сопственик на двата мерцедеси, добивате единствена понуда по  половина цена да го купите и пајтонот на Град Скопје. А коњите ви ги даваме гратис.

Прекрасно! Прекрасно! Побрзајте, количините и времетраењето на понудата  се ограничени.

Купуваш едно, добиваш четири. Два мерцедеса,еден пајтон и коњи. И сето тоа со неверојатна цена. Грижете се за вашата безбедност и удобност. Ве очекуваме!

И после тоа оди видео со сведоштва на задоволни корисници. Никола Груевски се јавува од пред судот и во камера изјавува: „Сум сакал да се возам во скап мерцедес. Значи јас сум обвинет за сакање“.

Е, пусти Груевски. Додека беше на власт не успеа сите да не отепа со диктатура, сега во опозиција ќе нѐ дотепа со хумор.

3 ВМРО на денот овој пат се административците во Министерството за култура, кои пуштија орелски нокти за да докажат дека црното е бело. Поточно, да нѐ убедат дека нема конфликт на интереси, ниту морален проблем, ако си член на комисија што одлучува кој да добие пари за проект, а во исто време самиот добиеш пари за проект за кој одлучува друга комисија. Ама во истото министерство. На истиот конкурс. И плус членувањето во комисијата е платено од буџетот на истото министерство.

Аргументот им е дека нема конфликт на интреси. Затоа што сѐ било законски. Па и Скопје 2014 Никола Груевски законски ги изгради. И дрвата низ Скопје Коце Трајановски законски ги сечеше. И галиите уште се во Вардар според закон.

И тоа не беше до толку ВМРО на денот, колку што беше  начинот на кој членовите на комисиите кои добиле проекти, а богами и официјалните лица од Министетството се обидоа да нѐ убедат дека нема конфликт на интереси, ниту морален проблем. Со лична и професионална дискредитација на секој што не мисли исто како нив. Па и наслови рецензираа. Со една вмровско- курирска метода против која до вчера се бореа кога не беа на власт. Е до таму им бил слободарскиот дух. До таму им бил капацитетот на толеранција на поинакви мислење и критика.

Со дел од тие што ем биле членови на комисии, ем добиле проекти, министерот Роберт Алаѓозоски го помина првиот работен ден на 1 јуни 2017 година. Пред осум месеци за нив рече дека се „дел од клучните креатори на културната сцена во Македонија“. А Министерството објави фамилијарна слика и соопшти дека целта им е „културолошка демократија“.

Овој демократски капацитет го покажаа на една обична програма на Министерството за култура. Што да помислиме, како ли би се однесувале да требаше да бранат тендер за автопат, на пример?

Сега навистина сум сигурен дека ги нашле тефтерчињата на Мартин Протоѓер. И во пракса почнале да учат од најдобриот.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира