КОНТАМИНИРАНИ ИНКУБАТОРИ

Груевски е учесник во најголемата сексуална афера. На сите ни иба мамата.

КОНТАМИНИРАНИ ИНКУБАТОРИ

1 Мора да е нешто многу гнило во државата штом во само една вечер засилени контроли на полицијата, само во Скопје биле затворени 13 кафеани и ноќни клубови. Што зборува тоа за системот на контрола за спроведување на законот, кога инспекторите морале да одат во инспекција во придружба на полиција оти се плашеле? И тоа не обична полиција. Туку специјалци од единицата за брзо распоредување на МВР. Каде одат да наплатат данок со специјалци? Во наркокартелите во Мексико и во Колумбија. Толку ли е урнисан системот, што државата морала да ангажира специјално обучени полицајци да контролираат почитување на законот за работно време, издавање фискални сметки, забрането пушење и забрана за точење алкокохол на малолетници?

Ако толку била распашана командата, тогаш можеби и војската ќе требало да ја пратат. Ама, животот нема да дојде ако секој викенд државата мора да ангажира скапо обучени професионалци да вршат инспекторска работа. Конечно, закон за забрането пушење и фискална дисциплина  и сите други закони не се спроведува со специјалци. Се спроведува со неселективно казнување на сите што го скршиле законот. И со казнување на корумпираните државни чиновници.  А не со казнување само на „вашите“, а не и на „нашите“. Со „пиштење и вриштење че има“ само за вашите. И со замена на „вашите“ со „наши“ агенции за обезбедување.

Не сум против полициски акции. Ама сум против полициски драми какви што гледавме во минатото и кои не сакам никогаш да се повторат. И нема потреба да играте мајтап со она „ако не па, тогаш да го вратиме ВМРО“. Оти ако продолжи селективното делење правда и корупцијата на државниот апарат, ВМРО не си ни заминало од власт. Само си го сменило името.

2 Пратениците од владејачкото мнозинство се правдаат дека не можат да си ги намалат надоместоците што ги земаат за патни трошоци оти „таков бил законот“. Па пратеници се. Тие се законодавци. Можат да го сменат законот.

А пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, им играат мајтап. И викаат: „Власта вети во предизборната програма дека ќе ги намали патните трошоци, па нека си најде решение“.

Пратениците во последниве десет години 34 пати го менувале законот за градба, а сега не можат да го сменат законот за патните трошоци. Закон за филм сменија за да може ТВ серија да добие 4,5 милиони евра народни пари од Агенцијата за филм, а сега не можат закон за патни трошоци да сменат. Којзнае колку закони имаат сменето за да може легално да наплаќаат од буџетот.

Ако можело да се менуваат закони за крадење, белким може да се смени еден и за штедење.

3 Па така штедејќи, пратениците ќе можат да се пофалат и дека нешто донирале. Како што се пофали премиерот Зоран Заев дека Владата донирала инкубатори за државната гинекологија. Како тоа Владата донирала? Министрите се откажале од плата? Или извадиле од личните заштеди?

Не донира Владата. Ние ѝ донираме на Владата секој ден. Со плаќање даноци за да може со нашите пари да ни купи инкубатори. И други работи што ни требаат. Сме ги гласале затоа што ни ветиле дека ќе ги трошат парите за работи кои навистина ни требаат. Нашите пари.

4 „Донацијата“ на Владата доби публицитет, иако не толку голем како оној кога Миле Јанакиески и Зоран Ставрески кружеа со новите градски автобуси низ Скопје оти на Груевски така му текна.

На времето, се случуваше Никола Груевски со саати да седи со откопчан шлиц во Собранието. Ама, никој не се осмелуваше да му каже „премиере отворен ти е дуќанот“.

На фотографиите од свеченото предавање на инкубаторите видовме дека премиерот Зоран Заев погрешно ја облекол заштитната стерилна наметка. Ама, очигледно и нему никој не се осмелил да му каже. И така нестерилен си ја контаминираше „донацијата“.

На премиерот никој не се осмелил да му каже дека погрешил. Портпаролите почнаа да бараат прашањата да ги поставуваме написмено. Заев почна да доцни на настани по 40 минути (иако, за право, тоа што премиерот доцни не е причина настанот да не почне на време. Оти настанот не е за премиерот, туку е за публиката). МВР почна да држи прес конференции за спектакуларни акции со специјалци во недела…

Можеби сум параноичен. Ама ајде, за секој случај, со време јавно да си ги споделам стравовите. Да не мора да ме прислушуваат што зборам на телефон.

5 Оти, еве го Груевски пак се заканува дека ќе се врати. Во мегаинтервју со повеќе продолженија. И вели: „Ако некој е способен и работи за својата земја, или ќе му смислат дека со нешто не ги почитувал законите и со тоа сторил криминал, или ќе му смислат сексуална афера, или нешто слично.“

Еее, колку Груевски работел за својата земја. Прислушуваше илјадници граѓани, нарачуваше шамари за политичките противници „од оние појаките“, им ги уриваше зградите со динамит „да не го тупиме многу“, се пазареше за проценти со „жутите“ – „да не е многу“, мерцедес од 600.000 евра купуваше со нашите пари „со телевизорчиња за децата“, пазареше плацови на Водно „за џабалак“…

Нема потреба никој да му смислува ниту криминал, ниту сексуална афера. Груевски е учесник во најголемата сексуална афера во Македонија од осамостојувањето до денеска. На сите ни иба мамата.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари