ЈАДЕЊЕ БУРЕК

Ќе ја измислат лагата, ќе ја прошират лагата и потоа влегуваат во материјална расправа за таа лага

ЈАДЕЊЕ БУРЕК

1 Кога ќе се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт, ќе го врати Марко Зврлевски за јавен обвинител. Затоа што е најдобар. И затоа што ќе побара да им се вратат пасошите. И после, тој ќе ги уапси сите што гласале за негово разрешување. И по вертикална и по хоризонтална линија. Како што од собраниската говорница се закани пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Само, пред да се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт, Илија ќе треба да каже за кого нарачувал притвор кај Маркота. И пред да се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт, ќе треба да се вратат и избеганите службеници од МВР што го прислушувале и Илија меѓу илјадниците граѓани кои им биле на списокот. И после ја уништиле опремата со која го прислушувале и Илија Димовски.

Седницата за разрешување на јавниот обвинител Зврлевски нè чинеше 250.000 евра. Четврт милион евра чинеше тоа што месец и пол ги гледавме пратеничките и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ како се пресоблекуваат за настап на телевизија, како си прават фризури и како си ласкаат едни на други: „Почитувана колешке, во право сте колега, ви благодарам за репликата, фантастична забелешка, така е колешке, Господ да ни е на помош колега, многу сте во право колешке…“.

Ама, штетата што ја нанесе Зврлевски е немерлива во однос на 250.000 евра колку што чинеше неговата смена. Со неказнивоста што ја спроведуваше и криминалот што го бранеше со непостапување и со гонење на политички и бизнис противници на владејачката клика, доведе до целосно урнисување на довербата на граѓаните во правниот систем. Доведе до тоа да не се чувствуваш сигурен во сопствената држава.

2 И зошто толку ВМРО-ДПМНЕ жали за Зврлевски? Тој нема да остане без работа. Ете, сега ќе си биде обвинител. Може новиот јавен обвинител ќе му даде работа да ги доврши предметите што не му се завршени. На пример, оној за нападите на ЛГБТ центарот во Скопје од пред четири години. Или за нападот на верските активисти врз демонстрантите на плоштадот Македонија во 2009 година. Бидејќи Зврлевски е ефикасен и ќе се ослободи од менаџирање на обвинителството, како што се пофали, сигурно брзо ќе ги заврши и осомничените ќе ги предаде на судот.

Само, штета што Катица Јанева му го зеде предметот за нападот на верниците врз Општина Центар. Инаку и него сега ќе можеше да го заврши.

Иако, новиот јавен обвинител би требало да ги истражи и евентуалните кривични дела на Зврлевски. Оти вака, гледано од страна, постојат сомнежи и за тоа. Од злоупотреба на службената должност до, којзнае, можеби и злосторничко здружување. Па, ако се докаже дека Зврлевски не правел криминал, ни намерно, ни случајно, барем ќе се тргне сомневањето дека има учество во тоа што во негово време се украдени милијарди државни пари, уништени се кариери и семејства на неистомисленици, па дури се изгубени и човечки животи во сомнителни околности. Од Мартин Нешковски, преку Никола Младенов, па до малата Тамара. А за егзодусот на подмладокот на државата и одливот на мозоци, ич муабет да не правиме.

Во големата слика, јавниот обвинител имал конкретна одговорност за сите овие работи. Не ги гонел криминалите, а ги гонел неистомислениците и укажувачите на криминал.

3 Кога сме веќе кај неказнивоста, убаво е тоа што Владата ги објавува трошењата од службените картички на претходните министри. Ама, ако има сомнеж за злоупотреба тоа мора да заврши на суд. Инаку, ќе биде министерот вели вака, бившиот министер вели онака. Зборот на едниот, против зборот на другиот. А ние сеир ќе фаќаме.

Просто е како грав. Ако навистина сака да спречи злоупотреби на државните функционери, новата власт тоа може да го реши во само три чекори.

Прво, ако имало злоупотреба на трошењето на народните пари, тоа мора да има судска завршница.

Второ, ако правилниците во министерствата дозволувале злоупотреба на народните пари, тогаш тие акти треба да се сменат. И тоа веднаш.

И трето, ако веќе се објавуваат службените картички на претходната власт, тогаш нека се објавуваат службените картички и на новата власт. И тоа веднаш. Ионака имаме министерство за отчетност и транспарентност. Ионака во владините канцеларии седат едно чудо референти и помлади референти. Нека работат малку на отчетноста.

Во Велика Британија секој може да има увид во државната сметка на премиерот. А во Шведска државните службеници имаат по два мобилни телефони, не затоа што сакаат да се прават важни. Туку затоа што телефонот што им го плаќаат даночните обврзници не смеат да го користат за приватни разговори. Затоа што, секој даночен обврзник има право да побара испис од разговорите на државниот телефон.

Кога сме веќе кај трошењето државни пари, до каде е истрагата за јадењето бизонско место по скапи ресторани? Или, тоа беше објавено само за јадење бурек по кафани?

4 ВМРО-ДПМНЕ откри дека со лаги ќе оди на локални избори. Целата партиска, НВО и медиумска инфраструктура ја впрегнаа во брутална лага. Дека „Американците ќе ни донесат 200.000 бегалци муслимани“,  дека „намерно ќе ги населувааат во градовите што се со мнозинско македонско население и тоа во најубавите делови од градот“, дека „ќе нè силуваат по улици, ќе нè крадат и ќе нè убиваат“, „сите ќе гласаат за СДСМ“, со единствена цел „да се разнебити македонштината“. И тоа за кого? „За интересите на Америка“.

Вакви лаги нормален човек не смислува. Вакви лаги смислуваат само фашистички умови.

Ќе ја измислат лагата, ќе ја прошират лагата и потоа влегуваат во материјална расправа за таа лага. Совети на Општини заседаваат за бегалци што ги нема. И носат одлуки дека во нивните општини нема да се дозволи населување на бегалци. Кои не сакаат да дојдат во Македонија. А и да дојдат, не сакаат да останат во Македонија. Кој бегалец би сакал да живее во општини од кои и Македонците избегаа поради несигурноста што ја создаде корумпираната власт?

И бидејќи измислија тема, ќе измислат и реакција. Ете нов проект за триото Бетмен, Дурловски и Дамовски. Бидејќи неказнето поминаа за нападот на Собранието на 27 април, кај и да è ќе се појават како организатори на протести против бегалците. Што ги нема.

И сега ќе нè замајуваат со вмровските лаги со коишто секој ден нè трујат. А заборавивме дека на 27 април беа тргнати да убиваат.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира