1 Добро бе, и тој Зврлевски. Што човек ќе беше? Срам малку да имаше? Малку непријатно да му станеше. Со што ли го држат, што ли му знаат, што имаат за него, па толку да не смее и сам да си замине ако веќе ВМРО-ДПМНЕ не дозволува да го сменат, а мнозинството не го сака. Повеќе од еден месец заедно со врхушката на ВМРО-ДПМНЕ ја држи во заложништво цела држава. Зошто? Само за да го одложи одењето во затвор на група луѓе. Или има поголем личен мотив отколку спасувањето на таа вмровска клика што го брани, а на која ѝ се одземени пасошите за да не избега од државата. Се плаши и него да не го повлечат, па и тој да не заврши на исто место заедно со нив. Тој си знае што правеле заедно. А и правник е.
2 Законите се направени за чесни луѓе. А криминалците секогаш наоѓаатдупки во законите. И бараат како да направат криминал, а законот да не ги закачи.
Исто како што сега ВМРО-ДПМНЕ прави со демократскиве процедури во Собранието. Не им и ним целта демократијата, почитување на Деловникот, законитоста и развивање на парламентарна дебата. Нивната цел е само да го одложат одењето во затвор на кликата што ја владее ВМРО-ДПМНЕ, од која некои се и во Собранието.
Па уште и се навредија кога Павле Богоевски од говорница им рече дека штитат криминалци. А Даниела Рангелова му одговори дека тие никого не навредиле. Да бе. Вистина е. Тие не навредуваат. Тие одма со ќотек ги решаваат работите. Од 24 декември, 2012. Преку демолирањето на Општина Центар, каде што и Рангелова е една од осомничените. Па до 27 април, кога ако сакаа да го убијат Заев, ќе го убиеја.
А овие од мнозинството уште и ја прифаќаат фарсата со глумење вмровска демократија. Права демократија во Собрание ќе има кога на секоја реплика на ВМРО-ДПМНЕ ќе се пуштаат бомбите. Од говорница, а и за време на паузите, наместо владини реклами од времето на Груевски на Собранискиот канал на МТВ. Нека се потсетат бранителите на Зврлевски што правеле. А тие вмровци што не правеле, нека се свестат каков криминал бранат. А не да измислуваат морски приказни, Тирански платформи, Софиски платформи, бегалски кампови, интерпелации за сите министри, сто пратенички групи…
Оти, еден е муабетот – кој нелегално прислушувал и дали се сторени криминалите што го чувме. Тоа Зврлевски не сакаше, или не смееше да го открие. И затоа треба да биде сменет. Па после да преминеме на втората точка: Кој нарача убиство на лидерот на опозицијата на 27 април и кој помогна во нападот на Собранието? Затоа што Зврлевски и тоа не сака, или не смее да го открие и покрај снимките од безбедносните камери. Освен ако и неговото име не е во одговорот на тие две прашања.
Со ова божем демократско држење на сите нас во заложништво, се покажува дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години не ни ја украде само државата. Тие сега ја крадат и демократијата. И на тоа име уште и дневници и патни трошоци товарат.
3 Тоа најотворенo го долови пратеникот Илија Димовски само со едно дофрлање до претседателот на Собранието Талат Џафери. Со заканата: „Еден закон нема да донесеш!“
Е, така се сака Македонија. Државата се сака сè додека може да се краде.
Впрочем, како нема Илија да го брани Зврлевски и да ја штити неказнивоста и неправдата, кога и него го чувме во муабет со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска како се договара да нарача притвор за некого. И тоа баш кај овој Зврлевски. И затоа Илија се заканува дека нема да му дозволи на Џафери ни еден закон да донесе. Затоа што, со секој донесен закон Илија и неговите ќе бидат еден чекор поблиску до затвор.
4 Додека не почнаа да ги менуваат директорите по државните институции, не бев свесен колку места за пополнување има. И зошто толку е жестока битката за влез во државна администрација. И тоа само 67 институции добија нови директори. Којзнае уште колку ги има. И којзнае уште какви сè претенциозни и смешни имиња имаат институциите.
Па она Министерство за глупаво одење, што го беа измислиле во британската хумористична серија „Монти Пајтон“, имаше и некакво логично име за потребите на серијата. И тука запреле. Ама за потребите на Македонија и партиските војски се отишло многу подалеку од едно Министерство за глупаво одење. Кај нас само министерство не е доволно. Мора да има и институционална поддршка.
Па затоа имаме и Управа за афирмирање и унапредување на техниките на глупавото одење во состав на Министерството за глупаво одење. И дирекција за спроведување на глупавото одење кај етничките заедници во средините каде што се тие над 20 отсто од населението. На што логично се надоврзала потребата да се воведе и Државен инспекторат за контрола на глупавото одење во средините каде што етничките заедници се под 20 проценти од населението. Па има и Агенција за координација на чекорите на глупавото одење. И Управа за усогласување на глупавото одење со препораките на Прибе. И ревизор на ревизорското тело за ревизија на глупавото одење што е самостојна единица во рамките на Министерството за глупаво одење.
И покрај толку институции, проблем е што никој не научил саглам да оди глупаво.
5 Во Македонија, покрај Министерството за животна средина има уште најмалку три институции врзани со заштитата на животна средина. Плус има и Државни патишта, па Македонија пат, па Македонски шуми, па општини, па комунални инспекции по сите општини… На сите нив помалку или повеќе им се преклопуваат ингеренциите. И во сите тие институции има по едно десет-петнаесет раководни позиции, шефови, референти, помлади референти, кој за кабаст отпад, кој за комунален отпад, кој за рурален отпад, и за каков што ќе ти текне отпад.
А Македонија се задушува во ѓубре , градовите на лето се обвиткани во чад од диви депонии, а во зима уриваат рекорди на најзагадени градови во светот од дивите погони, планините се соголени од крадење дрва, а неизбежен природен пејсаж е шут насекаде, пластични ќеси како лампиони на дрвјата и пластични шишиња во реките и езерата.
Исто како што покрај Министерството за финансии има и едно чудо институции што се бават со финансиска контрола. А милијарди евра завршија во Белизе.
На крајот на краиштата, еве да речеме и дека нема проблем што има толку институции и дека во нив има толку вработени што земаат повисоки плати од вработените кај приватниците кои треба да им ги обезбедат тие плати. Ама, вистинската промена на власта ќе ја почувствуваме дури кога сите тие ќе почнат да си ја вршат својата работа. Тогаш и ќе почувствуваме дека имаме држава.
Кога веќе партиите им измислија работни места за да ги храниме не треба да им измислуваат и работа. Работа има. А ако веќе немаат совест да си ја заработат платата, тогаш ние како граѓани имаме право да одбиеме да ги плаќаме.
Идат локални избори. Јас од тие што ги трошат моите пари имам големи очекувања. И не сум спремен да ги спуштам само затоа што партијата ги вдомила, а од нив бара да одат само на митинзи, а не да си ја завршат работата за која примаат плата.