ИСТОРИСКИ ЛАГИ

Супер изгледа оваа парада со ротационите светла на ѓубрарките низ главниот град. Ама тие не се доволно јаки за да ни го осветлат патот кон ЕУ.

    ИСТОРИСКИ ЛАГИ

    1 Едно е сигурно за овие, последниве избори, а тоа е дека сосем се истроши и испразни од значење зборот „историски“. За волја на вистината, почна да се празни уште од почетокот на новата власт на ВМРО-ДПМНЕ по ланските претседателски и парламентарни избори, кога за сѐ што ќе направеа велеа дека е историско по сто пати на ден.

    Арно ама, овој пат некако не им беше за фалба дека нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски стана градоначалник на Скопје со историски најмал број гласови. Така што, не ќе е лошо малку да намалат со еуфоријата. Па освен што ликуваат на поразот на СДСМ, нека се свестат зошто и тие се сведоа само на своите лојални гласачи и клиенти.

    Е сега, ако веќе зборот „историски“ станува безначаен, со себап можеби ќе се ослободиме и од стегите на историјата, па ќе почнеме да се занимаваме малку и со иднината. Да не речам – Европската унија.

    Може владејачката партија колку сака да ги релативизира негативните оценки од годишниот извештај на Европската комисија и да го нарекува „извештајче“. Може колку сака опозицијата да ја обвинува власта дека ја оддалечува земјава од ЕУ. Ама фактот дека трета година по ред не е забележан значителен напредок во клучните области, судството и борбата против корупцијата, покажува дека нас нѐ лажат и власта и опозицијата. СДСМ, на кои устата им се пенавеше со ЕУ, наместо да нѐ приближи кон ЕУ, успеа дури и во изборна година, кога требаше да покаже најдобри резултати, да го уназади системот. А ВМРО-ДПМНЕ, еве веќе втора година, не прави ништо од тоа што го ветуваше во изборната година кога го победи СДСМ.

    На нас, граѓаните на оваа држава што уште тврдоглаво се држиме само со македонскиот како единствен пасош со кој сме решиле да одиме во ЕУ, и власта и опозицијата ни должат консензус. Не само за Бугарите во Уставот. Туку за ефикасна јавна администрација, владеење на правото, меритократија, борба против корупција, здрава економска средина, квалитетно образование, квалитетно здравство достапно за сите, департизација на судството, департизација на културата, здрава животна средина, чиста вода, чист воздух… За сѐ што ни ветуваат пред секои избори, за сѐ што ги гласаме, а после нѐ лажат и не го испорачуваат.

    Инаку, супер изгледа оваа парада со ротационите светла на ѓубрарките низ главниот град. Ама тие не се доволно јаки за да ни го осветлат патот кон ЕУ.

    2 Ситуацијава со ЕУ ни е – угоре високо, удолу длабоко. Ни ваму, ни таму.

    Од една страна, премиерот Христијан Мицкоски ќе продолжи да се жали на мачнина во стомакот, да ги обвинува СДСМ и ДУИ за предавство, да ја раскажува „вистинската вистина“, да бара гаранции од ЕУ, иако знае дека никој не може да му ги даде. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе продолжи со професорските предавања на странците за Кант, Бонапарта, Тито, Соломон, Копенхашки критериуми и улогата на топката како реквизит за играње.

    Од друга страна, пак, Европската комисија ќе продолжи да нѐ кара зашто не сме го презеле одлучниот чекор да ги внесеме Бугарите во Уставот за да ги почнеме преговорите. А тоа во јавноста не поминува затоа што е прифатено како уцена и понижување што нема апсолутно никаква врска со тоа што навистина би требало да биде одлучен чекор во смисла на реформи за европски живот дома.  Па на Мицкоски воопшто не му е тешко да биде во право кога ќе каже: „Ќе ни пишат петка и после пак ќе ни стават вето“.

    Така што, се плашам дека сега, кога ВМРО-ДПМНЕ ја има апсолутната власт, треба да си се помириме дека прашањето за ЕУ ни е ставено „ад акта“. Како што и прашањето за НАТО беше ставено „ад акта“ после грчкото вето во 2008. Не знам дали некој што се сеќава на тие 10 години после 2008 сега мисли дека ќе биде различно. Веќе сме го гледале тој филм. И не беше баш убав за гледање.

    3 Во меѓувреме, ќе си уживаме во спектакли на власта за кои и самиот премиер вели дека „малку делуваат комично“. Ама и тој со восхит учествуваше во парадата на ѓубрарките и метлите собрани од цела држава, во работна акција да го чистат Скопје под светло на рефлектори и овековечени со снимки од дрон.

    А ние, граѓаните на Скопје, со нетрпение чекавме конечно да завршат изборите за да ни ги испразнат контрејнерите и да ни ги испрскаат улиците со вода. Данела Арсовска беше неспособна да го исчисти ѓубрето, а ВМРО-ДПМНЕ што ја донесе за градоначалничка во 2021 нѐ остави во ѓубре цело лето, за кога ќе победат на избори, веднаш, следниот ден да биде стакло чисто. И сега сме многу радосни дека ВМРО-ДПМНЕ дојде да нѐ спаси од ВМРО-ДПМНЕ.

    Којзнае, за следните локални избори во 2029 може и вода ќе снема во време на кампањата. Па откако пак ќе ги изгласаме, ќе чекаме 72 часа да ни пуштат вода да се избањаме.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира