КЕЦ НА ДЕСЕТКА

Баш ме интересира бизнис моделот за дом за незгрижени лица во Ранковце. И како таа инвестиција ќе допринесе за локален економски раст

КЕЦ НА ДЕСЕТКА

1 СЈО објави дека отвори нов случај – Странски служби. Со кој можеби ќе се разјасни и како настана приказната за фамозните жолти комбиња, за кои ни раскажуваше Никола Груевски како премиер на 30 јануари 2015 година. Неколку дена пред да пукне аферата со прислушувањето. Кога ни кажуваше дека од тоа што ќе го чуеме „нешто е вистина, нешто е лага, а нешто полувистина“.

Според случајот на СЈО, приказната оди вака:  Груевски и УБК на чело со Сашо Мијалков со години ја прислушуваат цела држава. Кога Заев во 2014 година оди кај Груевски да му каже дека знае за прислушувањето, Груевски смислува сценарио. За да не се открие дека тој прислушувал, ги измислува странските служби. Ама за да му биде сценариото убедливо, Груевски нарачува елаборат од странска служба, за нему да му каже дека го прислушувале странски служби.  За да може таа информација да ја сподели со коалиционите партнери. И за да биде приказната за странски служби уште поубедлива, Груевски со нашите пари купува нова опрема за да ги лови прислушувачите што ги измисли. Поточно, странските служби. Арно ама, откако се создаде СЈО за да испита кој всушност прислушувал, Груевски и компанија ја уништија опремата во УБК со која всушност прислушувале.

И кога Груевски и фамилијата можеле да смислат ваква приказна, дали стварно мислите дека пред конгресот на ВМРО-ДПМНЕ на кој треба да се избира Христијан Мицковски за нов лидер, навистина има бунт во партијата? Или и бунтот е измислен како странските служби.

2 Сомнеж дека и бунтот во ВМРО-ДПМНЕ е фингиран ми се јави во моментот кога го слушнав и Илија Димовски како се жали дека во партијата немало демократија. Тоа е оној Илија Димовски што нагалено го викаат Илче Гебелсче, оти беше долгогодишен директор на озлогласениот Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, што функционираше по принципот на Центар за лаги и пропаганда. Тоа е пратеникот Илија Димовски, кој од собраниска говорница се закануваше: „Ќе те спружам на насловна“. И заканите ги остваруваше. Оти ги контролираше безмалку сите медиуми во Македонија. И кого во една од бомбите, во разговор со тогашната министерка Гордана Јанкулоска, го чувме како договараат дека некое лице треба да добие притвор и тоа да му го кажат на Зврлевски.

Дека нема демократија во партијата се жали и Антонијо Милошоски. Кого го чувме како нарачува лустрација за политички неистомисленик. И Трајко Вељаноски. Кој на темата демократија има најмалку двоен докторат. Како претседател на Собранието на 24 декември 2012. И како претседавач за време на организираниот напад на Собранието на 27 април годинава.

3 Орденот „ВМРО на неделата“ овој пат оди кај министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. За организација на настанот „Отварање на полициска станица во скопската општина Ѓорче Петров“. Изгледа дека сдсмовците биле толку одушевени од Никола Груевски, што успешно ги копираат неговите најпопулистички потези. Ние мислевме дека тие 11 години биле пасивна опозиција. А тие уредно бележеле што најмногу ќе пали кај народот кога ќе дојдат на власт.

Па се набија еден до друг министерот Спасовски и градоначалниците на Скопје и на Ѓорче Петров Петре Шилегов и Александар Наумовски заедно да сечат лента. Зад нив задолжително – поп. Оти сме секуларна држава со социјалдемократска влада. А до попот, заменикот министер на МВР Агим Нухиу. Оти оџа немаше. ДУИ се докажано либерални.

Додуша, поштедливи се од вмровците. Заштедија на хостеси. Ги нашле најубавите полицајки да ја држат лентата оптегната. За да имаат министерот и градоначалниците што да сечат. Па така, добивме три во едно – поп, дама и џандар. А кецот на десетка го направија градоначалниците Шилегов и Александар Наумовски.

Ова е уште една епизода од серијата „Македонија – Пародирај ако можеш“.

4 Тоа државно земјиште што не успеа да го продаде ВМРО-ДПМНЕ сега се подготвува да го дораспродаде СДСМ. Оти, Владата донела одлука да продава државно градежно земјиште во 58 општини за 70 денари квадрат. Земјиштето е за изградба на ученички домови, студентски домови, домови за стари лица, домови за самци, домови за деца без родители и домови за незгрижени лица.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели: „Веруваме дека со оваа мерка ќе го стимулираме приватниот сектор, ќе привлечеме нови инвеститори во овие делови на Република Македонија, ќе допринесеме за локален економски раст и порамномерен развој во државата“.

На пример, во Конче со 3.500 жители ќе се привлечат нови инвеститори со дом за деца без родители. Чиста економска логика. А Чашка со 8.000 жители ќе доживее економски бум со дом за самци. А Зрновци со 3.000 жители ќе доживее нова младост со студентски дом. Во Ранковце од 4.000 жители, каде што им е исклучен дури и бројот на Пожарната оти општината должи 250.000 евра, приватен инвеститор ќе прави профит со дом за незгрижени лица. Баш ме интересира бизнис моделот за дом за незгрижени лица. И како таа инвестиција ќе допринесе за локален економски раст.

На кого му текна ова? На Миле ли му текна? Кој гарантира дека уште во градба нема да биде направена пренамена на објектот? И што ќе се случи ако државното земјиште се приватизира за ич пари, а не се изградат наменските објекти, или не се користат за дозволената намена?  Кој ќе биде спремен тогаш да оди во затвор?

Оти, на Миле од што многу му текнуваше, сега има 16 обвиненија од СЈО.

5 Јака му е финтата на Груевски што вози старо „пунто“ на чело на конвојот со кој малубројните вмровци протестираат за притворот на учесниците во организираниот напад на Собранието на 27 април. „Пунтото“ било старо 20 години.

На кого продава финти со стара кола човекот што како премиер купи „мерцедес“ од 600.000 евра? Што не смеше да се вози на настани каде што има новинари. Туку смислуваше разни маневри – до некаде ќе се вози со стариот, па после ќе се префрли со новиот „мерцедес“. А сега пред новинари вози старо „пунто“. Кое не се знае ни чие е. Оти како функционер не го имаше пријавено во имотните листови. Може на мајка му е и „пунтото“. Заедно со становите. Оти Груевски е скромен и човек од народот.

За волја на вистината, и тоа старо „пунто“ многу кажува. Дека Груевски 20 години не ни имал потреба да си купи своја кола. Сѐ со државна се возел. Додека ние сме земале кредити, лизинзи, сме се задолжувале со стари коли увезени од Бугарија, довлечкани од Германија, тој си разгледувал каталози и ѝ се јавувал на Гордана Јанкулоска со нарачка што да му купи. Оти морал со тоа на „М“ да си ја вози фамилијата.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира