1 Супер е што Владата решила да ги укине економските директори на скопските клиники. Останува уште – да ги укине. После 10 изјави и 5-6 соопштенија и три-четири интервјуа во кои се зборува за намерата да се укинат директорите, што од пратеници, што од Владата, што од самиот премиер, останува уште да се смени законот. И новиот закон да се изгласа во Собранието. Дотогаш, економските директори законски уште си постојат.
Економските директори беа воведени во 2006 и покрај противењето на стручната јавност, како една од првите клучни реформи на Владата на Никола Груевски. Скопскиот клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си работеше 10 години по тој закон.
СДСМ во изборната програма во 2016 напиша дека ќе ги укине економските директори. Дури си дадоа и рок – до 1 декември 2017. Арбен Таравари, кој и тогаш беше министер за здравство, разреши неколку економски директори, но системот не го укина. Не даваше ДУИ.
Само, не знам дали кога премиерот Христијан Мицкоски вели дека дуализмот во менаџирањето на клиниките создава проблеми во функционирањето на здравството, мисли само на осумте години кога на власт беа СДСМ и ДУИ, или и на десетте години кога на власт беа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Или, во нивно време ДУИ даваше подобри кадри за економски директори.
Мицкоски вели дека со укинувањето на економските директори ќе има „намалување на функционерите во здравството, стоп за дуализмот и лоцирање на одговорноста“, а со реформата „ќе имаме обединување на сите клиники во една институција, еден Клинички центар“.
Супер ќе биде кога ќе се укинат економските директори. Ќе останат повеќе пари за медицинските работници и за опрема. Супер ќе биде кога Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го смени законот што го донесе Владата на ВМРО-ДПМНЕ. И супер е што Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го обедини Клиничкиот центар што Владата на ВМРО-ДПМНЕ го растури.
Супер е кога се учи од грешките. Ама, најслатко е кога ќе обвиниш некој друг за твоите грешки. И притоа, спиеш на уво дека никој не се сеќава на нив.
2 Владата на Мицкоски одлучи и да ја врати металната ограда од 700.000 евра околу седиштето на владината зграда на Илинденска што ја постави Никола Груевски во 2015, кога објектот беше облечен со барокна фасада, а Владата на Зоран Заев ја тргна во 2019 бидејќи тоа беше предизборно ветување во 2016. Тогаш беше тргната само металната ограда, а столбовите беа оставени оти Владата велеше дека нивното остранување ќе биде многу скапо. Две години им требаа да се фатат да го откорнат само железото. Да ги биваше, ќе го стопеа, па сега немаше да ги обвинуваат дека ја чувале оградата „несоодветно, под надворешни влијанија“. Замислете, надвор била оградата, ја врнело дожд, ја печело сонце.
Сегашнава Влада вели дека објектот е опкружен со „нефункционална и нерепрезентативна ограда“. Се сврте кругот. Од „Ружна ви е Владата“, како што скандираа демонстрантите на Шарената револуција во 2016, дојдовме до „Ружна ви е оградата“ во 2024.
Дали треба да нѐ плаши враќањето на оградата? Ако на 600.000 граѓани што го дале гласот за оваа коалиција оградата не им пречи, нека ја враќаат. Голема работа, та ограда, та без ограда, со тривијални работи ќе се занимаваме.
Само, сега кога ќе ги враќаат железата, би ги замолил министрите да ни го остават незаграден Споменикот на ослободителите на Скопје. Уште во 2015 пишував дека споменикот не е на Владата, туку е наш. Додуша и Владата е наша, ама ај ќе речеш, за безбедноста на премиерот и министрите се работи. Само тие си знаат што планираат да прават штом пак ќе се заградуваат. Споменикот е доволно одалечен од владиниот објект за да не им ја загрозува безбедноста.
Оставете простор за клупи, за цвеќе, за ученички посети, за историски часови…
Притоа, не викајте дека тоа не може да се изведе. Од СДСМ беа познати по тоа да наоѓаат милион оправдувања зошто нешто не може да се направи. Вие не сте избрани да викате дека не може. Вратете си ја оградата. Ама ослободете ни го Споменикот на ослободителите.
3 Мицкоски ја обвини Владата на СДСМ и на ДУИ дека ништо не правела за Македонците во Албанија, па затоа на последниот попис како Бугари се попишале околу 7.000 луѓе, иако на претходните пописи немало ниту еден.
Бугарија и на Македонците во Албанија им го нуди пасошот што го имаат и министри во нашата влада, а верувам и пратеници и избрани функционери. Со таа бугарска понуда, Македонија не може да се бори. Наместо да копа за гол живот во Пустец, ќе си фати работа во Германија со пасош на ЕУ.
Тоа се лицемерието, самобендисаноста и себичноста на ЕУ што нѐ фрустрираат и нас тука во Македонија, а и граѓаните на Албанија. И во право е Мицкоски кога вели дека, штом во Албанија се попишале повеќе Бугари отколку што се пријавиле кај нас, тогаш и на Албанија ќе треба да ѝ бараат да ги внесе Бугарите во Уставот за да ги почне преговорите со ЕУ. Ама, не е во право кога го обвинува СДСМ и за статистичката бројка на Бугари што се појавиле на албанскиот попис.
Не знам која Влада во овие триесет и кусур години независна држава колку направила и што направила за Македонците во Албанија. Ама, паметам дека ВМРО-ДПМНЕ се трудеше околу нив особено во 2013, кога ги пријавуваа жителите на Пустец по 40 души на една адреса на избирачки список и „како гревчиња се држат за раце и си гласаат“ . Тогаш ВМРО-ДПМНЕ навистина покажа сериозна грижа за Македонците од Албанија.
Да, да… Најслатко е кога ќе обвиниш некој друг за твоите грешки. И притоа, спиеш на уво дека никој не се сеќава на нив.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST