КАФЕАНСКА МАКЕДОНИЈА

Нов завет. Стара Библија.

КАФЕАНСКА МАКЕДОНИЈА

1 Додека чекав да се јави Ципрас по телефон, што е уште едно од многуте историски чекања што сум ги доживеал во Македонија, прочитав еден твит дека ако сакаме да ја убедиме Владата да не го гради гасоводот низ Водно што ќе уништи пола планина, најдобро е да ги убедиме кафеанџиите да се пожалат дека поради гасоводот ќе им падне прометот. И веднаш ми текна дека најпригодното „ерга омнес“ име би било „Република Кафеанска Македонија“. Зошто? Затоа што кафеаната е единствената институција која се почитува во оваа држава.

Првиот реформски закон што го донесе Владата на Заев беше оној за легализација на узурпацијата на тротоарите со најлонските тераси за пушачи. Зошто? Затоа што се бунеле кафеанџиите дека им паднал прометот. Граѓаните на кои им е ограничено правото на движење по тротоари не се институција.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов забрани коли на Водно, ама брзо ја повлече забраната. Зошто? Оти се бунеле кафеанџиите дека им трпи бизнисот.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски најави дека ќе им наплаќа повеќе на охридските кафеанџии за поставување маси и столици на на тротоарите и кејот, ама кафеанџиите се побунија дека ќе немаат доволна заработка и – се откажа. Не само што се откажа, туку итно испрати екипи за проценка на штетите оти брановите им ги урнале дивите тераси на охридските кафеанџии, а тие не биле осигурени, оти се – дивоградби. И уште не им доаѓа памет. Охриѓани му пркосат на Езерото. Сѐ подлабоко влегуваат со маси и столици во водата.

Поминаа два месеца откако Шилегов најави дека ќе обележува со ленти до каде може да се ставаат маси низ скопските јавни површини и еве го, уште купува боја. Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ секоја недела најавува дека идната недела ќе ги урива дивите тераси од тротоарите, па еве го – уште се заканува. И тротоарите го чекаат Ципрас да се јави.

За малку ќе останевме без гувернер на Народна банка на Македонија, ама никој  во  власта не се потресе за таа институција толку колку што се потресе за профитот на кафеанџиите. Институцијата претседател на држава во ликот и делото на Ѓорге Иванов, кој е штеточина сам по себе и којзнае уште што сѐ ќе му текне до мај вгодина да ни наштети, не е секирација за Владата на Заев, колку што е секирација прометот на кафеаните. Ниту една државна институција во Македонија не мора да функционира беспрекорно, ама кафеаните мораат.  Оти газдите на кафеаните не смеат да трпат поради животот за сите. И оти кафеаната е институција од највисок државен интерес.

Затоа драги мои – „Република Кафеанска Македонија“. Ерга омнес. И без превод.

2 И сега, кога вмровците ќе се бунат против промената на името и ќе го величаат Ѓорге Иванов оти тој не прифаќал ерга омнес, нека се сетат кој ги спасува двајцата пребегани во Грција што ги амнестираше истиот тој Иванов, обвинети за нелегално прислушување на илјадници граѓани што доведе до најголемата политичка криза во државата од која уште не можеме да се извлечеме.

Па видете ја само оваа политичка перверзија. Вмровци ги спасува грчки суд со тоа што одби да ги екстрадира да им се суди во Македонија. Патриоти преправени во Бугари, оти со бугарски пасош сакале да летаат од аеродромот „Македонија“ во Солун. Имаат проблем со малцинства и други религии, а едниот си избрал турско име.  Лидерот Христијан Мицкоски сѐ уште кога зборува за Грција вика „нашиот јужен сосед“. На МТВ уште по навика на вести викаат „нашиот јужен сосед“. Ама кога треба да се спасат вмровците за да не им се откријат криминалите што ги правеле, спремно се повикуваат на одлуката на судските органи во Атина. Ма каков јужен сосед. Со стравопочит изговараат – Врховниот суд на Грција. Не викаат Врховниот суд на нашиот јужен сосед. Не бараат азил кај нашиот јужен сосед. Бараат азил во Грција. Тоа се тие двојни вмровски стандарди за патриотизам.

3 Тоа е истата приказна како и со двојните вмровски стандарди за приоритети. Затоа што, во ист ден кога Владата на Јапонија донираше две амбулантни возила за болницата во Штип вредни 42 илјади евра, Владата на Македонија распиша оглас за сервисирање на мерцедесот што го сакал Груевски, што годишно ќе чини 27.000 евра. Па кога ќе дискутирате дали две години затвор за поранешниот премиер се многу или малку, сетете се дека сите ние ќе мора да продолжиме да трошиме за да ги сервисираме нивните криминали. И потоа да распродаваме под цена, за да може барем нешто да ќариме.

4 Затоа, сѐ додека новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не покаже дека барем е свесен за зулумите што во името на неговата партија ги направи Груевски со фамилијата, неговиот повик „Македонија ќе победи“ го сфаќам како закана. Кого ќе го победи Македонија? Видовме како Македонија победуваше 11 години. А богами и се изнаслушавме. Видовме како победуваше Македонија на 27 април минатата година. Замислете тогаш да им успееше организираниот напад на Собранието. Каква победа ќе беше тоа.

Ќе оди Мицкоски во победа за Македонија со нова програма. Програмата му се вика „Нов завет“.

Нов завет. Стара Библија.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира