КОЧАНИ ЗАД АГОЛОТ

Скопјани еднаш плаќаат за да им го соберат ѓубрето. Втор пат ќе платат затоа што не им го собираат ѓубрето

    КОЧАНИ ЗАД АГОЛОТ

    1 Ги ислушав обвиненијата за пожарот во Кочани кој однесе 62 жртви, меѓу кои и шест деца. Речиси сѐ што набројуваше државниот обвинител Љупчо Коцевски како делчиња од  веригата на непостапување на институциите, од локално, до државно ниво, се поклопува со примерите што секојдневно ни ги праќаат читателите во рубриката „Пријави корупција“. По трагедијата од 16 март, добивме десетици пријави со писмата што ги испраќале по градоначалници, општински служби, разни инспекторати, разни министерства, па дури и до премиерот Христијан Мицкоски и Кабинетот на претседателката, а некои се и во фаза на судска постапка.

    Пријавите се за дивоградби, доградби, тераси, узурпиран јавен простор, несоодветна вентилација, ризичен магацински простор, импровизирана пренамена на деловен простор, немање паркинг, непристапност за возила на Брза помош и Противпожарна бригада, гласна музика, тепачки… Класика… Речиси исто како сите пријави што со години наназад ги примале институциите за дискотеката во Кочани.

    Ќе има судење за оваа трагедија. Верувам дека ќе има и осудени. Ама што правиме со пријавите кои државата ги игнорира? Само нека не ни речат да им ги предадеме за да видат дали се надлежни да постапат. Ич нека не ги бараат, знаеме дека ќе се ненадлежни. Башка, тоа се копии, сите тие писанија се веќе кај нив. Сите документи што очајните граѓани ги испраќаат и во нашата редакција претходно се уредно заверени во разни институции, во архива со датум, печатирани, потпишани од примачот… Џабе. Граѓаните пишуваат, нема кој да им одговори. Или, во најдобар случај им одговараат дека проблемот не е во надлежност на таа институција.

    Изминува и третиот месец од трагедијата што ни се случи. Ама, изгледа дека шокот кратко ни траеше. Само погледнете околу себе. И за момент помислете каде сте. Што забележувате кога ќе го минете куќниот праг, кога ќе излезете од канцеларија, кога ќе одите на забава? Па нас бре луѓе, Кочани нѐ демне на секој агол.

    2 Може Владата да им обезбеди рехабилитација на над 200-те повредени не само во одмаралиштето Пониква, туку и во уште две-три одмаралишта. И хотели може да плати. Може да отвори уште две-три телефонски линии за контакт со семејствата на настраданите. Ама сето тоа е џабе ако власта и понатаму не го гледа тоа што е очебијно и што им пречи на граѓаните. Џабе е ако нема политичка волја да ги смени досегашните практики од типот „јас не сум надлежен за ова“.

    Ама се плашам дека нема политичка волја. Особено откако го слушнав премиерот Христијан Мицкоски како се сврте и против граѓанските иницијативи од Кочани. Наместо да им се заблагодари за сѐ што прават за кочанчани, тој ги дискредитираше. На роденденот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Велес рече: „Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани преминува во политичко движење. Од поддршка на ужасите жртвите од ужасниот хорор во Кочани говорат за катни гаражи, водоводи канализации, исполнети неисполнети ветувања, и сѐ така по ред во духот на локалните избори“.

    Зарем е забрането граѓаните да зборуваат за катни гаражи, водоводи, канализации и неисполнети ветувања? Дека таа тема е ексклузивно право само за партиите на предизборни митинзи на кои даваат ветувања што после не ги исполнуваат. На крајот на краиштата, забрането ли е граѓанско движење да премине во политичко движење? Против Уставот ли е тоа, против некој закон ли е? Смее ли воопшто некој да зборува за политика, или тоа е исконско право само на ВМРО-ДПМНЕ? И евентуално,некогаш, во исклучителни ситуации тоа право може да го користи и СДСМ.

    А граѓаните? Граѓаните се тука само за да ги гласаат.

    3 Иницијативата „Сапорт Кочани“ сработи повеќе за луѓето од Кочани отколку 10-те македонски влади сосе оваа на Мицкоски. И нормално е дека Мицкоски им се плаши, па ги дискредитира. Наместо да им помогне и да го фали нивниот успех, па и да им се приклучи, тој со пизмење, гледа како да ги сотре. Како и другите граѓански здруженија и иницијативи кои во општините каде што на минатите локални избори добија по неколку советници им го реметат мирот на партиите.

    Па ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се толку големи и силни зошто воопшто се занимаваат со граѓанските движења? Што си го губат времето, па смислуваат начини како да ги елиминираат од изборите?

    Повторно власта и опозицијата здружено направија измени на Изборниот законик со кој го зголемија прагот за потребни потписи за независни кандидати, иако Уставниот суд укинувајќи го претходниот праг од 1 процент запишани избирачи пресуди дека зголемувањето на потребниот број на потписи за предлагање на независни кандидати претставува вмешување во остварувањето на избирачкото право на граѓаните.

    Затоа мислам дека е фарса кога Христијан Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против, целата територија на државата да биде една изборна единица. Исто како што беше фарса кога Зоран Заев велеше дека СДСМ ќе поддржи една изборна единица, ама никогаш не се осмели да ја стави на дневен ред.

    Поедноставно е да собереш потписи за да регистрираш партија, отколку да пријавиш независен кандидат на избори.

    Тоа е Македонија. Партија е моја судбина.

    4 Министерката за образование Весна Јаневска рече дека минатата година недостасуваа 17 илјади ученици и студенти кои се иселени во последните 7 години. На еден настан што се одржа една недела откако беше објавено дека само во Штип се запишаа 100 првачиња помалку од лани, таа изјави: „Гледате ,економијата сега засега добро се движи и ако продолжи со ист правец верувам дека после краток број на години дел од нив ќе почнат да се враќаат“.

    Изгледа кога си на власт најбрзо се иселува контактот со реалноста.

    5 Министерката за финансии Гордана Кочоска – Димитриеска му се закани на пратеникот Фатмир Битиќи дека ќе го тужи ако надвор од Собрание ѝ постави прашање, зошто на некои фирми Министерството за финансии не им го враќа ДДВ-то и по девет месеци, сомневајќи се дека парите им се враќаат само на партиски подобните.

    Кога министерката Кочоска – Димитриеска пред неколку месеци ја навреди пратеничката Славјанка Петровска дека нема деца, наместо да одговори на прашање за цените во маркетите, мислевме дека многу се изнервирала, не ѝ бил денот, па ѝ пукнал филмот. Ама сега гледаме дека не ќе да е до нервите.

    Тоа што на Кочоска – Димитриеска не ѝ се допаѓа прашањето, нема врска со нејзиното извртено сфаќање за функцијата министер. Фатмир Битиќи е пратеник. Пратеникот поставува прашања на седница за пратенички прашања. Тоа го прави во Собрание кое ги бира и разрешува министрите и во кое министрите даваат отчет пред пратениците избрани од народот.

    ВМРО-ДПМНЕ нека си ја прати министерката на некој задоцнет курс од оние на „Конрад Аденауер“. Почетните курсеви за демократија во парламентарна република завршија во почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Министерката тогаш губела часови.

    6 Општина Аеродром му пиша казна на Скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ од 88.000 евра затоа што не го собира ѓубрето од контејнерите.

    Од каде ќе ја плати казната „Комунална хигиена“? Од парите на граѓаните на Скопје што ги плаќаат со сметките за комуналии.

    Значи, скопјани еднаш плаќаат за да им го соберат ѓубрето. Втор пат ќе платат затоа што не им го собираат ѓубрето. Дупло голо.

    Е така де. Граѓаните не се за да водат политика, особено пред локални избори, па сега покрај за катни гаражи и водоводи уште и за ѓубрето да зборуваат. Граѓаните се за да ги плаќаат грешките на политичарите. Двапати.

    АУДИО ПОДКАСТ

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира