НИШТО ЛИЧНО

Од 50 полицајци, колкумина оправдуваат семејно насилство?

    НИШТО ЛИЧНО

    1 Тоа што новиот државен обвинител Ненад Савески ѝ ги одзеде двата предмети што ги застапуваше обвинителката Ленче Ристоска против владејачката ВМРО-ДПМНЕ е за општо добро. Нели, премиерот Христијан Мицкоски минатата недела од собраниска говорница рече дека нема да се смири додека Савески не ги исполни неговите очекувања кои случаи да ги отвори и да расчисти со обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство. Па Савески побрза да ѝ ги земе предметите на Ристоска. Да го смири Мицкоски. Не е од јавен интерес премиерот да ни е нервозен.

    За волја на вистината, откако премиерот јавно му даде насоки, новоизбраниот Државен обвинител на новинарите им рече дека ако го почитуваат неговиот интегритет, неговите одлуки не треба да се нарекуваат политички.

    „Никогаш не сум бил член на политичка партија“, рече Савески.

    Па никој од обвинителите и судиите не е член на партија. Тие секогаш се само со партијата која моментално е на власт. Впрочем, членството во партија не е услов за да работиш како што од тебе очекува партијата на власт.

    Ненад Савески рече и дека немал ништо лично против поранешната специјална обвинителка Ленче Ристоска. Да отстраниш од процес обвинителка пред крај на два судски процеса против владејачката партија, никако не е лична одлука. И тоа обвинителка за која владејачката ВМРО-ДПМНЕ со години викаше дека е „крај за Ленче Ристоска“.

    Без нервози. Само смирено.

    2 По прашањето за вметнување на Бугарите во Уставот како услов за почеток на преговорите со ЕУ, премиерот Мицкоски рече дека „нема да се помрднеме ни милиметар, ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме на тие што нас ќе нè следат, а ако и тие не успеат, и на тие што нив ќе ги следат“.

    Освен гаранциите дека Бугарија нема во иднина да става нови вета за идентитетските прашања, премиерот бара Бугарија да го признае правото на политичко здружување на тамошното македонско малцинство. Можеби премиерот има некаква посебна инженерска логика, ама мене некако не ми оди в глава зошто милион и осумсто илјади граѓани што живеат во Македонија треба да останат со децении изолирани поради загрозените права на граѓани во ЕУ?

    Па тие луѓе се граѓани на ЕУ. Гласаат за премиер во Бугарија, земја на ЕУ, гласаат за пратеници во Европскиот парламент, имаат свој комесар и разни директори во Европската комисија… И Македонците што живеат тука, а докажувале дека се Бугари за да добијат бугарски пасош, се граѓани на ЕУ. Само ние Македонците што живееме тука и имаме само македонски пасош не сме граѓани на ЕУ.

    Особено инспирира како премиерот Мицкоски ни го тестира патриотизмот кога зборува дека сме спремни со генерации да чекаме да влеземе во ЕУ, додека зад него стои министерката за енергетика Сања Божиновска, со чешки и бугарски пасош. Што сака да ни каже Мицкоски? Барајте си го чарето сами, како што си го нашла министерката. И како што си го најдоа илјадници негови сопартијци, гласачи и поддржувачи што си извадија бугарски пасоши.

    Нека ги праша премиерот возачите на камиони, кои не можат да работат во Европската унија повеќе од 90 дена во шест месеци, дали се спремни да чекаат со децении за да им се даде можност да си ја заработат платата. Ене, пак се спремаат да ги блокираат границите, пак ќе трпи бизнисот. Нека ги праша и бизнисмените кои имаат само македонски пасош, нека ги праша работниците што не плаќале мито кај разни посредници за бугарско државјанство, нека ги праша студентите, постдипомците, лекарите, медицинските сестри, научниците, новинарите, спортистите, туристите…

    Таму нѐ шиканираат на секоја Шенген граница во посебни редици како да сме лепрозни, нѐ сликаат и ни земаат отпечатоци од прсти да ни избројат да не случајно сме останале ден повеќе, да им го потрошиме со дишење европскиот воздух. А тука, премиерот ни вика: малку ви се два часа тормозење на граница, додека ме гласате мене, со децении ќе чекате.

    Што не се бори во Брисел и по разните европски престолнини против понижувањето на македонските граѓани што го избрале тука? Што не им каже таму, нема да се смирам додека гледам како ги тормозите и омаловажувате моите сограѓани што ме гласале на избори?

    Наместо да се бори за нам да ни биде подобро, Мицкоски нѐ замајува со правата на граѓани на ЕУ што живеат во земја-членка на ЕУ. Македонците во Бугарија не го гласаат.

    3 Внатрешната истрага на МВР утврдила дека 39 полицајци не постапиле по пријавите за семејно насилство врз Ивана Стојаноска, која се самоуби заедно со нејзината шестгодишна ќерка Катја, не можејќи да го трпи долгогодишното тепање од сопругот Стојанче Јовановски. Во претходен случај, од пред неколку месеци, се истражува дали 11 полицајци не постапиле по пријавите против Илија Стефаноски, кој ја уби партнерката Росица Коцева и татко ѝ.

    Зарем ниту еден од тие 50 полицајци не можел да препознае страв во очите на жртвите? Па уште, на Ивана ѝ се заканувале дека ако уште еднаш го пријави насилникот, тие ќе ја гонат за лажно пријавување. Колку од тие 50 полицајци оправдуваат семејно насилство? Колкумина од тие што гледале како Ивана е тепана на улица, во болница, пред суд, оправдуваат семејно насилство? Тука се, меѓу нас.

    Овој случај уште еднаш, по којзнае којпат, ја исфрли на површина сета системска негрижа, како по дефиниција – од А до Ш. Тоа немање гајле, тоа не ми е мене работа, тоа не е моја одговорност, тоа фаќање сеир и солење памет кој како треба да постапува, почнувајќи од полицајци што ѝ викале „Ај смирете се, сѐ ќе биде во ред“, преку социјални работници, до градинки, школи… И на крај, ќе оставиме социјалните мрежи, каде што секоја будала може сешто да треска, да судат и пресудуваат.

    Што сѐ не се заборавило кај нас, па ќе го заборавиме и ова судење на насилникот Стојанче. Како што заборавивме дека беа убиени Росица и татко ѝ.

    Ние веќе ги забораваме и 63-те жртви на системската негрижа од пожарот во дивото диско во Кочани од пред една година, а не пак да ги памтиме поединечните жртви на семејно насилство.

    Во оваа нормализирана системска негрижа со која секојдневно преживуваме, тажната приказна за Ивана и Катја ќе се сведе на – само уште две жртви на семејно насилство.

    4 Мисијата „Артемис 2“ ја напушти земјината орбита и со четворица астронаути се движи кон Месечината. Ова е првпат од 1972 година луѓе да патуваат надвор од земјината орбита.

    Длабоко сме навлезени во третата деценија од 21 век. Ги читам коментарите на социјалните мрежи под веста за мисијата кон Месечината. Луѓето се смеат, пишуваат: „Од лага, во лага, не верувајте“. Или: „Во кое студио се снимени? Исто како во 1972“.

    Ако ги прашаш зошто некој би лажел дека луѓето тргнале на пат кон Месечината, немаат одговор. Ако ги прашаш, кој има есап од таа лага, пак немаат одговор. Сите ние сме наивни и чекаме во мрак за тие, што веруваат во теории на заговор, да нѐ просветлат со вистина.

    Да не заборавиме: тоа е демократија. Секој има право на глас. И секој глас исто вреди. Тоа треба да го има на ум секој кому ќе му текне да се откаже од правото на глас затоа што, „немам за кого да гласам“.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира