МАРКО МУКОСКИ

Да сакале повеќе да јадат, ќе јаделе. Ама не е прашањето што правела ВМРО-ДПМНЕ. Туку што ќе направи СДСМ за тие злоупотреби да се казнат, за тоа да не се повтори

МАРКО МУКОСКИ

1 Кај и да è, до наесен и пратеникот Крсто Мукоски ќе го жалиме. Оти ни се продава како жртва на политичка репресија. Еееј! А бе, Крсто Мукоски зборува на собраниска седница. Еееј! Крсто Мукоски од собраниска говорница кажува нешто за политички прогон, за некои предавства… Еееј! Човекот што на 27 април им ја отвори вратата на насилниците во организираниот напад на Собранието. Со свои очи го видовме. Не го слушнавме во телефонски разговор. Еееј! Тој Крсто се жали дека разрешувањето на Марко Зврлевски била политичка хајка. Фала богу дека ќе се жали. Баш во обвинителството што го води Марко е блокирана истрагата за Мукоски.

Добро, зарем и после 11 години уште немате сфатено дека она што 100 пати ќе го повтори ВМРО-ДПМНЕ станува вистина? И уште се прашувате како не им е срам? Се чудите колку се безобразни?

Не, не… Веќе не се чудиме на нивната дрскост. Сега се прашуваме до кога власта ќе им дозволува да го прават ова.

А бе, се случи 27 април! Еееј! Тргнаа да убиваат пратеници. Да им успееше планот, по улици ќе нè тепаа и ќе нè убиваа. Зарем го заборавате 27 април со секое ново исчудување? Па не е веќе прашањето – како не им е срам? Прашањето е зошто го трпите ова. И прашањето е што власта ќе направи за на ВМРО-ДПМНЕ да им биде срам. И што власта ќе направи за никогаш повеќе да не се повтори тоа однесување.

2 Не знам за вас. Ама јас ни на улица не сакам да ги видам тие што ни го смислија 27 април и тие што им учествуваа во реализацијата на смисленото. Не можам да им заборавам колку зло ни мислеле тие што сега се жалат дека се жртви на политички прогон. Како да го релативизирате тоа злосторство што беа тргнале да го направат?  Особено што го видовме на ТВ пренос. Не беше ни сечено, ни лепено, ни монтирано.

Како да се однесуваш со директорите на градинките, на школите, на јавните установи, на културњаците, на членовите на управните одбори и којзнае какви комисии кои со месеци бараа оправдување за насилството што го најавуваше Никола Груевски? Зошто? Само за да ги сокријат криминалите на тие што ним им дале привилегии.

И нека не ни се продаваат како другарчиња од детството на кои треба да им се заборави колку биле зли. Тие бе, сакаа да нè нема. Тие бараа линч. А ние бидејќи сме фини, сме требале да сфатиме дека „човекот требало да има пријатели, а политичките ставови да се оставеле на страна“. Па уште и ни филозофираат на тема пријателство и човечки вредности. Политика било едно, а пријателство друго.

А лошо фаќање кривина во лево е трето.

Море, марш таму.

3 И сега, што правиме? Се чудиме колку вмровците јаделе на наша сметка.

Ние со години живееме во комфорната зона на чудење и гледање сеир. Се чудиме како можеле Груевски и кликата на власт да ја пљачкосуваат државата, да договараат провизии, да прислушуваат, да крадат избори… Се чудиме како може судиите и обвинителите да работат според запишаното во тефтерчето на Гоца… И сега се чудиме дека кркале на наша сметка.

Добро. Јаделе, пиеле… Ама, ај да видиме новата власт што ќе јаде. Што ќе преземе? Ќе поднесува кривични пријави за злоупотреби, ќе менува политика за трошоци за репрезентација, ќе носи нови правилници, ќе ги отвори информациите од министерствата, времено ќе ги замрзне службените картички….? Само со конкретни мерки се менува однесување. Направете држава во која на следната ваква откриена злоупотреба нема да се чудиме, туку рефлекс ќе ни биде да бараме одговорност и казна. Вака, само со прераскажување на менијата, Владата единствено го потхранува останувањето во комфорот на гледање сеир и јавната дискусија ќе се сведе на малограѓанско исчудување на стрини на селска чешма. Груевски би рекол: „Да сакале повеќе да јадат, ќе јаделе“.

И пак ќе повторам. Не е прашањето што правела владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Туку што ќе направи владата на СДСМ и ДУИ за тие злоупотреби да се казнат, за тоа да не се повтори.

4 Марко Зврлевски вели дека бил добар менаџер на Обвинителството. Купувал мобилни телефони. Не знаеме дали биле во ист пакет со прислушната опрема. Оти не стигна да ја отвори истрагата. Иако, нема сомнеж дека телефоните биле добри, за да може власта поефикасно да ги контролира и обвинителите.

Зврлевски одлично ја изменаџира истрагата за нелегалното прислушување од кое дознавме и за многу други зулуми на власта. Цело ново обвинителство се направи за да се спасиме од неговото менаџирање. И уште не сме се спасиле.

5 Ги гледате ли како се бранат на суд обвинетите од СЈО? Како да не се обвинети за тешки криминали. Туку, како да се бара притвор за нив оти ги мрази учителката. Те бизнисот ќе им трпел, те во карактерот не им било да не патуваат во странство, те морале на одмор да одат, те биле незаменливи во фирмите, те лекови од странство сами си купувале… Око не им трепнува.

Всушност, одбраната им е таква, какви што се тие.  Убедени се дека тоа што го правеле им следувало.

6 Исто како на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што им следува да мора да одат на имендени. Па и Свети Петар и Павле ги повикаа да го спасуваат Зврлевски од разрешување.

По кој деловник Талат Џафери им даде да слават имендени? Во Уставот уште стои дека сме секуларна држава. На кого ли му текнуваат такви пакости, да ги спореди славите со ифтар, па дури и Џафери да не може да се снајде?

А помислија ли возљубените празникољупци меѓу пратениците тоа попладне на шивачките работници? Или на градежниците кои баш тој ден работеа на 40 степени? На, третите смени во странските и во домашните инвестиции, на полицајците, на стјуардесите, на војниците, на цариниците, на возачите на камиони и автобуси, на железничарите…. Тие заминаа ли да слават именден?

7 Еве проста математика на патот кон Европа. ЕУ ќе ни даде подарок, неповратни 70 милиони евра за да ја градиме пругата кон Бугарија. А Македонија треба да плати 120 милиони евра само за да ги исправи грешките на кинеските автопати  предизвикани од  патриотизмот на „дил ориентид“ Пешевски и пресметувачите на проценти Груевски и Јанакиески.

Да не е многу?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира