ПЛЕСКАЊЕ ВО ПРАЗНО

За психијатриски третман за лечење фрустрации пари не даваме

ПЛЕСКАЊЕ ВО ПРАЗНО

1 Еј, ама ѝ го плесна премиерот Христијан Мицкоски на Урсула фон дер Лајен за време на ручекот во Брисел. Ги одбрани националните интереси без виткање кичма и без лижење чевли. Им треснал на маса: Ако сакате да нѐ примите во ЕУ, ќе најдете начин да нѐ примите, и замина за Штип да реди плочки на улицата каде што беше промовирана џиновска пастрмајлија долга два метра.

Премиерот пред да замине за Брисел рече дека таму ќе ги пренесе „фрустрациите што ги имаат македонските граѓани, оти повеќе од деценија и пол не сме во во можност да почнеме преговори со ЕУ, оти има вештачки наметнати пречки кои ниту една друга земја ги немала“.

Божем, тоа е тема на муабетот. Можам да замислам како се зачудиле домаќините: А бе, ние стотици милиони евра сме спремни да им дадеме, а овој за фрустрации дојде ни раскажува.

Европската унија минатата есен одлучи да одвои 6 милијарди евра за развој на земјите од Западен Балкан. Секоја од овие 6 земји што припаѓаат на црната дупка среде Европа треба да подготви проекти за да ги добие парите. Така што, од Мицкоски очекував во Брисел да им каже како ќе ги троши парите што тие решиле да ни ги дадат.

Верувам дека и нему му рекле, како и на претходната влада што ѝ викаа сто пати, и во Собрание доаѓаа и ни држеа говори: Имаме разбирање за вашите фрустрации. Туку, имате ли вие план како ќе ги трошите парите што, како за утеха дека не ве примаме, сепак сме одлучиле да ви ги дадеме? За психијатриски третмани за лечење фрустрации пари не даваме. Имате ли некакви други барања? Еве, имате ли некаков проект што е готов за финансирање, а ги надминува достигнувањата на линеарно покачување на пензиите и доградба на школи и градинки? Некаков проект што ќе биде толку важен што државата ќе ја доближи до ЕУ.

Тие секако решиле парите да ги поделат меѓу нас, па ако не ги земеме ние, ќе им ги прераспределат на Србија, Косово, Албанија, Црна Гора или Босна и Херцеговина. Ќе им го најдат чарето, ако ние не сме способни да ги потрошиме.
На крајот на краиштата, ако Мицкоски го бива за владеење и со тие и без тие пари, нека ни ја донесе ЕУ дома. Па после нека се фрустрира колку сака. Со тој себап и фрустрацијата ќе му помине. А и нам.

Сѐ друго е одење по ручеци и плескање во празно.

2 Не дека Мицкоски не е во право кога вели дека ако земјите на ЕУ сакаа да нѐ примат, досега ќе најдеа начин да нѐ примат. Бугарија не е проблем, Бугарија им е изговор. Башка, уверен сум дека кога можеа Бугарија да ја примат сигурно можат и нас. Помалку сме од едно предградие на европска метропола што верувале во ЕУ и останале да ја чекаат ЕУ тука и не се отселиле таму. Ама, ај веќе да не се фрустрираме дополнително со тие муабети, мачно ми е, а и здосадено.

Во меѓувреме се сменија владите низ ЕУ, се смени Владата тука, па можеби им поминал меракот за проширување. А можеби и не. Зборот ми е, не е муабетот сакање, или мразење. Муабетот е: Ако се пазариме, барем да ќариме. Тоа е темата уште од самото прогласување независност, ама нам доцна ни текна, оти изгубивме 20 години несакајќи да го прифатиме фактот дека со Грција воопшто и преговараме за името.

На политиката на проширување на ЕУ не можеш да влијаеш. Уште помалку можеш да им го менуваш принципот на консензус. Па ние веќе пет години живееме со ветото од Бугарија. Малку ли се? И верувам, уште ќе живееме. Работава е: Биди практичен. Сработи нешто. И ако веќе се пазариш со ЕУ, гледај да ќариш. Само така и ние ќе видиме фајде од ручеците во Брисел.

3 Исто како што видовме фајде од ручекот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Софија. И ете, во духот на тажната судбина на македонскиот народ, пак ние сме жртва затоа што претседателот Румен Радев ја намести македонската претседателка да се слика само пред бугарско знаме.

А бе, ние немаме еден асален протокол, една обична посета од културна дипломатија на претседателката да ѝ организира на 200 километри од Скопје. Тие што знаеја од времето на бившата држава отидоа во пензија, дојдоа партиските недоквакани кадри што мислат дека знаат сѐ, па ништо не учат. А се силиме дека, со нашава дипломатија и со составот на луѓето по министерствата од клучните кабинети, ќе лобираме во 27 земји на ЕУ да си ја сменат политиката на проширување.

Радев навистина е злонамерен. Ама нашиве сами си се наместија. Бугарите викаат дека немало потреба од македонско знаме оти претседателката не била ни во официјална, ни во работна посета. Приказнава излезе: Тргнав јас на опера, па си викам, да му се јавам на Радев да прашам дали е таму, да поминам на едно кафе. И тој вели, госпоѓо, не само кафе. И ручек ќе ти дадам. Ама не сум сама, носам и две деца со мене, министрите за надворешни работи и за култура. Е ако де, сите ќе ручаме, ќе ја викнам и потпретседателката Јотова што го отвараше бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, ќе си правиме муабети за Копенхашки критериуми, па после одете си вие в театар.

Македонско знаме немаше ни на средбата на министерот за култура Зоран Љутков, а шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски не се ни сретна со неговиот колега од бугарската влада. Тој само ручаше. Барем слики и од ручекот да пуштеа, да видевме што јаделе, да не им подметнале и таму нешто.

Вакви или такви, Бугарите, не испратија слики од Кабинетот на претседателот. Нашите беа тие кои со голема помпа и фалење сами си ги објавија сликите и со претседателката и со министерот Љутков, без македонското државно знаме. Па после, Бугарите не чинеле, па демарш, па нивниот амбасадор не го примал демаршот, па нашата амбасадорка ќе го носела, изгледа во архива ќе им го остави на шалтер, па Бојко Борисов од Бугарија ќе го менува македонскиот вицепремиер Александар Николоски оти рекол дека се нецивилизирани домаќини и ќе прекинува секакви разговори со Македонија, па Николоски се распаметил од нервоза и од Будимпешта распали со видео со некои плочки во позадина, како во ве-це да се криел додека се снимал… културна дипломатија нели сакаш, среќа уште не избила Трета светска војна.

Премиерот Мицкоски по овој дипломатски скандал рече дека за него било поважно дека „Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија“.

Оф, мори мајко. Европа 26 години ги гледаше вистинските намери на Грција, па око не ѝ трепна. Европскиот суд за човекови права во Стразбур 17 години по ред ѝ пресудува на Бугарија дека ги крши човековите права затоа што не признава македонско малцинство, па ене ја, тие се внатре, ние сме надвор. Ние и пресуда од Меѓународниот суд во Хаг добивме во наша корист во спорот со Грција, па никој не се потресе, а сега Европа и светот за едно знаме ќе се растревожеле.

А бе, си ги знаеме Бугарите, не се од вчера. Обичен граѓанин трга на скијање, па уште на Деве Баир, на поминување граница е спремен на провокации, четири очи отвараш, со четири уши слушаш, броиш до три што ќе кажеш, а ние ја пуштивме претседателката да ја дрпаат новинари на улица и без ред да ѝ се внесуваат со микрофоните и камерите в лице. Па таа уште и поезија им раскажуваше среде Софија, многу сака професорски да беседи.

Историјата нѐ научила дека од Бугарија можеш само белја да очекуваш. Не си ја бараш самиот.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира