МЕТЛА И ЛОПАТА

Во која нормална држава, особено секуларна како што е нашата, Владата бара дозвола од црквата за да работи?

    МЕТЛА И ЛОПАТА

    1 Нашиве големи верници од Владата заборавија дека во недела е верскиот празник Мала Богородица. Закажаа голема владина акција за чиста Македонија.

    Кога некои уште поголеми верници од нив на телевизија им јавија дека за верски празник е грев да се работи, стана цела драма. Како да ја одржат акцијата, а Господ сепак да им прости?

    И логично, си побарале благослов од црквата. И логично, црквата веднаш даде благослов, оти одвај чека прилика да се замеша во државните работи.

    Во која нормална држава, особено секуларна како што е нашата, Владата бара дозвола од црквата за да работи?

    2 Не е важно што ќе се чисти на верски празник. Важно е дека сепак ќе се зачисти.

    Се плашам дека какви што ни се хигиенските навики, само државните службеници ќе мора да излезат на акција. Освен ако и тие не си земат боледување баш за тој ден.

    Што народ ќе бевме, со сила да не тераат да си ги исчистиме сопствените дворови.

    3 Министерот за здравство Бујар Османи свечено го отвори одделението за вештачко оплодување на Клиниката за гинекологија. Се сликаше во собата за донирање сперма.

    Собата ја бојосале со црвена боја. Има и телевизор за пуштање филмови за поддршка. Ама видов и некоја собна антена врз телевизорот.

    Што ќе фаќаат со антената? Да не има некој директен пренос? Да не ги поставиле сигурносните камери против мито што ги ветуваше премиерот уште пред две години, а докторите да не знаат?

    Министерот требаше симболично да ја отвори собата за донирање сперма. Ама имаше проблем со симболиката.

    На пример, премиерот за почеток на работите на некој градежен објект се фаќа за првата лопата. Министерот за врски кога го промовираше третиот мобилен оператор прв се фати за телефон и го кажа првото „Ало“. Кога некој министер пушта во употреба вода, ја одвртува чешмата. Министерот за економија би притиснал копче за да пушти некоја машина. Или, министерот за информатика притиска на „ентер“ на тастатура од компјутер.

    За што да се фати министерот за здравство при промоција на соба за донирање сперма?

    4 Евроамбасадорот Ерван Фуере рече дека „Македонците не се глупави за да не можат да прават разлика меѓу технички реформи и суштински промени“.

    Точно е. Не сме глупави. Одам во катастар и знам до каде сум со реформите. Одам на суд и гледам колку ни напреднало судството. Одам на клиника и ептен ми станува јасно колку ни е европско здравството. Ги носам децата на школо и гледам какво ни е образованието. На крајот на краиштата, не мора ни сето тоа да го правам. Шетам по улици и гледам зошто Владата мора да прави акција за чистење, и тоа со голема медиумска помпа.

    Навистина, не сме глупави и знаеме до каде сме со европските стандарди. Ама господинот Фуере е доволно долго во оваа земја и се надевам знае уште една работа. А таа е дека на Македонците им е јасно дека дури и сите европски услови да ги исполниме, нема да влеземе во ЕУ додека не си го смениме името.

    Затоа што не сме глупави. Знаеме дека е така само затоа што Грција како земја членка на ЕУ, тоа го бара од нас.

    5 ВМРО-ДПМНЕ продолжува да му го дига рејтингот на Бранко. На 15 септември објавија соопштение во кое ни порачаа: „ВМРО-ДПМНЕ сака да Ве потсети деке денес е 15 септември“.

    И што? Поминаа шест години од тој 15 септември на кој ВМРО-ДПМНЕ сака да не потсети. Што сакаат да не потсетат? Дека на тој 15 септември пред шест години беше сменета онаа несреќна Влада на Љубчо Георгиевски во која министер за финансии беше Никола Груевски?

    Зошто ВМРО-ДПМНЕ воопшто има потреба да не потсетува на датум по кој два пати за последните две години ја згази политиката на тој што се фалеше со 15 септември?

    Туку, кога сме веќе кај темата Никола Груевски – Бранко Црвенковски, еве еден конструктивен предлог. Како добар вовед за евентуалниот референдум за името би предложил друг референдум. Прашањето би било: „Дали сте за тоа Владата на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да му го дигнат рејтингот на Бранко?“

    6 Црвенковски продолжува со серијата „Дијалози кај претседателот“. Според составот на гостите и според тоа што тие го кажуваат тие дијалози веќе не се ни монолози. Тие се обични партиски кружоци.

     

    7 Се израдував кога ја прочитав најавата дека премиерот Груевски денеска пак ќе фрла лопата на камен-темелник.

    Загрижен бев оти откако објавија дека бил во Италија, премиерот се изгуби. Го немаше речиси цела недела. Не знаевме дали одмара, или остварува.

    Знаеме дека тој и кога одмара остварува, ама сепак ситуацијата стана загрижувачка. Македонија се соочи со сериозен застој на градежните работи.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира