ПЛАШЕТЕ СЕ ОД НАС

Што не се сликаат кога го распродаваат државното земјиште за маркички со кои од индивидуални куќи направија цели станбени блокови? Или кога ги легализираат дивоградбите?

    ПЛАШЕТЕ СЕ ОД НАС

    1 Ако власта е спремна неовластено да снима синдикален лидер сосе децата, па уште и таа снимка јавно да ја објави, тогаш што останува за другите? На што ли е сѐ спремна власта во битката со некој посилен политички противник отколку обичен синдикален лидер?

    Вечна е темата за синдикалните барања. Откако постои капитализмот, постои и темата за поголема плата и работнички права. Сите досегашни влади си имаат расправии со синдикатите и сите ги обвинуваат дека се продолжена рака на опозицијата. Џанам, страшна работа. Синдикатов барал повисока минимална плата. Тоа толку ја дестабилизираше државата, за да мора власта да го следи синдикалниот лидер со чија кола ги вози децата.

    Премиерот Христијан Мицкоски може колку сака да ја оценува психичката состојба на синдикалниот лидер Слободан Трендафилов кој имал „крвави зеници и белки во очите“. Може и да бара извинување од него, затоа што пратеничката Дафина Стојаноска била „жена и мајка и сопруга“, а Трендафилов ја пријавил во полиција за неовластено снимање. И пратеничките, колешките на Стојаноска, го обвинија Трендафилов оти вршел „брутален притисок врз жената во политиката“. Божем, снимањето на „маж и татко и сопруг сосе децата“ не е брутален притисок.

    Знаеме дека во ВМРО-ДПМНЕ се мајстори да ја извртат приказната. Ама, факт е дека видовме снимка што е направена тајно и снимката ја објави пратеничка на владејачката партија. А пратениците на таа партија уште и ја пофалија за ова кривично дело оти имала „храброст јавно да го изнесе расипништвото на синдикалниот лидер“.

    Е па, навистина треба храброст јавно да признаеш дека неовластено си снимал. И тоа од позиција на власт.

    Покрај храброста треба да имаш и образ-ѓон кога од позиција на пратеник, кој од државниот буџет наплаќа илјадници евра годишно за патни трошоци, морализираш за расипништвото на синдикалниот лидер кој приватно го користел службеното возило на Синдикатот и го прашуваат колку литри бензин потрошил. Што веројатно е легитимно прашање за Синдикатот, ама не за државата. Само најхрабрата од нив, Дафина, во 2025 година наплатила 255.000 денари патни трошоци оти не преспива во еден од четирите стана на мајка ѝ во Скопје кога доаѓа од Гостивар. А да не заборавиме – муабетот почна од темата: покачување на минимална плата на работниците. Тие што им ја обезбедуваат платата на пратениците. Сосе патните трошоци.

    Замислете некој од ВМРО-ДПМНЕ да беше вака неовластено снимен и вака да му се пушти снимката. Каква драма ќе беше тоа. Кога на почетокот на мандатот на оваа влада, во јули 2024 се појави слика од премиерот со син му на Самитот на НАТО во Вашингтон, на логичното прашање „дали и синот патувал на државна сметка?“, тој луто одговори: Не ми ги чепкајте децата. Ама, туѓите деца смеат да се следат и снимаат.

    Неовластено снимање сме имале и досега. Ама сега за прв пат власта – пратеници и премиер –  јавно се фали дека го прави тоа. Башка, кој памти, кој заборавил, ама ова доаѓа од партија во чиј мандат пред десет години нелегално беа прислушувани 26.000 граѓани. Меѓу нив бев и јас. Ме прислушувале две и пол години.

    Што е пораката во големата слика? Плашете се од нас.

    2 Светот драматично се менува. На големо веќе се зборува дека членството на Украина во Европската унија може да се врзе во пакет како услов за завршување на војната.

    Каде сме ние во приказната?

    Имам чувство дека власта ни го губи времето кога главна вест во државата е дека премиерот бил на увид на доградба на три соби во градинка. Тие градилишта ни градоначалник не мора да ги посетува, а не пак премиерот, министри, пратеници, претседатели на општински Совети. Што е следно историско достигнување? Пуштање славини во школските вециња?

    Што си мислат кога се сликаат на доградбите? Дека нам не ни следуваат градинки, школи и улици? Дека за нив ние не сме платиле даноци и комуналии? Дека нѐ честат нешто од свои пари? Што не се сликаат кога го распродаваат државното земјиште за маркички со кои од индивидуални куќи направија цели станбени блокови? Или кога ги легализираат дивоградбите? Нормално дека треба да доградат и школи и градинки и улици кога ги пренаселија населбите. Платени им се комуналии за да доградат инфраструктура. Тоа им е работа.

    Барем да беше некоја нова зграда, некое архитектонско достигнување, некоја иновација, па да се сликаат.

    Светот се сврте, ние со доградби се фалиме.

    3 Па и ова со марихуаната, запленета во складишта на легалните производители на марихуана, е колку да се најдат во работа. Владата донесе одлука да прави вонредни контроли кај легалните производители на марихуана. Бидејќи со редовните контроли им избегаа пет тона во Србија.

    Половина мандат ќе им помине со пропагандната платформа: Заев да каже, Филипче да каже!

    Зоран Заев не е премиер од декември 2021. А ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се на власт од јуни 2024. Сега е февруари 2026.

    Во ВМРО-ДПМНЕ секој ден се бават само со озборување на опозицијата.

    За разлика од СДСМ што си се озборуваат сами меѓу себе. И од сите луѓе што им останаа, најдоа за темава за марихуаната да ги претставува човек кој јавно призна дека шмркал кокаин на работно место во јавна институција.

    Лидерот на СДСМ Венко Филипче е неврохирург. Ама тоа не значи дека СДСМ треба да нѐ третира како сите да сме оперирани од мозок.

    AUDIO PODCAST

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира