МАГАРЕШКА КЛУПА

Што уште може да се случи, кога партијата ти кажува дали и кога да земеш боледување

МАГАРЕШКА КЛУПА

1 Се ближат изборите. Партиите си нарачуваат анкети за популарноста, си се храбрат колку се јаки, лицитираат со број на гласачи, на избрани пратеници, прават комбинации кој со кого ќе прави Влада… Тие податоци се првите ставки во анкетите, тоа се темите на партиските прес-конференции и соопштенија.

Но, во сите анкети повисоки проценти од популарноста на партиите и нивните лидери се процентите што ја бележат загриженоста на испитаниците – за корупцијата, сиромаштијата и заминувањето на децата во странство. Зачленувањето во ЕУ и односите со соседите се таму некаде долу на списокот, со помал процент дури и од довербата во судството.

На луѓето веќе не им е грижа кој ќе дојде на власт, кога си имаат многу поголема грижа – бесперспективноста.

Луѓето сакаат да им обезбедиш леб сега. А ти им викаш, кога ќе влеземе во ЕУ ќе јадете колачи.

2 Политичарите не можат да ја прифатат реалноста. Зафатени се со занимавање сами со себеси. Не мора да има ни инсулини, ни книги, ни свидетелства, ни пасоши, директори на клиника не мора да доѓаат на работа, нека се преправаат дека се болни за да не ги сменат, нека се шират заразни болести… Им е гајле за пациентите. Сѐ може да трпи, ама партијата не смее да трпи.

Техничкава Влада беше смислена за да подготви и да се спроведе избори. А не за да некој пет минути биде на власт. Та Алијанса била, та не била, та Таравари, та Села, та министерот за здравство Меџити менува директори три месеци пред избори, оти не обновиле сертификат по англиски, а него го менуваат тие што не знаат ни македонски… Ај министриве што ги менуваат, тие се политичари, ама директориве по болници? Па и тие што прифаќаат сега да станат директори, што си мислат? По политичка и етничка линија те ставаат, по политичка и етничка линија ќе те сменат.

И сто дена пред избори, и за време на избори, и после избори, партиите со себеси се занимаваат. Грабежот мора да продолжи. Директор си е директор. Два дена, два дена. Не е тоа само за да им стои во биографија. За ќарот е. Да се краде до последен ден, а и потоа. Да има за нив, па ќе им дадат и на понизните, а овие да им вратат со гласање за да може да продолжат да крадат. Оти, не е целта како да ја направиш државата подобро место за живеење, туку како повеќе да заграбиш со владеење.

Па уште и ќе те плашат, неодговорно било да се гласа за овој, глупаво било да се гласа за оној… А бе, ај. Инаку, што ќе се случи? Што уште може да се случи, кога партијата ти кажува дали и кога да земеш боледување?

3 Не оти куршумите се нешто ново во политичката култура на партиите на Албанците во Македонија. Во ДУИ во минатото се пукаа и за тоа кој ќе биде шеф на општински огранок, така што, пронајдениот куршум во дворот на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари не е некое чудо невидено.

Колкава ли е таа моќ што ти ја дава партијата за да бидеш спремен и да убиеш? Каква ли е таа моќ што ти ја дава функцијата, пратеник ли е, министер ли е, директор ли е, вработен во М-НАВ ли е?

Не е до идеологијата. До неказнивоста е. Неказнивоста е сила, неказнивоста е моќ. Кога знаеш дека партијата ти дозволува да ги кршиш законите, дали е крадење, дали е погрешно паркирање, дали е нелегално градење, дали е пушење во Собрание, дали е упад во Контролна кула, или куршум пред врата – исто ти се фаќа.

4 И сега, истите овие, чијашто главна политичка активност е да останат неказнето да крадат, ќе носат закон според кој самите ќе се казнат ако САД и Велика Британија ги фатат во крадење на дело и ги стават на црна листа. Откако претходно сами си донесоа закон дека и ако ги фатат, брзо ќе им застарат делата и нема да лежат в затвор.

Се мачат како да ги измамат Американците дека сериозно им ги сфаќаат црните листи. Прво, Владата на Димитар Ковачевски подготви еден текст на закон, ама Владата на Талат Џафери го повлече, па сега пак го вратија, избришаа некои членови, ставија нови членови, демек го усогласиле со европско законодавство. Смислија цела процедура, што ќе се прави ако некој биде ставен на црна листа во Вашингтон.

Во суштина, сега веќе нема да чекаме САД да ни дадат докази за нашите ајдуци, туку Обвинителството веднаш ќе почне да собира докази, откако некои министерства ќе им дадат докази. Значи нашава држава сега ќе чека Америка и Велика Британија да стави некој наш човек на црна листа за да ги покрене институциите. Оти, досега на Обвинителството му беше забрането да лови ајдуци ако не се на американска црна листа.

Овој закон е во колизија со законот што го донесоа по брза постапка, со европско знаменце, за да се заштитат корумпираните политичари. Додека сите институции ја поминат цела процедура, на тие што се на црна листа во САД во Македонија ќе им застари делото.

Така што, да не се радуваме многу на црните листи на САД. Оти, кај нас, дали ќе те фаќа законот или не, зависи од тоа дали си на власт. За среќа, црната листа на САД не зависи од тоа кој е на власт во Македонија. За среќа на САД, де, не за наша среќа.

5 Ми е срам кога ги слушам вестите дека во 21 век ни умираат деца од голема кашлица затоа што не се вакцинирани. Па уште и родителите што одбиваат да ги вакцинираат децата си разменуваат искуства – магарешка кашлица се лечела со магарешко млеко.

Неписменоста порасна правопропорционално со бројот на факултети. И ајде, настрана простотилакот. Настрана недовербата во институции. Настрана неодговорноста кон средината. Ама, да не се верува во наука, туку да се верува во сатанисти и магарешко млеко!?

На времето, недисциплинираните ученици и тие што не сакаа да учат, учителките за казна ги ставаа во таканаречени „магарешки клупи“.

Зошто децата да страдаат, ако родителите биле за магарешка клупа?

АУДИО ПОДКАСТ

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира