1 Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацлиев се спотерал среде ноќ до граничниот премин Богородица, за лично да го пречека камионот со 140.000 обрасци за пасоши. Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, сакајќи уште повеќе да го потенцира скандалот со недостигот на пасоши, не се симнува од телевизиите, си шири партиска вмровска пропаганда и внесува дополнителна забуна кај граѓаните со бројки за обрасци, интерни истраги, доцнење на издавање на пасошите иако граѓаните се сликале уште лани во декември. Можеби и е нормално дополнителниов заменик-министер од редовите на СДСМ, поставен да го контролира министерот, да објави дека сепак во земјава стигнале значителен број обрасци, за колку-толку да го амортизира гневот кон СДСМ. Ама, сосема несфатливо ми е зошто баш мораше да се слика на граница кога веќе отишол да го поздрави камионот. Па на сликите уште и рапортирање од командирот на граничната полиција, па муабет со полицајците во куќарките и на крај – сендвич за камионџијата.
И ај ќе си речеш, налет и сендвичот, налет и полицискиот поздрав и рапортирање, ама целата објава на социјалните мрежи му ја смисли ли некој, или нему самиот му текна? Сега не би ме зачудило, по свечениот пречек на пасошите на граница, да следува и свечен прием на пасошите во депоата на МВР во Скопје. Па министерот Тошковски лично да го верификува нивното присуство со броење на обрасците. Оти, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаат согласност ни околу бројката на пасошите. Не би ме зачудило дури ни ако ВМРО го почести возачот со топол брок наспроти студениот сендвич на СДСМ. Море, државјанство нека му даде.
Но, најмногу ми боде очи онаа реченица од официјалните соопштенија на МВР дека ова било „демонстрација на концептот – МВР за граѓаните“.
Од такт ме вади кога повторно и повторно се уверувам дека власта и партиите, всушност, живеат во паралелна реалност мислејќи само на себе, самозадоволни во својата удобност и така, одвреме-навреме, пред избори ќе исфрлат некоја парола дека се за граѓаните. Демек, направиле екстра напор. А платени се за тоа, баш од граѓаните даночни обврзници. Па мајку му, за кого е МВР ако не е за граѓаните? За кого е Министерството за финансии, ако не е за граѓаните? За кого е Владата ако не е за граѓаните? Казниво со закон е ако работат против граѓаните.
Се знае за кого е – секое министерство за своите граѓани. Со оваа техничкава Влада уште и бетер. Своите граѓани се поделени и зависно од која партија е министерот, или дополнителниот.
Ова брутално партизирање на државата не само што ја извади на површината неспособноста на партиските кадри што треба да се во служба на граѓаните, туку одново покажа и дека баш им е гајле за граѓаните.
2 Во преставата „во служба на граѓаните“ се вклучија и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски и Миле Лефков. Тргнале во дипломатска мисија за Бугарија, преку граничниот премин кај Делчево, да докажуваат дека може да се патува со стариот пасош и сами си се снимале. Успеале да ја поминат границата, ама – со дипломатски пасош.
Тие барем можат да извадат дипломатски пасош. За него не треба да вртат телефон на кој никој не се јавува и за нив секогаш има термин за сликање. А и не мора да чекаат во редици на аеродром, или во колона на граница заедно со сите граѓани во чијашто служба се. Оти, само за тоа им служат дипломатските пасоши.
Настрана ова, многу би сакал да знам колкумина од македонските пратеници покрај обичниот и дипломатскиот пасош со себе си го носат и бугарскиот пасош. И уште повеќе би сакал да знам колкумина од тие што ќе ни се појават на листите за избор на пратеници си имаат пасош на некоја резервна татковина. За да знам како да се однесуваме ние што сме упорни и сме останале само со македонски пасош.
3 Ова што ВМРО-ДПМНЕ уште сега си се гледа себеси како победник на изборите, не е затоа што таа партија понудила нешто подобро отколку тоа што го гледавме во времето на Никола Груевски. Ниту пак има некое достигнување.
Едноставно, СДСМ не ја искористи историската шанса. Беа во опозиција 11 години. Двапати беа тепани во Собрание. Во 2012, власта на ВМРО-ДПМНЕ им ги влечеше пратениците како партали и ги исфрли од собраниската сала. Во 2017 беа дојдени и да ги убијат. И кога во 2017 успеаја и без доволен број пратеници, со меѓународна помош да направат Влада, ја прокоцкаа довербата. До толку, што сега нѐ доведоа до ситуација ВМРО-ДПМНЕ да ни зборува за демократија, владеење на право, да обвинува за партизација, крадење и корупција…
И што направи СДСМ? Ги амнестираше вмровските криминалци со закон. И отштета ќе им плаќаме. Па уште вмровците им морализираат: Не, не ги гласавме ние тие закони. СДСМ сам си ги гласаше.
Туку, анџак плати им плаќаме на пратениците за да носат вакви глупави закони, ќе им платиме и судски трошоци на оние кои пратениците ги ослободија.
Еј, доживеавме за слобода на медиуми да ни зборува ВМРО, тие што спружуваа на насловни, гасеа струја по телевизии и прислушкуваа новинари. И тоа не се нови луѓе, што не ги знаеме. Истите ликови се од најблискиот круг на Груевски.
А што е најтрагично, ВМРО-ДПМНЕ не е крива за тоа.
4 ДУИ тргна во кампања дека дошло време Албанец да биде претседател.
Ај нека не набиваат тензии дека Македонците не сакаат Албанец за претседател. Македонците не сакаат криминалец. И Албанците не сакаат криминалец. И сите останати наведени во Уставот не сакаат криминалец. Тоа е најважното. Но, прашање е дали оваа партија тоа може да го испорача.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST