ХИБРИДНО ЗБОРЛЕ

Ние сме под хибриден напад од корумпиран систем на неспособни политичари веќе 34 години.

    ХИБРИДНО ЗБОРЛЕ

    1 За само 3-4 дена имавме три огромни отровни пожари во главниот град на државата што го загрозија здравјето на половина милион луѓе, имавме двојно убиство во Велес од насилник кој бил пријавуван и суден за семејно насилство, имаме секојдневни протести против загадувањето, имавме протест со кој се одбележаа шесте месеци од пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 62 млади луѓе, и протест против зачестените случаи на убиства на жени само затоа што се жени (фемицид), а премиерот Христијан Мицкоски има само ова да го каже: „Ако сами направите кратка анализа, ќе видите кому му одговара оваа ситуација“.

    Ние да правиме анализа? Па зошто плаќаме разни тајни служби, полиција, обвинителства, судии, регулаторни тела, градоначалници, инспектори, што државни, што општински, министри, прв вицепремиер, вицепремиери, ако треба сами да правиме анализа? На крајот на краиштата, зошто би го плаќале и премиерот ако ни вика: „Многу лесно граѓаните ќе дојдат до одговорот“? Мицкоски ни дава загатки. Наместо да играме Зборле, ќе ги откриваме непријателските центри на моќ „кои не сакаат Македонија да биде успешна земја, кои не сакаат да имаме стабилна Македонија која ќе се развива, ќе ниже успеси, ќе расте, ќе владее правото, ќе нема корупција и криминал…“

    Бидејќи, Македонија сега е пример за успешна земја, ниже успеси, владее правото и нема корупција и криминал.

    2 За пожарот во Кочани видовме од снимки на мобилни телефони како се запали таванот на импровизираната дискотека, па веројатно не би требало да има дилема дали и тоа бил намерен напад од некој центар на моќ.

    Што се смени после Кочани? Во процедури, во планови, во безбедносни проценки, во паркирање, во пристапност, во инспекции…? Три дена градоначалниците се сликаа дека ги проверуваат хидрантите и – толку.

    Според начинот на кој целото општество се однесува по редицата несреќи, ние не сме научиле ама баш ништо. Тука ни серија трагедии со многу жртви не се доволни за да ни дојде памет. На сите, ама особено на властите. Па тие цела недела не можеа да се договорат дали пожарите се хибриден напад. Искрено, веќе не сум сигурен дали имаме институции што се способни да откријат хибриден напад. Со вакви институции и со вакви луѓе напикани во тие институции, утре, ако навистина се случи хибриден напад, ќе се чудиме што нѐ снашло.

    Пу, пу, скраја да е, ама секогаш кога пишувам после некоја несреќа, шубе ми е да не кобам. Ама, ако ни Кочани, со 62 изгубени млади животи, со над 200 повредени и со траумата на цел еден град, па и цела држава, не беше доволно страшна трагедија да биде пресвртница, ние навистина живееме во ситуација на несреќа во најава.

    Ќе загинеш во диско, ќе изгориш во болница, ќе те прегази мотор на пешачка патека во парк и никој нема да одговара, ќе се удавиш во поплава од неисчистени канали, ќе ти се преврти автобус што поминал технички преглед кај истиот газда, упорно ќе пријавуваш насилник во полиција, а тој ќе дојде дома да те заколе, комшијата ќе гради зграда, ќе ти ја затне канализацијата, ќе малтретира цело маало кафеанџија со гласна музика, а тие што треба да го сопрат ќе се сликаат на шанк со чашите во раце како наздравуваат…

    Ние сме под хибриден напад од корумпиран систем на неспособни политичари веќе 34 години. А најлесен начин да се управува со несреќа што е предизвикана од корупција и неспособност е – да се измисли непријател.

    3 Еве и сега, по последниве пожари, не гледаме дека власта се занимава со решавање на системските пропусти. Ним им е важно моментално да се пофалат. Колку биле херои, затоа што некој на премиерот му кажувал дека кога гори електронски отпад и батерии како во скопско Трубарево, пожарот може да трае со денови, а тие успеале да го затрупаат за 30 часа и да нема чад.

    Па ние во тие триесет часа, ниту го видовме, ниту го чувме Изет Меџити, ем вицепремиер, ем уште и прв вицепремиер, ем министер за заштита на животната средина. Исчуре министерот во Чаир на предизборни митинзи на непочната изборна кампања. Вечерта кога Скопје беше прекриено со чад и смрдеше на запалена гума, ние немавме министер за животна средина. Изет Меџити си беше кандидат за градоначалник.

    4 Од пожарот во Кочани извлековме заклучок дека партијата е побитна од младите животи.

    А пожарите во Скопје ни потврдија дека партиската активност е поважна од страшната реалност.

    Вечерта кога се случи пожарот во Трубарево, додека главниот град беше покриен со црн облак од чад, а ниту една институција не кажуваше што има во чадот, што дишеме и дали смее да се дише, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски од опозициската СДСМ, организираше концерт во Градскиот парк. Дека концерт не смее да трпи откажување.

    Нејсе. Бидна журката. Ај што играа и пееја со градоначалникот, кој е кандидат и за овие локални избори, ама па и се сликаа со него, па и се објавуваа, како божем којзнае какво достигнување да направила Општината. Откако вечерта се изнадишаа од смрдеата, распеани и насмеани со отворени усти на отворено, сабајлето, на затворено, во канцеларија, портпаролката на СДСМ со заштитна медицинска маска држеше прес-конференција и рече дека „власта од пожарите прави циркус“.

    Стварно се како банда без команда што изгубила контакт со реалноста.

    5 Кога премиерот Мицкоски ќе рече: „Заврши времето кога администрацијата беше политички плен, следува департизација”, можам да си ги замислам неговите вмровци, напикани по администрацијата со стотици измислени работни места, како со насмевка си намигнуваат меѓу себе и се смеат на вицот што го кажал лидерот – ууууу, гледај, се тресам од страв.
    Генеричка обука!? Што е тоа? Некој проект од странство? Таман работа. Џабе испозавршија факултети, од оние приватните, набрзинка што се, со плаќање, џабе со сертификати се сторија, џабе плаќаа јазични студија… Џабе ли аплаудираат и се сликаат додека Мицкоски врши увид во градежни активности во нивните маала? Уште генеричка обука им фали, да не може човек на раат да си спои празник со викенд.

    Деца, не бегајте од државата. Премиерот вели дека веќе нема да има партиски вработувања.

    До првиот оглас по изборите.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира