НАРОДНИ СТРАЖИ

Дали сега е јасно зошто треба да се излезе и да се гласа на 15 октомври?

НАРОДНИ СТРАЖИ

1 Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски отидоа во казнена експедиција во судот во Гевгелија. Казнена ексспедиција. Тоа е вистинскиот израз на она што Врховниот суд го спакува во соопштение со израз „вообичаени активности“.

И како баш сега, на претседателот на Врховниот суд и на претседателот на Судскиот совет им текна да одат во редовна контрола на АКМИС системот за електронска распределба на судските предмети? И како им текна да одат баш во гевгелискиот суд, од каде што Специјалното јавно обвинителство ја обезбеди наредбата за претрес кај поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, за кого СЈО води предистражна постапка баш за манипулации со АКМИС-от и за оддавање информации на лицата под истрага, баш од истото тоа СЈО? И зошто морале да патуваат, кога претседателот на Судскиот совет има увид во компјутерскиот систем на сите судови од канцеларијата во Скопје?

Случајно се погоди, ете баш во Гевгелија, Вангеловски и Караџовски во ист ден да имаат „вообичаени активности во насока на подобрување на функционирањето на АКМИС системот“. Плус, Врховниот суд најави дека „ваквиот вид на работни посети се планирани во наредниот период во сите судови“. И почнаа баш од Гевгелија.

Значи, Вангеловски и Караџовски ќе одат по сите судови да се осигураат да нема аномалии во системот. Оти тие се стручњаци за АКМИС. Знаат како функционира распределбата на предметите. Со „вообичаените активности“ треба да обезбедат да не паднат случајно некои предмети на СЈО кај судии кои не им се наследство од тефтерчето. Којзнае, можеби и во Скопје ќе пронајдат грешка, како тoа во Кривичниот суд во Скопје судијка што се споменува во бомбите добила три случаи на СЈО од можни четири. По интервенцијата на казнената експедиција може и таа ситуација ќе се подобри. Па од можни четири, судијката ќе добие четири случаи на СЈО.

Доста веќе се правевме будали. Доста веќе се правиме љубезни. Доста веќе инсистираме на коректност и балансираност. Оти, додека ние глумиме лудило и им ја прифаќаме приказната дека работат по процедури и по закон, тие не се воопшто љубезни. Тие не се прават луди. Не се ни коректни. Ни балансирани. Тие се брутално искрени во својата намера да ги покријат зулумите на преходната власт. Да ги скријат криминалите за кои чувме. И да се спасат себеси.

Дали сега е јасно зошто треба да се излезе и да се гласа на 15 октомври? И зошто овие избори не се само локални избори?

2 Зошто Вангеловски и Караџовски толку се мачат? Измислуваат „вообичаени активности“, па се кријат од новинари, па смислуваат соопштенија… Што не го решат проблемот со АКМИС-от како што ефикасно беше решен проблемот и со компјутерскиот систем за прислушување во МВР. Вака, оставаат простор некој експерт да им влезе во компјутерските записи. Нека го згазат компјутерот со булдожер. Па потоа нека ги носат остатоците на дробење, на мелење, па на рециклирање. Со себап ќе се најдат двајца со дупли идентитети да ја организираат оваа „вообичаена активност“. Ќе најдат и некои службенички да направат записник. И ќе ги натераат да го потпишат. Па после, и да влезат во некаква судска процедура за притвор, ќе се снајдат. Додека се чека известувањето од Врховниот суд да патува цели 10 метри до Апелацискиот суд седум дена, ќе им се даде доволно време на двајцата со двоен идентитет да се спакуваат и да ги снема.

А службеничките што го потпишале записникот нека извинат што мислеле дека потпишуваат решенија за годишен одмор. Оти, адвокатот на избеганите ќе ги праша зошто не читале што потпишуваат. Синким не знаеме каде живееме.

И сега, дали е јасно зошто треба да се излезе и да се гласа на 15 октомври? И зошто овие избори не се само локални избори?

3 Цела Македонија ќе биде гасифицирана. Сите улици ќе бидат асфалтирани. Ќе има градинки, школи, спортски сали, базени, велосипедски патеки, паркови, бесплатни паркинзи, бесплатни возачки дозволи, сите на работа ќе одат со точаци… Сѐ што ви треба, сѐ ви нудат пред избори. И сите дрвја ќе садат.

Сѐ е фино тоа што го ветуваат. Ама за да можат да остварат било што, ќе мора да направат само една клучна работа. Да се однесуваат како да живеат во општината што ја претставуваат и со која сакаат да владеат. Да живеат како нас, а не како да живеат на Марс, оти така бара партијата од која доаѓаат. И да покажат дека ги засегнува квалитетот на животот во општината исто како нас.

Што значи тоа? Го дишат истиот воздух што го дишеме и ние. Нивните деца, како и нашите играат во истото ѓубре. Одат во истите рунинирани градинки и училишта, каде што ги учат политички уценети наставници. Ја пиеме истата вода. И нивните деца исто како нашите пешачат по истите тротоари зафатени од коли. И тие немаат паркови за играње оти им се украдени од градежната мафија. И кај нив Брзата помош и Пожарната не можат да стигнат оти нема место од зградите и узурпираните јавни површини. Нека пробаат да возат велосипед без никој да ги снима за реклама. И нека пробаат да туркаат детска количка, или да се движат со инвалидска количка низ општините кои сакаат да ги владеат.

Толку бараме од нив. И толку треба да покажат. Само да почнат да се однесуваат како нас за платата што им ја даваме.

4 Убаво е тоа што еден од кандидатите ветува дека ќе сади дрвја за секое новородено дете. Ама, од Нова година до сега починале 123 новороденчиња во државното здравство. Тоа се 123 дрвја помалку. Значи, цела една шума помалку.

5 Што е чудно во најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека на денот на изборите ќе организира народни стражи?

Па видоа дека за народните стражи од 27 април никој не одговараше. Ниту пак има истрага. Кога Мукоски, Василевски, Бетмен, Дурловски, Дамовски, поминаа неказнето за народните стражи од 27 април, не знам зошто не би организириле исти такви стражи и на 15 октомври.

И конечно, дали сега е јасно зошто треба да се излезе и да се гласа на 15 октомври? И зошто овие избори не се само локални избори?

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира