ПОСЕБНО СЕМЕЈСТВО

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е загрижена дека владејачката СДСМ почнува да владее по моделот на ВМРО-ДПМНЕ и фамилијата.

ПОСЕБНО СЕМЕЈСТВО

1 Ете ти сега нов проблем. Што правиме ако на премиерот Зоран Заев итно му затреба совет од областа на внатрешната безбедност и борбата против радикализмот, а советникот му дал оставка?  Неодамна именуваниот советник на премиерот Џезаир Шеќири, поранешниот командант на ОНА – Хоџа, рече дека не сака Македонија да трпи на својот пат за ЕУ и НАТО поради тоа што медиумите кренале голема врева околу неговото назначување.

Десетици команданти веќе со години седат во власта и како министри и како директори и како градоначалници. А Талат Џафери е претседател на Собранието. И таа приказна е завршена уште со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор пред 17 години.

Така што, дојде време да се ресоцијализира и командант Хоџа. И медиумите не кренаа толку врева за назначувањето на поранешен командант на ОНА за советник на Заев. Туку вревата се дигна поради изјавата на премиерот. Кој рече дека, покрај тоа што Хоџа може да помогне ако во Танушевци се јават екстремистички терористички групи затоа што таму живее и добро го познава теренот, тој ја има предвид и социјалната компонента и со вработувањето на Хоџа му овозможува „чесно да заработи лепче за своето многучедно семејство“.

Не знам дали премиерот Заев има посебен советник за креативност да ги смислува имињата на задолженијата на советниците. Или самиот тој е толку креативен, што смислил 56 имиња на советнички задолженија? Или пак му помагаат оние 40 луѓе задолжени за транспарентност и отчетност?

На крајот на краиштата, не се битни имињата на задолженијата, па, да речеме, ни имињата на избраните советници. Битно е зошто Заев ги избира советниците? Затоа што навистина му требаат? Или за да ги вдоми на државни јасли? И со парите на даночните обврзници да си купи партиски и коалициски мир?

2 Според тоа како Заев ги образложува кадровските решенија, излегува дека главниот мотив не е потреба за совет, туку купување мир.

Тој и за предлогот за вработувањето на сестрата на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Комисијата за хартии од вредност имаше креативен одговор. Рече дека тука нема конфликт на интереси затоа што „таа е посебно семејство“.

Заев, кога зборува за својот имот и за семејниот бизнис, вели дека тоа се бизниси заеднички со браќата. Значи браќата се исто семејство. Сестрите не се. Оти кога се омажиле отишле во семејство кај некој брат.

3 Сфаќам дека е голем предизвикот за некој што работел во приватна фирма да замине на државна плата затоа што сака да помогне земјава да стане подобра. Веројатно е така и со сестрата на Катица Јанева, како што впрочем и со самиот премиер Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Верувам дека и децата на Талат Џафери, Мирослав Грчев и Љубомир Фрчкоски биле одлични студенти и сакаат со државна плата да ѝ помогнат на државата работејќи во државни фирми.

Ама, има стотици други одлични студенти кои имаат иста мотивација и волја, ако не и поголема, да ѝ помогнат на државата, ама татковците и мајките не им се советници на премиерот и државни функционери. Што е разликата меѓу едните и другите одлични студенти? Тоа дека едните имале привилегија да останат дома, а другите ја немале таа привилегија. И решиле да заминат. Да унапредуваат некои други држави.

4 Кого препознавате во овој опис:

„Премиерот и криминалниот картел кој го води ја киднапираа државата и наместо за државниот, работат за личниот и партискиот интерес. Бизнис моделот на премиерот е преку државни ресусри да се зголемува семејното богатство“.

Ова е соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски од потсвеста го извади и го именува моделот со којшто владееше ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски и фамилијата. И сега, опозициската ВМРО-ДПМНЕ е загрижена дека владејачката СДСМ почнува да владее по моделот на ВМРО-ДПМНЕ и фамилијата.

Шегата на страна, ама да сум на местото на Заев, ова јавување од поствеста на вмровците би го сфатил многу сериозно. Доста нѐ сотре една фамилија. Не сакам сега да нѐ сотира и друга фамилија.

Самиот Заев од почетокот на објавувањето на бомбите викаше „Ова зло никогаш да не се повтори“. И бидејќи е на власт, тој има историска одговорност такво зло никогаш да не се повтори. И тој лично, а и неговата партија.

И ако продолжи со практиките на Груевски, како што се измислувањето советнички места и привилегирање семејни бизниси, тешко на државата. А тешко и нам, што си немаме фамилија на власт.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира